Апокалиптични сценарија можеби нема да се случат но нашиот избор, всушност, се движи меѓу тивкиот препород и бавно и секојдневно умирање. Последново е најлошо – коментира поранешниот гувернер на Народната Банка Петар Гошев за НОВА ТВ за економските перспективи на Македонија кои се поврзани со исходот од претстојниот референдум, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.
Гошев вели прв услов за добра економија е безбедносна и политичка стабилност и само економски раст може да го запре егзодусот на населението.
„Треба се да сториме, референдумот да успее. Неуспехот ќе значи дека сами сме ја отфрлиле приликата да му се придружиме на најразвиениот дел од Планетата (и воено и економски). Сетете се некогаш беше дел бевме дел од економско-политички ситем кој немаше изгледи на опстанок, но во земја која од воено-безбедносен аспект не беше лесен плен за шокови однадвор; бевме и земја, во друштво на најсиромашниот дел од светот. Резултатите ни се познати. Би била непростлива лудост сега сами да си го минираме патот и можноста за друштво со најуспешните земји“ вели Гошев.
„Прв услов за добра економија е безбедносна и политичка стабилност, прецепција и увереност на остатокот од светот дека долгорочно ќе бидеме стабилен дел од Планетата. Претстојните интеграции сигурно ќе бидат поттик за економскиот развиток на земјата, притисок за хармонизација на економскиот и политичкиот систем на земјите во во тие интеграци, а тоа бездруго е и услов да ја зголемиме нашата, во овој момент исклучително ниска општествена продуктивност.
Само економски раст, животен стандард конкурентен на остатокот од светот, политика на релативна правда и правичност, може да го запре најновиот егзодус на граѓаните на Македонија. Нема економски раст без одржување и раст на населението. А без население, нема никаков идентитет.
Апокалиптичните сценарија за „судниот ден“,наводниот “самрак на нацијата“ и ветувањата за “волшебен препород“ кои ги слушаме во кампањата “ЗА“ и “Против“ референдумот нема да се случат. Зашто, нашиот избор, всушност, се движи меѓу тивкиот препрод и бавното и секојдневно умирање. Последново е најлошо“ изјави за НОВА ТВ Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на НБМ.
Петрески: Од првиот 7-годишен буџет на ЕУ за Македонија (2007-2013) добивме 615 милиони евра
Владимир Петрески, новинар и уредник на “Вистиномер” вели дека треба да се очекуваат повеќе инфраструктурни проекти и проекти за засилување на демократијата од Европската унија уште во текот на преговорите. За Македонија, која ќе биде меѓу најсиромашните земји во Унијата, финансиските придобивки ќе бидат многу поголеми од нашиот придонес во европскиот буџет.
„Економските придобивки од членството во ЕУ се значителни. Тие почнуваат и уште пред да се зачлените како што тоа нам во Македонија ни е многу добро познато.
Веќе од првиот 7-годишен буџет на ЕУ за Македонија (2007-2013) добивме 615 милиони евра, а од 2014 до 2020- 665 милиони евра претпристапни фондови. Но, овие средства не се како од еврообврзница, кои можете да ги трошите како сакате. Тие со себе повлекуваат услови и реформи и затоа ние не бевме и не сме способни да ги ефектуираме сите, но и 50 отсто од овие средства за мала земја како Македонија значат многу“ вели новинарот Владимир Петрески и уредник на “Вистиномер.мк”, за НОВА ТВ.
Со самиот почеток на преговорите, проектите од ЕУ ќе станат уште повидливи.
На пример, во Словенија, која стана членка на ЕУ во 2004 година, насекаде можевте да видите табли со знамето на ЕУ на кои пишуваше дека тој објект е подигнат со средства од Унијата. А, откако ќе станете членка, пак, кога ќе влезете и во системот и во буџетот на ЕУ и не само тоа туку ќе имате и влијание како тој буџет да изгледа финансиските и економските придобивки се огромни.
Земјоделците, на пример, субвенциите ќе ги добиваат од заедничкиот ЕУ буџет и тие ќе бидат далеку позначителни отколку досега. Но, она што е најголема и директна придобивка и тоа не за Македонија како држава, ами за секој граѓанин посебно, тоа е правото да живеете и работите во било која држава на ЕУ во која ќе посакате.
Само оваа можност значително ќе ја подигне благосостојбата во земјата откако граѓаните на Македонија ќе можат долгорочно да работат во земјите на ЕУ и дел од своите приходи да ги репатрираат во земјата како дознаки до своите роднини, кои по правило се далеку повисоки од македонските плати. Ова, пак, значително ќе ја крене цената на трудот во земјава (кога ќе има помалку работници на ист број работни места), што, пак, ќе значи повисоки плати“ вели Петрески.
Петрески очекува македонскиот извоз кој и сега 80 проценти оди во земјите на ЕУ, од кои 50 % во Германија да расте.
