Македонија е соочена со драматичнa политичка ситуација. Настаните од 24 декември беа трагичен потсетник на континуираниот неуспех на гарнитурата на Никола Груевски, која не е способна да води дијалог и дебата со сите партии, вели поранешниот амбасадор на ЕУ во земјава, Ерван Фуере, за порталот на албански јазик Portalb.
Тој за Portalb вели дека во Македонија има недостаток на демократско владеење.
– Партијата на ВМРО-ДПМНЕ која е на власт, не е во можност да ги стави настрана тесните интереси на својата политика во корист на поголем јавен интерес, и да работи во духот на консензус за да се постигне целта која ги обединува сите- земјата да се приклучи кон ЕУ.
– Она што е особено загрижувачки се редовни напади од владејачката партија врз граѓанските организации и медиумите, кои имаат важна улога во било која функционална демократија, вели Фуере.
Вината што Македонија не беше спомната на јунскиот самит не е толку поради спорот за името, туку многу повеќе поради состојбата со демократијата во Македонија и недостатокот од добро владеење на земја-кандидат за членство во ЕУ, вели во интервјуто за Portalb, Ерван Фуере.