Интервју за НОВА тв на Свето Стаменов со Проф. д-р Трајан Гоцевски по повод 18-ти август Денот на македонската армија
Проф. д-р Трајан Гоцевски, министер за одбрана во првата влада на независна Република Македонија под чие непосредно раководство е формирана Армијата на Република Македонија и кој на 18 мај 1992 година на Советот за безбедност прв го даде предлогот за зачленување на Република Македонија во НАТО.
Стаменов: Професоре, на 18 август го одбележуваме Денот на Армијата на Република Северна Македонија, кој годинава е во знакот 32-годишнината од нејзиното формирање и петгодишнината од нејзиното функционирање како составен дел на силите на НАТО. Значајни настани, настани од посебно значење за македонските граѓани и за македонската држава, која последна на Балканот ја стекна својата независност, а за која Армијата даде особен придонес. Според Вас, какво е значење на овие датуми за нашава држава?
Гоцевски: Исклучително значајни датуми за нашата национална безбедност, за нашата одбрана, за стабилноста на нашата држава, за регионалната стабилност и, се разбира да не заборавиме, за стабилноста на целата евроатлантска безбедносна зона во целина, каде што и ние активно придонесуваме. Се оствари вековниот сон на многу наши генерации, дејци, великани, политичари од нашата бурна тешка и несфатлива балканска реалност за формирање на своја македонска држава, за формирање на своја армија и за своја македонска автокефална црква, која со изминатите векови одигра клучна улога во зачувувањето на нашите традиции и на нашиот идентитет како македонски народ. Тој сон конечно е остварен.
Денес имаме наша македонска држава, имаме наша македонска армија, станавме дел од големото семејство на армиите на 32 држави на евроатлантската безбедносна зона со над една милијарда жители. Имаме и своја црква – Македонска православна црква – Охридска ариепископија.
Денес и целата територија на Македонија е дел од евроатлантската безбедносна зона. Во НАТО се сите делови од територијата Македонија, која со Букурешкиот договор беше поделена меѓу соседните држави, кои сега се членки на НАТО. Тоа е големата слика и не треба никогаш да ја заборавиме.
Треба со сите сили и средства да ги чуваме овие институции за да опстанеме како народ за навек на овој немирен и непредвидлив Балкан.
Стаменов: Нашата армија беше формирана во едно тешко време, па накратко какви беа условите во кои ја формиравме Армијата, како оружена компонента на самостојниот македонски одбранбен систем?
Гоцевски: Јас за тоа сум зборувал повеќе пати. Но, мора да се повторува. Новите генерации мора да знаат некои работи. Поминаа 33 година од почетоците на формирањето на Армијата на Република Македонија. Тоа беше тешко и непредвидливо време. Одевме по работ на бездната. Секој погрешен чекор нè носеше и нас, но и независноста на Македонија, како новоформирана старо-нова држава на Балканот, во голема неизвесност. Амбис од кој немаше враќање. Но, влогот беше голем – независноста на Македонија!
Ние буквално бевме уценети од меѓународната заедница да направиме неколку работи или нема независна држава. Најпрвин да ја надминеме состојбата туѓа војска на наша територија, а ние прогласивме независност, што беше вистина, бидејќи со донесувањето на Уставот на 17 ноември 1991 година тогашната ЈНА стана туѓа војска. Да ја надминеме состојбата на прогласена независна држава без своја армија, како гарант на независноста суверенитетот и територијалниот интегритет. Да ја заокружиме нашата територија со меѓународно признати граници. Северната граница како административна внатрешна граница за меѓународната заедница не беше валидна. Во неколку пригоди лорд Дејвид Овен, копретседател на Конференцијата за поранешна Југославија, ни стави на знаење дека без исполнување на овие услови да ја заборавиме независноста.
