Грчката коалициска Влада соопшти дека следната недела ќе побара во Парламентот да се одржи гласање за доверба на Кабинетот, откако претходно во текот на денешниот ден опозицијата побара распишување на предвремени избори, наведувајќи го како причина спроведувањето на екстремно строгите мерки за штедење.
Во соопштението на Владата, кое било објавено на државната телевизија, се наведува само дека ќе се одржи гласање на доверба на Владата, без да бидат истакнати повеќе детали.
Можно е владината коалиција, предводена од премиерот и шефот на конзервативаната Нова демократија, Андонис Самарас, да мора до март следната година да распише предвремени избори, имајќи предвид дека за избор на нов претседател на државата, кој го бира Парламентот, им е потребна поддршка од опозицијата.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека владејачките конзервативци имаат помала поддршка од опозициската партија Сириза, која е против строгите мерки за штедење.