Србија направи голем чекор на патот кон Европската унија, изјави Штефан Филе по разговорот со српскиот претседател Томислав Николиќ, кој нагласи дека ова е клучен период за односите.
Комесарот за проширување истакна дека Брисел ја поддржува Србија на европскиот пат и нагласи дека три главни приоритети стојат на патот кон Европа: економското закрепнување и реформите во земјата, зацврстување на владеењето на правото и нормализација на односите со Приштина.
– Пред неколку дена одбележавме 10-годишнина од најголемото проширување на ЕУ. Во 2004 година евроинтеграциите изгледаа недостижни за Србија а денес се очигледна извесност. Верувам дека Србија е способна таа можност да ја претвори во реалност, нагласи Филе.
Од друга страна, претседателот Николиќ посочи дека Штефан Филе за време на својот мандат ја променил сликата за неговата земја и цело време бил посветен и и давал поддршка на Србија.
– Не очекувам дека ЕУ на било кој начин ќе го оспори она што Србија го постигна во евроинтеграциите. Личните решенија се на ЕУ а исполнувањето на обврските се наши, рече Николиќ
Еврокомесарот Филе посочи дека Србија остварила импресивен напредок на патот кон ЕУ, и рече дека охрабрувачки е што граѓаните на изборите ја подржале партијата која е решена дека иднината на земјата е во Европската Унија.
За таа цел, тој истакна дека покрај поддршката за реформите во Србија, во наредниот период ЕУ ќе го зголеми нивото на техничка и стручна помош во земјата.