Политиката на актуелната американска администрација предводена од претседателот Барак Обама, според анкетата на престижниот „Галуп“, има 10 проценти помалку поддршка од македонските граѓани отколку што имала пред една година.
Како што покажува истражувањето на агенцијата „Галуп“, спроведено во 130 држави, просечното ниво на одобрување на лидерството на Соединетите Американски Држави минатата година изнесувало 41 отсто, додека во 2009, кога Обама стана претседател, нивото изнесувало 49 отсто.
Aмериканското лидерство во 2012 година ја изгубило поддршката во однос на последниот мандат и ова намалување е посебно зголемено во Хрватска, Унгарија, Австрија, Русија и Србија.
Од земјите во регионот, според „Галуп“, САД има најголема поддршка од Косово и Албанија, а од ЕУ, таа е посебно изразена во Ирска, Велика Британија, Холандија и Италија.