„Овие бројки ќе продолжат само да се зголемуваат зашто и во Македонија ќе важат истите правила како и во земјите на ЕУ и секој потенцијален инвеститор во Македонија однапред ќе знае што да очекува за многу прашања од областа на инвестициите зашто тие се веќе решени на европско ниво. Ова ќе ги засили инвестициите, а со тоа и пазарите на капитал, корпоративното управување, иновациите и слично. Македонската економија, од друга страна, нема што да се плаши, зашто земјава веќе има бесцарински трговски режим со ЕУ“ кажа за НОВА ТВ Петрески.
Кога PayPal ќе го имаме во Македонија?
Нина Ангеловска коосновач на Grouper.mk и која Форбс ја номинираше на листата на триесет најдобри млади преприемачи на Европа, вели дека влезот во меѓународните организации ќе има исклучително значење посебно за е-трговијата, но и Македонија да стане дигитализирано општество во кое граѓаните нема со часови да чекаат на шалтери.
„Развојот на е-трговијата со влезот во ЕУ би имал експоненцијален раст, или влезот во ЕУ за е-трговијата ќе има исклучително значење. Ќе значи влез во единствениот европски дигитален пазар (EU Digital Single Market) кој предвидува еднаква регулатива, еднакви правила и пристап за сите земји. Ќе значи отварање на можност за македонските компании настап на пазар од 500 милиони потрошувачи. Ќе значи зголемен избор и подбори цени за македонските купувачи. Ќе значи влез во еден слободен пазар каде секој ќе може да купува и продава било каде без дополнителни процедури, царнини, давачки, даноци“ вели Ангеловска.
Ангеловска вели дека изминативе 10 години вложила многу напор за да се промени целата индустрија за е-трговија во земјава, практично во нејзиното креирање – лобирање за промени на регулативите и нивно усогласување со ЕУ легислативата, соработка со сите инволвирани страни, едукација на пазарот, менторирање на млади претприемачи, до претставување на Македонија насекаде по светот на бројни конференции – од Европа, до Америка и Азија.
„Иако имаме прогрес на ова поле во изминативе неколку години, сепак Македонија е на дното споредено со земјите од ЕУ, како во е-купување и е-продавање така и во немање на дигитални вештини. А јас напредокот го гледам во дигитализацијата.
Во паметно организирано општество и дигитална земја каде нема претприемачите да трошат часови во телефонски повици и чекање на шалтери, а наместо тоа времето ќе го трошат на креативно и продуктивно размислување како да го растат бизнисот. Затоа треба да сме дел од единствениот дигитален пазар на ЕУ кој може да придонесе со 415 милиради евра во економијата на ЕУ, за отварање нови работни места и трансформирање на јавните услуги. Ако станеме дел од ЕУ и Македонија ке ги почувствува придобивките“ вели Ангеловска.
Често добивам прашања како “Кога PayPal ќе го имаме во Македонија?”, “Зошто Македонците не може да продаваат на eBay, Amazon или други светски платформи” и сл. И одговорот од претставниците на овие платформи со кој сум разговарала е дека сме мал пазар, дека не сме “интересни” и дополнително дека ја немаме и потребната рамка и легислатива, но ако бидеме дел од ЕУ тогаш ќе ги имаме и тие можности“ додава Ангеловска.
Иако многу млади се отселија, Ангеловска вели дека во земјава и натаму има кретивни и успешни млади претприемачи и светот е заинтересиран за нивните производи , но тие тешко успеваат да ги промовираат своите идеи надвор од границите на Македонија .
„На младите патот им е отежнат. Немаат пристап до глобалниот пазар. Отвараат сметки и компании во други земји за да можат своите производи и услуги да ги пласираат и продаваат на други пазари. Интересот за нашите производи постои во светот и имаме позитивни примери но штета е што наместо да е олеснет патот за младите претприемачи, тој е отежнат и тие треба да наоѓаат креативни решенија за да ги пласираат своите производи ширум светот. Затоа треба да сме дел од ЕУ единствениот дигитален пазар. За да не бидеме изолирани. За да ни се отвори пазар од 500 милиони луѓе. За да слушаме се повеќе успешни приказни за македонски иноватори кои од тука ги продаваат своите производи насекаде ширум светот“ вели Ангеловска.
Претседателот на Советот на странски инвeстиции, Штефан Петер, вчера изјави дека Македонија може да се соочи со губење на милијарди евра финансиска помош од Европската унија, намалување на странските директни инвестиции и можност за дестабилизација на денарот што ќе предизвика притисок врз банкарскиот сектор, доколку референдумот не успее и земјава не влезе во Европската унија. Според Петер „со затворена врата во Унијата постои можност да се намали увозот и извозот, компаниите да ја изгубат конкуретноста и младите квалификувани кадри да се иселат надвор од државата“. Од Народната банка денеска одговорија дека „ тековниот контекст во државата воопшто не треба да се поврзува со стабилноста на домашната валута, ниту на домашниот банкарски систем. И едниот и другиот сегмент се исклучително здрави и отпорни“.