Понатаму, уште поризично во тоа време беше тоа што тогаш немавме закон за одбрана, а со тоа немавме законска основа за формирање на сопствена армија, каква било воена формација што ќе ја формиравме ќе беше прогласена за паравојска и нападната од ЈНА како легитимна воена цел. А тоа во тоа време, кога започна војната во поранешна Југославија, ќе значеше војна и во Македонија. Со тоа дефинитивно ќе ѝ ставевме крај на нашата независност. Тогашното Претседателство на СФРЈ донесе одлука со која ја овласти ЈНА да може да интервенира воено во сите републики кои ќе покажат сепаратизам, а Македонија беше во тие републики. Мене како Министер за одбрана ми беше пренесено дека според планот „Република Македонија може за четири-шест часа да биде ставена под воена управа“. Како врв на нашата неизвесност стана и одбивањето на тогашното Министерство за одбрана на Република Македонија да подготви закон со кој ќе се создаде законска основа за формирање на наша армија. Како резултат на овие недоразбирања и ултиматтуми во Македонија се појавија идеи за формирање на воени формации наместо армија на Република Македонија, како „Македонска национална гарда“, „Албанска ослободителна армија“ и сл.
Како што се згуснуваа деновите и настаните, во одредени кругови во Македонија се промовира тезата дека е неминовно да се отвори војна со цел да бидеме признаени како независна држава по примерот на Словенија и Хрватска.
Исто така, се иницира и идејата за отворање на т.н. „јужен фронт“ во кој, според едно сценарио, Македонија со Косово, Херцеговина и Хрватска да отворат фронт против режимот на Милошевиќ, а според другото сценарио, Македонија заедно со Србија и Србите од БиХ да отвори фронт против режимот на Туѓман. Но, и двете сценарија за нас ќе беа погубни. Еве само еден пример кој првпат појасно го изнесувам. Имено, постоеше одлука на државното раководство на Република Македонија за неиспраќање на регрути во ЈНА и единици на Територијалната одбрана надвор од Македонија, но тоа не беше почитувано. По одлуката на Владата и на претседателот на државата, до моето доаѓање за министер за одбрана, во ЈНА беа испратени околу 16.200 регрути, а околу 750 припадници на Територијалната одбрана беа упатени кон Србија, што предизвика бунт во таа единица. Владата затоа го разреши раководството на Министерството за одбрана, но никој за тоа не одговараше.
Во едни такви сложени услови, мене како министер за одбрана ми беше доверена таа искличително сложена и ризична задача. Назад немеше каде. И успеавме. АРМ беше успешно формирана и, еве, 33 години чесно им служи на своите граѓани и својата држава.
Стаменов: Професоре, изминаа 33 години од формирањето на Армијата, па каде сме денес?
Гоцевски: Денес имаме модерна, современа и со висок углед институција, која успешно функционира во сите структури на НАТО. Започнавме во исклучително сложени услови, со скромните ресурси, но со огромен ентузијазам, посветеност и решителност и, преку планирана професионализација и модернизација, стигнавме до респектабилна воена сила, полноправна членка на НАТО-алијансата. Успех кој е достоен за почит.
Сепак, Армијата не настанала сама по себе. Македонската армија влече корени од победите, од поразите, од митовите за непокорност, храброст, патриотизам, посветеност, решителност и самопожртвуваноста од македонската фаланга на Александар, преку Самуиловата војска, херојствата на преродбениците, Илинденците, Асномците за да продолжи деведесеттите, по распадот на Југославија. Благодарејќи на визијата на нашите државници од деведесеттите години, кои знаеја да ја проценат сложената геополитичка состојба во Европа и светот, и во 1991 година се одлучија за формирање на независна, самостојна и суверена држава, со формирање на своја армија со која се заокружија суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на нашата држава.
Денес имаме армија како доверлив партнер со висок професионализам и посветеност на своите задачи и мисии. Рамо до рамо со армиите од евроатлантската безбедносна зона, македонската армија придонесува за мирот и стабилноста во зоната на одговорност на НАТО, притоа будно штитејќи ги суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на нашата татковина – Република Северна Македонија. Истовремено, им помага и на државата и на граѓаните, кога им е најтешко, при поплави, пожари,бегалска криза, пандемии. Затоа сите треба да се гордееме со македонската армија. Поминавме и бурни и мирни периоди за денес Армијата да биде институција со најголема доверба кај граѓаните.
