Министерот Венко Филипче по пристигнувањето на 200.000 вакцини на компанијата „Синофарм“ од Кина изрази голема благодарност до кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо, но и до неговиот тим, кои секојдневно се ангажирале за да стигнат вакцините во земјава.
Тие веќе се доставени во ладната соба и со запазување на ладниот ланец ќе бидат дистрибуинарни до сите вакцинални пунктови во земјава. До крајот на месецов ќе има пунктови и во Велес и Прилеп, соопшти Филипче.
– Процесот на имунизација во земјава ќе тече според пријавите на граѓани за вакцинација според возраста. Граѓаните кои се пријавиле на вакцинација.мк ќе добијат или смс порака или мејл за терминот кој ќе го добијат за вакцинација. Апелирам сите да се пријават“, рече министерот Филипче.
Според министерот, веќе до летото ќе бидат вакцинирани голем број граѓани во земјава, и тоа значајно ќе ја промени сликата со пандемијата со коронавирусот.
Министерот тврди дека сите вакцини се безбедни за граѓаните, и нема потреба граѓаните да бираат која вакцина ќе ја примат, туку да ја примат онаа вакцина која ќе им се падне според редот како се пријавени за вакцинација.
– Нема потреба да се бираат вакцини, сите се со еднаков квалитет. Граѓаните слободно да ја примат вакцината што ќе им биде понудена без да се грижат, ниту треба да мислат да даваат предност на еден вид вакцина пред друг“, рече Филипче.
Министерот најави дека овој месец треба да пристигнат, покрај овие 200.000 вакцини од Синофарм, уште 500.000 вакцини од Синовак, а ќе стигне и донација од 100.000 вакцини на Синофарм која ја договорила министерката за одбрана Радмила Шекеринска со кинескиот колега.
Филипче апелираше сите граѓани да се пријават за вакцинација на сајтот отворен за таа намена.
Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо рече дека вакцините се важна алатка во борбата против пандемијата.