За Снежана Караџовска направивме се за да може да го добие потребниот третман во болницата АОФЕ во Остемберг, Холандија. Многу труд вложивме, променивме и Правилник, а јавноста има погрешен впечаток за целиот случај. Ова го тврдат двајцата директори на ФЗО, Миле Сугарев и Орхан Рамадани кои побараа да се слушне и нивната страна, со повеќе детали.
НОВА ја доби и целокупната обемна документација за случајот. Сугарев и Рамадани, бараа хронолошки да го опишат текот на настаните, прво го покажаа Решението кое Караџовска го добила на 13.12. 2019 и со кое, како што велат, и е отворен патот да оди во болницата АОФЕ. Велат дека таму ќе добие операција, протези и обука за да може да оди со нив. Помагалото ќе го добие кога ќе ја завери Потврдата која има важност од еден месец, но може да се обновува.

Тоа е делот кој пак, за Караџовска е спорен бидејќи во Решението е наведена само операцијата во износ од 63 258 евра, но не и протезите. Во ФЗО велат дека со ова, никој не може да и го одземе правото на лекување и третман во странство.
„Ова Решение е трајно, нема рок и ние не можеме ништо против ова. Никој не може да и го одземе правото на третман во болницата во Холандија. Исполнети се двата услови и за операција и за протези. Единствена пречка што не може да замине е што нема закажан термин во болницата поради ситуацијата со Коронавирусот. Кога ќе добие термин потребно е само да ја завери Потврдата за протезите чиј износ е 63 000 евра и тие да и бидат испорачани најдоцна за 60 дена “вели Миле Сугарев, директор на ФЗО.
Од ФЗО тврдат дека се исполенти сите законски услови за Караџовска да оди на лекување во болницата во Холандија. Велат дека повторно контактирале со болницата АОФЕ од каде им одговориле дека следен термин би можела да добие во септември ако се стабилизира ситуацијата со пандемијата со Ковид -19.
„Исполнети се сите услови, недостасува само термин. Во моментот кога ќе има термин ФЗО ќе и уплати средства на болницата, а се обврзуваме да ги пратиме и протезите, односно ортопедската куќа која ќе ги набави од фирма од Германија и може да ги испорача директно таму во болницата. Многу труд вложивме, навравивме се што е неопходно за да може да добие се што и треба, но во јавноста се создаде погрешен впечаток за овој случај“, тврди Орхан Рамадани, директор на ФЗО.
Но, како е возможно тоа, кога овој случај постојано ја бранува јавноста, ги вознемирува граѓаните кои со внимание го следат секое појавување на Снежана Караџовска во медиумите. Зошто оваа жена на која и се ампутирани двете нозе по сообраќајна несреќа во Турција, четири години не може да стане од количка и да оди со помагала.
Директорите на ФЗО велат дека се почнало со барањето за лекување во Холандија на Караџовска кое било поднесено пред да се направат измени и дополнувања на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала.

Во ФЗО посочуваат дека тогаш Комисијата ја одбила бидејќи барала и наградба на коска и протези, за што велат дека тогаш не било возможно бидејќи во правилниот немало таков, современ тип на протези.
„Во таква ситуација никако не беше возможно да ја упатиме за се да и биде комплетно направено. Можевме да ја пратиме на хируршка интервенција но, без протези. Или сама да си ги купи протезите кои чинат над 60 000 евра, а ФЗО да и ги рефундира парите доколку имаше закажан термин за операција. Од тие причини пристапивме кон измена на Правилникот бидејќи во него беа внесени прoтези, но не од таков софистициран тип. Од таа причина нејзиното барање беше упатено до Влада“, објаснуваат во ФЗО.
На 28.10. 2019 помагалото, односно протезите се ставени на листа и со тоа е отворен патот на сите осигуреници кои имаат потреба од вакво помагало, како и на Караџовска, потенцира Јасминка Смилевска, директорка на Правен сектор. Со оглед на тоа дека според Правилникот, Караџовска веќе имала право на таков тип на протези, на 51-та седница на Управниот одбор на 11. 12. 2019 година е донесен: Заклучок 1, да и се изврши авансно плаќање на болницата АОФЕ заради аплицирање на две протези; Заклучок 2, ФЗО да склучи договр со ортопедска куќа, односно правно лице во државата заради обезбедување на помагалото, вели Смилевска.
„Истакнуваме дека Фондот во спорниот период нема добиено информација од болницата во Холандија за евентуален закажан термин за извршување на хируршка интервенција за вградување на остеоинтеграција на импланти кое како право е одобрено со Решението за лекување во странство и за апликација на протези“, изјави Смилевска.
Но, две недели подоцна, на 54-тата седница на Управниот одбор одржана на 24.12.2019 година, се поништува Заклучокот 1, од 51-вата седница бидејќи во меѓувреме биле поднесени понуди од две ортопедски куќи, така што по склучување на договор со нив, било одлучено протезите да бидат обезбедени преку фирма од земјава.
Во ФЗО велат дека ортопедската куќа протезите треба да ги набави од истата компанија„Отобок“ од Германија, од каде што ги набавува и болницата АОФЕ од Холандија. Со тоа велат во Фондот, Караџовска со заверена Потврда, протезите може да ги подигне во една од ортопедските куќи со која ФЗО има склучено договор или по закажаниот термин и извршен прием за операција во болницата во Холандија, ортопедската куќа протезите да ги достави директно во болницата АОФЕ во Холандија.
Меѓу обемната документација, во Фондот доставија на увид и комуникација, односно ургентно писмо од тогашниот директор Ден Дончев пратено на 22 декември минатата година, како и Орхан Рамадани до болницата АОФЕ, во кое се бара термин за операција за Снежана Караџовска. Доктор И. Кнап одговара дека нивните пациенти чекаат и по една година, но ќе може да дојде во февруари 2020 година. Но, Караџовска не заминала во февруари на операција, веројатно заради пандемијата со Ковид-19.
Во писмото со кое на 8 јуни годинава од ФЗО бараат нов термин, кое исто така го добивме заедно со другите документи, истиот доктор им одговара дека не е дозволен влез на странци во Холандија до 15 јуни поради пандемијата со Корона. Тој вели дека доколку интензитетот на коронавирусот продолжи да се намалува, Караџовска може да биде примена на операција во септември.

Снежана Караџовска во меѓувреме бара повторно прием во Владата и го повикува техничкиот премиер Оливер Спасовски да ја прими и сослуша. Таа инсистира во Решението да стои и сумата за протезите, за да биде сигурна дека се ќе се реализа, а вели дека и немало потреба фактурата да се подели, посебно за операција и за протези. Карџовска вели Хелсиншкиот комитет и Народниот правобранител биле известени од ФЗО, дека нејзиниот случај е завршен.
„Но, тоа е само Решение за операција, не и за протези“, вели Караџовска.
Таа бара да ја добие Одлуката од Управниот одбор, од 54 седница, за која во ФЗО велат дека е за интерна употреба, односно одлука по која треба да постапат двајцата директори.