ФЗОМ со нова распределба на квотите за лекови во аптеките од 1 јануари. Околу 500 аптеки од вкупно 778 со кои Фондот има склучено договор ќе добијат рамномерно зголемување на квотите од 20 000 денари месечно. Утврден е и максималниот износ на квота кој изнесува 650 000 денари по аптека.
“Сакаме да нагласиме дека сега со новата распределба сите аптеки добиваат фер услови за обезбедување на лекови на целата територијата на Република Македонија, што не беше случај претходно, бидејќи заради начинот на распределба на квотите во претходните години настанале и големи разлики во висината на износите на квотите на аптеките, а едно правно лице добивало и за 40 насто поголема месечна квота од просечната квота на сите останати аптеки во Република Македонија“, изјави директорот на ФЗОМ, Ден Дончев.
Неофицијално, ланецот на аптеки Зегин е правниот субјект на кој ќе му биде намалена сумата за лекови на рецепт. Овој ланец на аптеки, според ФЗОМ, досега располагал со приближно 20 проценти од буџетот за лекови на товар на Фондот.
Тоа значи дека парите се префрлаат во малите аптеки од кои најголем дел досега не набавуваа ниту половина од лековите што ги имаат големите ланци. НОВА го праша директорот Дончев дали ова ќе значи шетање на пациентите од аптека до аптека, во потрага по лекови на рецепт кои сега ќе ги има помалку во централното градско подрачје каде што се сконцентрирани повеќе ланци на аптеки.
„ Во прво време да, можно е да има прилагодување на пациентите. Но, нашата е цел е да немаат доминантна позиција овие ланци бидејќи досега имаше нелојална конкуренција. На овој начин сметаме дека ќе има правична распределба на квотите за лекови“, изјави Дончев.
Од ФЗОМ нагласуваат дека ќе има трансферирање на квотите, така што и големите ланци можат да си ги насочуваат квотите во тие аптеки каде што недостасуваат лекови.
Заедно со новата распределба на квотите во почетокот на 2019 година ФЗОМ ќе распредели допонителни 120 милиони денари( скоро 2 милиони евра) за лекови на рецепт. Со ова велат од таму, буџетот за лекови ќе се зголеми од 2 милијарди и 900 милиони денари на најмалку 3 милијарди и 20 милиони денари.
„Ова значи дека секоја аптека во просек може да очекува повторно зголемување на месечната квота за нови, дополнителни 20 000 денари во почетокот на Новата 2019 година“, потенцираа на прес конференција двајцата директори на ФЗОМ, Ден Дончев и Орхан Рамадани.
За да нема тактизирање од аптеките, се воведува фиксна маржа од вкупната месечна квота по аптека. Со тоа се укинува досегашниот скалест систем кој ги дестимулираше аптеките да издаваат поскап лек, а ги стимулираше да издаваат лекови со пониска вредност, велат од ФЗОМ.
„Во интерес на граѓаните, Фондот ги поттикнува аптеките да издаваат повеќе лекови без доплата, односно аптеките со квотите треба да издаваат наjмалку 20 проценти лекови за кои осигурениците не треба да доплаќаат од нивните лични финансии освен задолжителната партиципација“, велат од ФЗОМ.

Од друга страна претседателката на Фармацевската комора, Бистра Ангеловска вели дека забелешките на фармацевтите се однесуваат и на распределбата на квотите, но и на оние бонуси (10 проценти кои се даваат, доколу 20 проценти се издаваат лекови со доплата).
„Сметаме како фела дека ова многу малку од аптеките ќе можат да ги остварат квотите за лекови со доплата. Сите вие како пациенти знаете дека се врзувате за одреден лек и не може аптеката да ве стимулира да земете од друг производител само за да си остари тие 10 проценти повеќешто ќе и бидат дадени во квотата. Тоа во многу мала мера зависи од самите фармацевти дали и кои лекови ќе одат без доплата, оти многу пациенти си го пијат лекот кој што го избрале и мораме да дозволиме сами да ја изберат фирмата од која ќе го земаат лекот. Има и други забелешки, можеби на технички упатства кои Фондот треба да ги разработи понатаму. Јас сум убедена дека со Фондот ќе ја продолжиме соработката и дека на ветување на директорите ќе продолжиме со преговорите и ќе ги детектираме слабите страни во правилникот и во интерес на пациентите и во интерес на аптеките.“, изјави Бистра Ангеловска претседателка на Фармацевската комора.
Што се однесува до маржата, Ангеловска смета дека аптеките немаат заработка или пак е многу мала. Таа се пожали дека услугите на фармацевтите не се зголемени 10 години.
„Загрижува ниското ниво на грижа кон фармацевтите поради што тие немаат интерес да работат во државата и се повеќе се заминуваат во странство. Наскоро ќе има нема доволно фармацевти во државата“, рече Ангеловска.
Што се однесува до руралните средини, од ФЗОМ велат дека за граѓаните кои живеат во тешко достапни и поодалечени села, се воведува и можност за субвенција на аптеките кои што обезбедуваат лекови за тамошните жители, како директна поддршка за опстојување на аптеките и во такви места, што е од општествен и јавен здравствен интерес.