Комесарот за проширувањето на Европската унија, Штефан Филе наместо в сабота на претседателскиот Самит, ќе дојде во Македонија в петок.
Тој ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи од Процесот на соработка на земјите од Југоисточна Европа, јавува МИА.
Како што потврди Петер Стано, портпарол на Филе, првиот човек за проширување на Унијата на 31. мај ќе пристигне на состанокот на министрите во Охрид и вечерта веднаш ќе се врати назад во Брисел.
Она што се очекува е Филе да им се обрати на присутните шефови на дипломатиите на државите од Југоисточна Европа и притоа да побара од нив тесно да соработуваат во овозможувањето на останатите држави од регионот да и се приклучат на ЕУ.
По завршување на состанокот, тој поради обврски нема да остане во Охрид за Самитот на претседателите на земјите од ПСЈИЕ што ќе се одржи в сабота.