Претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен денеска му вети на украинскиот претседател, Володимир Зеленски дека првите чекори на земјата за членството во Европската Унија (ЕУ) ќе бидат забрзани.
Фон дер Лајен му предаде прашалник на Зеленски кој ќе претставува почетна точка за ЕУ за одлуката за членство на Киев.
„Нема, како што е вообичаено, да биде прашање на години за формирање на ова мислење, туку мислам дека ќе биде прашање на недели“, рече Фон дер Лајен.
Зеленски возврати дека ќе се врати со одговори за една недела.
Шефицата на ЕК му укажа на Зеленски и на важноста на санкциите кон Русија поради инвазијата врз Украина.
„Русија ќе потоне економски, финансиски и технолошки, додека Украина маршира кон европската иднина. Тоа го гледам“, му рече Фон дер Лајен на Зеленски.