Гевгелиската болница одамна не го заслужува статусот да биде болница, а ниту раководството ниту Министерството за здравство не преземаат ништо да се подобри состојбата, вели дел од медицинскиот персонал кој го консултираше НОВА, веднаш по смртта на родилката и нејзиното бебе, чии животи згаснаа за време на породувањето со царскиот рез.
Болницата повеќе од две години нема гинеколог бидејќи единствениот си даде отказ, како што самиот рече, поради мобинг и психички притисок кој со години го трпел од директорот и се вработи во болницата во Струмица. Од тогаш гевгелиската болница хонорарно го ангажира истиот гинеколог и уште еден, кои доаѓаат од Струмица за да интервенираат во Гевгелија, раскажуваат вработени од болницата.
Анестезиологот за кој Мите Кадиев, сопругот на почината родилка Маја, обвини дека на операција дошол пијан, на работа често доаѓал во алкохолизирана состојба, тврдат вработените, но и граѓани на Гевгелија, Дојран, Богданци и околните села кои се лекуваат во гевгелиската болница.
Згора на се целиот овој регион го опслужуваат само двајца анестезиолози, за кои и самиот Кадиев рече дека се постојано во алкохолизирана состојба.
На детското одделение пак, нема вработена медицинска сестра, има само негувателка, без завршено медицинско училиште, поради што за потребите на болните деца доаѓаат медицински сестри од другите одделенија, велат извори од болницата.
Гевгелиската болница нема ниту педијатар за да ги лекува децата. По потреба го викаат единствениот педијатар кој има приватна ординација или пензионираната докторка која порано била вработена како педијатар. Од болницата велат дека на Клиниката за детски болести во Скопје, специјализираат две докторки од Гевгелија, но тие се во почетните години од специјализацијата.
По смртта на младата родилка и нејзиното бебе, директорот Сретко Јованов за НОВА потврди дека се суспендирани и тие двајца единствени анестезиолози кои ги имале, а издадена е наредба да не се прават операции туку итните случаи да се препраќаат во Струмица.
Јованов вели, не забележал дека анестезиолозите биле во алкохолизирана состојба за време на операцијата на родилката, а еве како го објаснува нивното суспендирање.
„Комисијата која дојде и ние тука одлучивме да ги суспендираме за случајот со родилката, додека не заврши истрагата„, кратко одговори Јованов., без да појасни која е причината за суспендирање на анестезиолозите, а не на целиот тим.
Ова е уште еден удар за работењето болницата која опслужува голем регион со население бидејќи сега нема да се прават ниту операции, ниту породувања.
Но, ова го отвора прашењето зошто директорот и целиот раководен тим досега не превземале ништо за да се подобрат состојбите во болницата. Да ги заштитат пациентите, да не бидат изложени на опасност од пропусти или лекарски грешки.
Јованов не негира дека во болницата недостасува медицински кадар, но не одговори зошто е тоа така, зошто до сега не се превземени мерки з а да не дојде до некоја трагедија. Токму во оваа болница починаа родилката Маја и нејзиното неродено бебе за време на операцијата со царски рез, иако претходно немало никакви компликации и жената била здрава.
Ова не е првпат родилка да почине за време на породување во македонските болници. Македонија со години е прва на листата по смртност на новороденчиња во Европа.
Пред месец и половина 33 годишна родилка од Тетово почина од нестручно изведено породување во тетовската болница, а бебето во критична состојба беше донесено во детската клиника во Скопје.
За случајот се води истрага, а гинекологот кој ја вршел интервеницијата е суспендиран од работа додека не заврши истрагата. Во истата болница пред неколку години починаа и родилка и бебето, а самиот директор на болницата Фљорим Бесими за за НОВА потврди дека пациенти пријавуваат нови случаи, се покренуваат постапки, а има и случаи каде се сомневаат на пропусти во лекувањето.
Во март годинава Мери Стојановска од Прилеп обвини дека бебето и починало поради нестручно породување во прилепската болница. Стојаноска тогаш за НОВА изјави дека породувањето го извршила гинеколог од Клиничката болница во Битола, која во Прилеп доаѓала бидејќи таму нема доволно гинеколози.
Фотографија од Гинеколошкото одделение во тетовската болница објавена на порталот Инбокс7
Ова се само неколку во низата случаи за кои известуваше НОВА. Болниците во внатрешноста немаат гинеколози, а кубурат со специјалисти од сите области. Во средината на летото се затвори и родилиштето во Ресен бидејќи нема гинеколог, а пред неколку години се стави клуч и на родилиштето во Неготино.
Веќе неколку години родилките патуваат за да се породат во Кавадарци, а таму има само еден гинеколог и тој е 62 годишен, пред пензионирање. Тој ги породува жените од Кавадарци и околните села, како и од Неготино и околината.
Породување не се врши ниту во Крива Паланка, ниту во Кратово, а родилките се принудени да патуваат во Куманово. Таму пак недостасуваат гинеколози, така што за потребите на градот се праќаат гинеколози од Скопје. Слична е ситуацијата и во другите градови.
Лекарите велат дека просечната старост на специјалистите, особено на гинеколозите е од 55 до 58 години или се пред пензионирање. Министерот Тодоров откако увиде дека состојбата е катастрофална распиша оглас за лекари специјалисти во Србија кои би се вработиле во Македонија, под посебни услови и плати. Но, обидот беше неуспешен и сега лекари од други специјалистички гранки од скопските клиники се препраќаат во другите градови или во скопските населби бидејќи нема кој да ги лекува пациентите.
И тие малку специјалисти што се останати се револтирани на лошата стратегија во здравството бидејќи се набавува скапа медицинска опрема со која нема кој работи, наместо да се инвестира во медицински кадар. Специјализациите во Македонија со години наназад беа стопирани. Министерството за финасии со години не одобрувуваше нови вработувања на медицински сестри и друг персонал, а здравството се потпира на работата на хонорарците.
Тие велат дека последиците од таквата политика, се гледаат сега, а се мерат во изгубени човечки животи.