Патот не беше лесен. Зад нас имаме солидно над тридецениско искуство како независна и суверена држава со своја армија. Армијата на 27 март 1992 година ја презеде контролата врз целата државна територија, а на 27 март 2020 година стана членка на НАТО. На овие важни датуми им претходеа клучни процеси и настани со стратегиско значење за нашата национална безбедност, како: разговорите во Белград за идна југо заедница, шесте средби на претседателите на тогашните југословенски републики, референдумот за независност на 8 септември 1991 година, првиот устав од 17 ноември 1991 година, Законот за одбрана од 14 февруари 1992 година, договорот за дислокација на ЈНА од Македонија од 21 февруари 1992 година.
Во тие бурни времиња, Македонија мораше да го заокружи политичкото, одбранбено и военото осамостојување.
Динамиката на формирање на Армијата беше со светлосна брзина. Едноставно моравме! До 9 мај 1992 година ги добивме првите регуларни единици и на 10 мај, кога СФРЈ како држава беше избришана од регистарот на Обединетите нации, ние имавме сопствена армија и го исполнивме најважниот услов на меѓународната заедница за независна држава.
На самиот почеток, препознавме дека наш витален интерес е интеграцијата во НАТО како најважен систем на колективната безбедност, во исто време и заедница на демократии кои веруваат во ист систем на вредности. Советот за безбедност на Република Македонија на 18 мај 1992 година, на мој предлог донесе Заклучок за започнување на процедурите за прием на нашата држава во НАТО. Во декември 1993 година Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за зачленување во НАТО, а во 1995 година го потпишавме договорот „Партнерство за мир“. Исклучително е значајно што зад оваа стратегиска цел застана огромното мнозинство од граѓаните и сите релевантни политички фактори и таа успешно се реализира.
Армијата за овие 33 години целосно се трансформира во современа и респектабилна институција дел од евроатлантската безбедносна зона. Започнавме скромно, со капацитетите што ги имавме во Територијалната одбрфана на дотогашна Социјалистичка Република Македонија и со потенцијалот и луѓето од Македонија кои служеа во ЈНА. Сојузник ни беше и огромната волја втемелена врз слободарските традиции на Илинденците и на партизаните од антифашистичката борба.
Подоцна модернизацијата на АРМ се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата, фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната. Државата вложуваше и во едукацијата на офицерскиот кадар. Голем број од нашите офицери завршуваа школи за национална одбрана во земјите-членки на НАТО. Секако, најголем придонес во таа смисла даде Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Таа денес прерасна во модерна високообразовна институција, единствена од таков вид во нашата држава, оспособена по сите универзитетски стандарди да реализира студии од прв, втор и трет степен.
Армијата стекнуваше искуство и ја одржуваше својата борбена кондиција на многубројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, Европската Унија, Обединетите нации и од нашите стратегиски партнери на билатерална основа. Со тоа го зајакнавме и нашиот меѓународен кредибилитет, затоа што нè препознаваа како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.
Низ целиот овој период, Армијата беше ангажирана и во клучните предизвици низ кои минуваше државата, какви што беа: косовската криза од 1999-та, воениот конфликт од 2001-та и мигрантската криза од 2015-та година. Армијата се вклучуваше и помагаше и во најразлични кризни и вонредни состојби, од справување со елементарните непогоди и пожари, до пандемијата на КОВИД-19.
За зголемување на кредибилитетот и довербата која граѓаните ја имаат денес во Армијата битно значење имаше процесот кој го започнавме по 2001-та кога во нејзините редови почнаа помасовно да се вклучуваат и припадниците на другите етнички заедници, како и жените. Вклучувањето на припадниците на различните групи од нашето општество во Армијата само ја засилува нејзината внатрешна кохезија и потенцијал уште успешно да ги извршува своите уставни и законски обврски.
Членството во НАТО стана стабилизирачки фактор за Македонија. Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, се покажа колку членството во НАТО е важно и претставува важен стабилизирачки фактор за Република Северна Македонија. Со исто значење е и нашето стратегиско партнерство со САД.
Во споредба со почетоците, денес имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна професионална армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува и со новите асиметрични и хибридни закани на XXI век. И класичните традиционални воени закани остануваат присутни, меѓутоа, новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме. Свесни сме каква опасност се дезинформациите, лажните вести и политичката пропаганда која има за цел да ја дестабилизира демократијата како систем. За да бидеме подготвени за соочување и со традиционалните и со новите закани, треба да продолжиме да инвестираме во одбраната и во системот за национална безбедност како целина.
