Секторот за опрема треба да направи проценка дали осумте комбиња од Министерствотоза земјоделство можат да се адаптираат за возила за итна медицинска помош. Тоа се комбиња кои не им требаат во ова Министерство и се во добра состојба, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Ова изјава следи откако вчера најави дека овие комбиња од Земјоделство ќе бидат трансформирани во возила за потребите на Брзата помош.
-Имаат малку километри поминато изгледаат солидно, внатре имаат полици што може да се искористат. Така што, Секторот за опрема ќе ги види и ќе одлучат дали можат да послужат и да започне постапка за опремување. Ќе ви кажам кога ќе заврши процедурата колку тоа ќе чини, макар да треба и да се распише тендер, изјави Филипче.

Тој не знае колку би чинела набавката, кој би ја правел и каде ќе се адаптираат возилата. Филипче нагласи дека добар дел од возилата на Итната медицинска помош се во лоша состојба.

За новите 12 возила кои се набавени во тендерот биле предвидени 36 милиони денари, а за нив биле потрошени 21 милион денари. Останатите 15 ќе бидат искористени за други возила. Шест од овие возила ќе бидат за Скопје, а останатите за другите градови.

Што се однесува за јавно – приватно партнерство во Итната медицинска помош што ја најави Филипче, тој рече дека се уште е во фаза на анализа. Ќе се врши проценка и во кои се се други области од здравството ќе биде применет принципот на јавно – приватно партнерство.
-Јавно – приватно парнерство треба да има и ние треба бидеме купувачи на услуги, рече Филипче.
Тој рече дека разговарал со министерот за здравство во Германија како тоа таму изгледа, но не кажа како тоа би го примениле и во социјална држава со солидарен здравствен систем како нашиот.