Оној кој во кинескиот интернет-пребарувач ќе го впише зборот Хонгконг или демонстрации, ќе биде разочаран. Нема да најде ни извештаи, ни фотографии на десетици илјади луѓе кои во бившата британска колонија излегуваат на улиците барајќи слободна номинација на кандидатите за изборите во 2017 година, јавува Дојче веле.
Наместо тоа, може да се прочита само официјалниот став на кинеското раководство,кој зборува за нелегални собири. Цензурата целосно ги има доведено вестите под контрола. Весниците и државната телевизија речиси не ги споменуваат протестите. Оној кој на улиците на Пекинг ќе ги праша минувачите дали знаат нешто за демонстрациите во Хонгконг, добива вакви одговори: „Не сум чула ништо“, „Не, немам поим“, „Наслушнав нешто, но не знам точно што се случува“.
Цензурирањето на информациите ја покажува загриженоста на Пекинг од тоа фотографиите на младите луѓе на протестите во Хонгконг и кај нив во Кина да предизвикаат луѓето да побараат поголема демократија. Само неколку весници, кои известуваат од демонстрациите во Хонгконг, ја следат познатата пропагандна мустра и нагласуваат-протестите наводно предизвикуваат хаос и нестабилност, дека во опасност се трговијата и туризмот.
Тие споменуваат- на дело се радикални сили и активисти кои изведуваат нелегални акции, но и тоа оти одлуката на изборите во 2017 година во Хонгконг да не се дозволи слободна номинација на кандидати, е незаобиколна. И во Министерството за надворешни работи на Кина реакцијата е вообичаена за вакви прилики. Портпаролката Хуа Чунјинг истакна:
„Сакаме да истакнеме дека Хонгконг е дел од Кина, дека е тоа специјална зона на кинеската управа. Внатрешните работи на Хонгконг се внатрешни работи на Кина. Ние ќе се чуваме од сите мешања однадвор и нема да дозволиме поддршка на организацијата ’Окупирај Централ’“.
Хонгконшкиот политиколог Вили Лам верува дека владата под раководство на Леунг има рок да заведе ред и мир на улиците на Хонгконг до в петок утрото во 9 часот. Тоа е прв работен ден по празникот.