Министерството за здравство собира информации од финските власти за тоа кои се 24 патници позитивни на вирусот, дали станува збор за неколку семејства или се поединечни случаи, каков тип на тестови им биле направени, а Институтот за јавно здравје веќе работи на проверка дали на некои од патниците им била издадена мерка самоизолација во нашата земја. По добивање на информациите за позитивните веднаш ќе се пристапи кон утврдување на контактите кои тие лица со позитивни тестови евентуално ги имале во нашата земја, тврди министерот за здравство Венко Филипче.
„Ниту еден од патниците којшто бил тука во нашата земја со престој како двојно државјанство финско и македонско не е на листата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, односно нема решение за изолација заради позитивен корона тест. Тоа што сега го чекаме после контактот кое нашето МНР го направи со амбасадата во Стокхолм – која амбасада ја покрива и Финска е листата со имиња – 24 патници кај коишто било констатирано присуството на вирусот, заради тоа што во авионот имало и други државјани, имало државјани на Косово кои што во нашата земја може да транзитираат без тест.
Не само тие државјани на Косово, туку било кои други. Ова е еден мотив повеќе на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести дискутираме дали евентуално и за граѓаните од соседните земји кои транзитираат треба да бараме ПЦР тестови“, изјави денеска министерот Филипче.
На прашањето како лицата воопшто се качиле на летот, но и какви се процедурите, министерот Филипче истакна дека доколку некој има решение за изолација, а во овој случај немало, тогаш одговорно е Министерството за внатрешни работи за да се спроведува таа контрола.
„Меѓутоа тоа не е очигледно сценарио, не знаеме сè уште доволно податоци. Повторно ќе кажам прво дали се наши и фински државјани со 2 пасоши, со двојно државјанство граѓани или станува збор за државјани на Косово. Кога ќе ги имаме овие информации, се надевам во текот на денот можеме да ја имаме целосната слика за тоа што се случило“, рече министерот Филипче.
Во однос на новинарското прашање каква е процедурата и дали се потребни тестови за лицата кои транзитираат низ земјава, министерот Филипче информираше дека секој може да транзитира. Има ограничен број на часови за влез и излез од земјава и затоа засега не е потребен ПЦР тест, но посочи дека на утрешниот состанок ќе се дискутира повторно ова прашање.
„Оние работи коишто ги истражувавме денеска укажаа на тоа дека многу наши граѓани коишто имаат и друго државјанство брзале да се вратат за да не ги изгубат своите работни места, па во земјите во коишто влегуваат, влегуваат со тамошните пасоши.
Има многу можности за да вакви работи да кажам се провлечат. Затоа, ќе разговараме утре и за транзитните ПЦР тестови, но сепак би ја почекале дефинитивната листа на 24 имиња, заради тоа што е суштински различно дали станува збор за наши државјани или државјани на Косово“, рече министерот Филипче.
Министерството за здравство по проверка на информациите со службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција информира дека станува збор за патници, иселеници, коишто доаѓаат во Македонија, или транзирираат преку Македонија од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за коишто со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.
Според добиените податоци во посочениот лет најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши.
По извршени проверки за сите патници од авионот за Финска, констатирано е дека ниту еден од нив не е регистриран во базата на позитивни случаи со Ковид-19 во нашата земја, што значи немаат решение за изолација како позитивни од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, велат од Министерството за здравство.