Стаменов: Професоре, според Вас, каква е сегашната перцепција за нашата армија?
Гоцевски: Еве како јас, во неколку реченици, би ја опишал нашата армија. 33 години перманентен стабилизатор на независноста и суверенитетот на нашата држава. Сигурно рамо на кое може да се потпре државата и граѓаните во каков било ризик да се наоѓаат. Кохезивен фактор во македонското општество. Коридор по кој стабилно и упорно ја носеша нашата држава кон евроатлантската алијанса. Дипломат од највисок ранг во безбедносното етаблирањето на Македонија во евроатлантската безбедносна зона. Контрибутор во зачувувањето на регионалниот и светскиот мир и безбедност преку многуте меѓународните мисии на мирот. Институција со долгорочен план за развој на одбранбените способности до 2032 година, усвоен Собранието, а со тоа стабилен и одржлив развој на армијата како сложен систем.
Стаменов: Според Вас, каква е улогата на Армијата во системот за кризен менаџмент?
Гоцевски: Во последните години сведоци сме на многу елементарни непогоди за чие совладување неопходни се многу ресурси од секаков вид. Армијата секаде и секогаш беше со своите граѓани кога тие имаа потреба од помош. Конкретно во системот за кризен менаџмент на државата, местото, улогата и задачите на Армијата се регулирани со Законот за одбрана, Законот за управување со кризи и Упатството за учество на дел од Армијата во кризна состојба, донесено од претседателот на државата.
Во мирновременски услови за поддршка на цивилните власти и граѓаните, Армијата подготвува дел од своите сили определени со ДПРОС 2023-2032 кои изнесуваат од 10% до 15% од капацитети и способности од постојаниот состав на Армијата. Овие сили се составени од: пешадиски, хеликоптерски, воено-полициски, инженериски, логистички, АБХО и сили за воено разузнавање.
Во услови на постоење на кризна состојба, Армијата ангажира дел од своите сили на задачи за поддршка на силите на полицијата во справувањето со закани, ризици и опасности по безбедноста на државата и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции.
Армијата континуирано се ангажираше во справување со мигрантска кризна состојба. Припадниците на Армијата се ангажираа за спречување на мигрантите во нивните обиди за илегални преминувања на државната граница.
Во изминатиот период, во време на постоење на кризна состојба, Армијата ангажираше дел од силите на задачи за поддршка на органите на локалната самоуправа за санација на патната инфраструктура и отстранување на последиците од поплавите, гаснењето на пожарите на отворена површина со употреба на воздухопловните и копнените сили.
Во услови на глобалната пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19, Армијата несебично им даде поддршка на институциите на државата и органите на локалната самоуправа во справувањето со последиците од вирусот Ковид-19. Исто така, Армијата ангажираше сили за стражарско обезбедување на Казнено-поправните установи.
Со зачленувањето во Северноатлантската алијанса, обврска на државата е да подготови капацитети и способности за активно вклучување во НАТО системот за кризен менаџмент и превенција на кризи. Република Северна Македонија во системот на НАТО за одговор на кризи, донесе оперативна процедура, согласно која е формирано координативно тело под раководство на Министерството за одбрана. Армијата учествува во работата на координативното тело со свои претставници и има воспоставено сопствен систем за прием, постапување и пренесување на добиените задачи/ препораки/барања. Кога членка на НАТО не може да се справи во одредена криза со сопствени капацитети се активира механизмот на Евроатлантскиот координативен центар за одговор на катастрофи, каде што сите земји-членки на НАТО нудат капацитети и способности во согласност со побарувањата на државата која се соочува со одредена криза. Овој механизам на НАТО беше активиран за време на пандемијата и за време на пожарите.
И во оваа 2025 година Македонија беше зафатена од стотици пожари. Покрај другите институции и меѓународната помош, Армијата се најде на секое место на кое беа загрозени животот и имотите на граѓаните и, се разбира, природната средина и шумскиот фонд.
Стаменов: Професоре, во една ваква пригода се поставува и прашањето: Што понатаму?
