Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска на граничниот премин „Ќафасан“ го пречека претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, кој денеска и утре престојува во официјална посета на Македонија.
Посакувајќи му пријатен престој на сојузниот претседател Ван дер Белен, министерката и потпретседателка на СДСМ ги истакна добрите односи помеѓу двете земји, вклучително и во областа на културата.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека оваа официјална посета ќе даде дополнителен импулс во зацврстувањето на пријателските врски помеѓу Северна Македонија и Австрија.
Покрај официјалната програма, делегацијата ќе има можност да се запознае и со македонското современо творештво, со традицијата и, секако, со значајни културно-историски споменици и локалитети во Охрид и во Скопје.