Поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, генерал Мајкл Флин, процени дека војната станала неизбежна откако Трамп му наредил на Пентагон да започне нов циклус нуклеарни тестови.
Флин на социјалната мрежа X изјави дека „промените во политичкиот курс можат да доведат до промени во природата и водењето на војната“ и додаде:
Кога политичките цели стануваат поограничени, војната станува неизбежна.
Тој директно им се обрати на припадниците на американската војска, велејќи им да „ги врзат чизмите поцврсто“, што во американскиот воен жаргон е повик за подготвеност за борба.
Трамп: „САД мора да дејствуваат еднакво“
На 30 октомври, Доналд Трамп објави на својата платформа Truth Social дека му наредил на Пентагон веднаш да започне со нуклеарни тестови, нагласувајќи дека САД мора да дејствуваат „на еднаква основа“ со другите нуклеарни сили, пренесуваат медиумите.
Сакам да ги запрам војните, додаде Трамп, тврдејќи дека покажувањето на американската моќ би дејствувало како одвраќање.
Наредбата на Трамп дојде кратко откако Русија успешно ја тестираше хиперсоничната нуклеарна ракета „Буревестник“ и подводниот систем „Посејдон“. Тестот на ракетата „Буревестник“ беше спроведен на 21 октомври, што предизвика нов бран дискусии во Вашингтон за „нуклеарната рамнотежа“ и американската одбрана.
Изјавата на Флин се толкува како сигнал дека во американските воени кругови постои растечко верување дека светот се приближува кон нова фаза од натпреварот во Студената војна но и кон реален ризик од вооружен конфликт меѓу големите сили.