Гоцевски: Мислам дека се наоѓаме на разиграна и непредвидлива шаховска табла. Деновиве се влечаат клучните потези. Започнува редизајнирањето на светскиот поредок. По промената на надворешната и безбедносната поилтика на САД, кои се и наш стратегиски партнер и најмоќна држава-членка на НАТО, по промената на Европската Унија, која се стреми кон побрзо воспоставување на независна европска одбранбена способност и по одлуките на НАТО да ги зголеми инвестициите во своите капацитети, како сè да се менува. А ние сме членка на НАТО и дел од евроатлантската безбедносна зона и кандидат за членство во Европската Унија. Мислам дека сега од кога било досега од нашето осамостојување, ни се потребни многу мудрост, национаално единство и стратегиско размислување и носење на одлуки за наше долгорочно позиционирање во изразено висока динамика во меѓународните односи.
Што се однесува на Европската Унија во новата геополитичка динамика ,за да може вистински да ја постигне својата стратегиска автономија и да го зачува својот кредитбилитет, таа ќе мора да му се посвети на брзото решевање на четири круцијални безбедносни прашања:
– прво, проширување и забразан прием на земјите од Западен Балкан во Унијата, стабилизирајќи ја со тоа Југоисточна Европа;
– второ, Европската Унија да одговори кој е најдобриот одговор за колективната безбедност и одбрана на земјите-членки на Унијата, дали преку мисијата на НАТО или преку реализацијата на идејата за зедничка европска одбрана и формирање на европски вооружени сили (армија);
– трето, се разбира и најважно и најчувствително, Европската Унија да реши како ќе ја остварува крајната стратегиска потпора на својата одбрана и безбедност – врз нуклеарниот потенцијал на Франција или врз нуклеарниот потенцијал на САД, и
– четврто, да одговори како ќе ја решава бегалската или мигрантската криза која поприма сè поголеми размери и станува сериозен економски безбедносен и политички ризик за сите држави.
Четирите прашања се тешки, бараат смели и брзи политички одлуки за Европската Унија да постигне посакувана стабилизација. Промените во САД, најавите за дебата за идните позиции на НАТО и нерешителноста и недореченостите на Европската Унија, сега ѝ се испорачуваат како неплатена сметка од минатото која ќе мора да се наплати.
Затоа сега е време да се свртиме кон иднината. Во моментот се наоѓаме во исклучителна геополитичка динамика, безбедносна средина условена водењето на две брутални војни кои ги засегаат светот, Европа и нашиот регион, па со тоа и нашата држава и нашата армија. Оваа состојба од корен го менува односот кон безбедноста и одбраната кај сите држави и нивните сојузи, како што се НАТО, Европската Унија и, се разбира, ООН.
Во таква сложена состојба треба да дадеме одговор на прашањето, што понатаму? Каде и како ќе ја водиме нашата армија?
Според моето искуство од оваа проблематика, нам во Македонија потребен ни е политички и надпартиски консензус за потребите од промена на курсот кон Армијата. Тоа треба да биде долгорочен и врз стабилни основи заснован процес, кој треба да се однесува, на неколку стратегиски прашања:
– мора да се одржува нужна борбена готовност на Армијата на долга патека;
– потребно ни е стабилно финансирање на Армијата на краткорочен, среднорочен и на долгорочен план;
– за да се постигне тоа треба перманентно вложување, без осцилации, какви што ги имавме во изминатите три децении;
– нужно е да продолжи модернизацијата на Армијата во континуитет, во согласност со усвоениот план;
– потребно е перманентно технолошко унапредување на борбената опрема и борбените системи на Армијата;
– мора да обезбедиме стабилно и зголемено финансирање на АРСМ во согласност со системот за планирање, програмирање и буџетирање;
– зголемување на квалитетот на човечкиот потенцијал, се разбира во согласност со проценките за безбедносните ризици и предизвици со чие справување би се соочува Армијата во иднина;
– мораме да ги процениме и внатрешните предизвици и ризици и да ја подигнеме и подготвиме Армијата за таквите состојби кои ги налага времето: бегалската криза, пожарите, здравствената криза, сајбер нападите, заштитата на критичната инфраструктура и сл.;
– во таа насока треба да ги прецизираме новите мисии на АРСМ на внатрешен план, за што е потребно да се иновираат основните документи на државата, како што се кризниот менаџмент, управувањето со кризи,заштитата и спасувањето и сл.;
– следната голема реформа, која е веќе во тек во западните системи во областа на одбраната, безбедноста и разузнавачките системи е заради подобро соочување со хибридните и сајбер заканите и со нивниот најистурен аспект – дезинформациите, вселенскатга одбрана, заштитата на критичната инфраструктура и заштитата на информатичките системи во сите области, и
– стратегиското партнерство на високо ниво со САД треба да остане најбитна алатка за развојот и модернизација на Армијата.
