Со почеток од 20 часот, во четврток на 11 јули ќе се одржи петтиот по ред настан под мотото „Го сакам ГТЦ“. Петтиот по ред граѓански собир ќе се одржи на познатата локација на платформата од ГТЦ кон паркот „Жена Борец“.
И овој пат организаторите јасно праќаат порака дека 70% од објектот на ГТЦ е јавен простор. Тој, архитектонски, претставува „реплика“ на агора/форум, која ги канализира и физички ги опслужува општествените потреби на граѓаните на Скопје во последните четири децении. Во таа смисла, ГТЦ ФОРУМ претставува надоврзување на основната функција на овој објект како јавен простор.
Во 19 часот ќе биде организиран настан „Нацртај го ГТЦ“ – ликовна работилница за деца, за која ќе бидат обезбедени листови, хамери и бои, а крајните резултати ќе бидат изложени на изложбата која ќе биде посветена на ГТЦ во текот на јули.
„Го сакам ГТЦ“ по втор пат во обликот ГТЦ Форум
Стотици луѓе го прегрнаа ГТЦ за да го спасат од барокот
На овој ГТЦ Форум ќе се приклучат и групата на студенти и професори (Escuela Técnica Superior de Arquitectura – Universitat Politècnica de València, Architektur, Gestaltung und Bauingenieurwesen – Zürcher Hochschule für Angewandte Wissenschaften Winterthur, Fachbereich Städtebau – Technische Universität Wien,Technische Universität Graz, School of Architecture and Design – UAC Skopje) од интернационалната летна школа Urban Urgency, која се одржува на Факултет за архитектура и дизајн на УАКС.
Собирањето потписи за петицијата која се залага да се зачува ГТЦ во неговата автентична форма, и сега исто така ќе биде придружен дел од акцијата.
Овој настан е дел од серијата настани во склоп на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ која е реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој целосно би се уништила архитектурата на објектот, како и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро.