Офшор-фирма регистрирана во Лондон, а основана од друга фирма од Кипар, пред 20 дена, објави оглас за преземање на акциите на „Макпетрол“. Огласот осамна во „Утрински весник“, а акциите на компанијата се купуваат по цена за 30 проценти поголема од вчерашната, на македонската берза.
„Согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва, ги известуваме сите акционери на Макпетрол АД Скопје дека имаме намера да објавиме понуда за преземање на акционерското друштво Макпетрол АД по цена од 25.908 денари за една акција. Понудата за преземање ќе биде објавена по добивањето на дозвола од страна на Комисијата за хартии од вредност“, се вели во огласот.
Потпишани на оваа понуда, која била испратена и во архивата на „Макпетрол“, се директорот Васили Евдокимов и ополномоштено лице Петар Стојановски.
За да ги купи акциите„Балкан петролеум“ треба да обезбеди гаранција од околу 47 милиони евра. „Макпетрол“ во сабота ќе одржи собрание на акционери.