Во контекст на новонастанатата геополитичка и военостратегиска состојба, Армијата мора да се продолжи да се увежбува, развива, модернизира и технолошки да се унапредува. Затоа модернизацијата на Армијата останува круцијално прашање. Да го потврдиме континуитетот на вложувањето во развојот на капацитетите на нашата армија што е гаранција дека продолжуваме да инвестираме во нашата национална бзбедност на долги патеки.
Во оваа 2025 годинаа беше промовирана нова артилериска батерија составена од шест хаубици 105 mm, „Боран“ и друга придружна опрема, кои се набавени од Турција во рамките на процесот за модернизација и опремување на Армијата. Исто така, набавени се триесетина лесно оклопни возилавозила од САД, радарски системи, се интензивираат преговорите за новите хеликоптери и сл. Тоа е вистинската насока во која треба да се движиме како држава во усложнетите геополитички, военострарегиски и безбедносни состојби.
Стаменов: Професоре, и на крајот, пет години нашата армија е дел од НАТО. Дали го остваривме нашиот сон за побезбедна иднина на Балканот, кој сè уште се вооружува и не се стабилизира?
Гоцевски: Секако, тоа беше нашиот сон за побезбедна Македонија, кој стана реалност. На 27. Март 1992 година и официјално последниот војник на тогашната ЈНА ја напушти нашата држава. Со тој чин, како држава го исполнивме условот од меѓународните претставници да формираме сопствена армија или да заборавиме на прогласената независнот. За прв пат во својата историја Република Македонија создаде релативно мирни услови да формираа свои оружени сили. Во многу тешки услови ја формиравме АРМ. Но, бевме свесни и за балканската реалност и за безбедносните ризици кои стоеја над нашите глави. Сите се вооружуваа, а започнаа и војните. Направивме широки анализи како во еден таков амбиент да ја осигураме нашата иднина као држава. На 18 мај 1992 година Советот за безбедност на Република Македонија по долги дискусии, а на мој предлог како министер за одбрана, донесе заклучок да започнат преговори за зачленување во НАТО. Тие започнаа веднаш. Оттогаш, и ние како држава, и нашата армија, го изодивме долгиот пат до остварување на тој сон – да станеме дел од најмоќната политичко-воена алијанса НАТО-сојузот.
На 27 март 2020 година, граѓаните на Република Северна Македонија ги слушнаа двете најзначајни вести за нашата национална безбедност и одбрана. Државниот секратар на САД Мајк Помпео изјави дека Република Северна Македонија ги исполнила сите услови да биде прогласена за полноправна членка на НАТО. Истиот ден генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Република Северна Македонија е дел од евроатлантското семејство, со што станавме триесеттата полноправна членка на НАТО. Тоа се можеби и најзначајните датуми, пред сè, за нашата држава и за нашата национална безбедност и, се разбира, за нашата одбрана како систем. Вековниот сон на многу наши генерации дејци, великани, политичари да имаме своја држава и своја армија конечно се оствари.
Имаме наша македонска армија која е дел од големото семејство на армиите на држави на евроатлантската безбедносна зона. Тоа за нас е големата слика за која се боревме. Со првиот чин создадовме мирни услови за формирање на армија на Република Македонија. Со вториот чин ја забетониравме нашата независност суверенитет и територијален интегритет на долга патека. Треба да се потсетуваме дека на Македонија никогаш никој ништо не и подарил. Сè е платено со многу страдања и жртви.
И денес сакаат да посегнат по нашиот идентитет, историја, традиции, култура и јазик. Затоа сите треба да придонесеме и, покрај одбраната, да ги зајакнување сите државни институции од областа на историјата, архивистиката, археологијата, музеологијата, етнологијата, културата… Тие мора да ги обезбедат, да ги зацврстат и да чуваат корените на нашата Македонија.