Пишува: Нано Ружин

Владата на  ВМРО-ДПМНЕ  во времето кое му претходеше на Самитот во Букурешт  и во пост-букурешкиот период се однесуваше парадоксално речиси фаустовски. Раководството на чело со премиерот Груевски беше подготвено да го прослави евентуалното зачленување во НАТО, како признание за „правилната политика“ на лидерот во изминатите две години. Во случај на успех, партијата и уметниците и свечената бина,  беа подготвени за колективната  прослава на централниот плоштад во Скопје. Но екипата на Груевски имаше и план „Б“, кој би се активирал во случај на ефектуирање  на грчкото „вето“ и неуспехот на приемот на државата во НАТО. Таквото сценарио предвидуваше стигматизирање на Грција и нејзините подржувачи  и манифестирање на  уште поголемо задоволство бидејки „не била издадена каузата за името“. Оваа утешителна приказна  предвидуваше антифаустовски третман на ветото на Алијансата: Што ке ни е членство во НАТО ако го смениме името и ја изгубиме државата“? Што ке ни е членство ако ја издадеме каузата на Гоце и на нашите предци“? Настапувајки со слоганот и познатата иконографија : „Не го дадовме името!“, „Храбро го одбранивме името“, раководството на ВМРО-ДПМНЕ исполнето со победничкиот ентузијазам, се подготвуваше да распише предвремени парламентари избори за да ја зајакне владејачката позиција, и да ги вовлече ДУИ наместо ДПА во коалиционата власт. Се претпоставува дека оваа концепција била подготвувана уште порано со оглед на нестабилната коалициона влада од која отстапија албанските коалициони партнери.

Дел од раковoдството на ВМРО-ДПМНЕ навистина мечтаеше државата под нивно водство да добие покана за членство во НАТО.  Надежите за таквите илузии произлегуваа од  одлуката на САД и Канада да ја признаат РМ под уставно име како и од силната подршка на членството од страна на Вашингтон. Отворената подршка  на САД ги заслепи чуствата за реалната политика на екипата на ВМРО-ДПМНЕ. Уште во 2007, идеите на антиквизацијата кои постојано се промовираа низ медиумите, политичките говори, уметничките творби, археолошките артефакти и „експертите“  почнаа да се материјализираат. Во таквиот контекст без никакво чуство на рафинираност и реални проценки на политичко-дипломатските последици  врз грчко-македонските односи, владата ја носи одлуката за промена на името на скопскиот аеродром „Петровец“ во „Александар Велики“. Кога поранешниот американски амбасадор во НАТО, Николас Барнс му порача на Груевски „Кога си во дупка, престани да копаш“ и кога тогашниот американски амбасадор во НАТО Викторија Нуланд му сугерираше на премиерот „да ја промени одлуката за аеродромот“, тој мирно продолжи да ја исполнува агендата на заострување на односите со Атина. Во Скопје како никој да не размислуваше околу епилогот на Самитот во Букурешт 2008 и можното „вето“ на Атина. Изгледа дека логиката на Груевски била во две насоки: а) доколку се добие членството во НАТО ќе се потврди правилната надворешна политика на владата, б) доколку РМ биде блокирана, тогаш „името Македонија било храбро одбрането, наспроти оние што сакале да ни го променат“. И во двете политички приказни, ВМРО-ДПМНЕ се сметаше за добитник. Веројатно кога на вага би се ставиле „членството во Алијансата“ или „ победа со апсолутно мнозинство и нови четири години на владеење“, раководството на партијата ке се изјаснеше за втората опција.

Пред одржувањето на Самитот се одржале последните преговори помеѓу преговарачите на Грција и Македонија во Њујорк. Во овие преговори РМ инсистираала на двојната формула и тоа „уставно име  Република Македонија  за надворешна употреба“ во меѓународната заедница, и било кое „сложено име“ кое би го предложила Грција за  Македонија.

Од своја страна и Грција прифаќаше сложено име со зборот Македонија  кој би се користел  единствено во надворешните односи додека во внатрешната употреба Атина воопшто не се мешаше. Во предвечерјето на Самитот кога се почуствува дека ке се случи неуспех, многубројната македонска делегација предводена од премиерот Груевски и заради коабитацијата, помалата предводена од страна на претседателот Црвенковски, најдоа заеднички компромис за името  Република Македонија (Скопје). Меѓутоа овој потег повеќе беше израз на циничен тактички чин со кој  се настојуваше да се покаже флексибилноста на делегацијата отколку вистински луциден стратешки потег за решавање на долгогодишниот спор со Грција. Впрочем, долго време, Груевски негираше дека прифатил компромис, со цел да не ја замати славата од „херојската одбарана на името“. Во пост-букурешкиот период, ВМРО-ДПМНЕ ја отвори конфронтацијата со Грција како на внатрешен план преку интензивната „антиквизација“ во повеќе домени и особено преку проектот Скопје 2014, додека на надворешен план Македонија ја тужеше Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг за прекршување на Привремената билатерална спогодба од 1995 година, со блокирањето на македонскиот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Македонија побара од Судот да и наложи на Грција да ги почитува своите обврски предвидени со Привремената спогодба и да не го блокира македонското членство во меѓународни организации. Атина пак, ја базираше одбраната на фактот дека на „ Самитот во Букурешт немало вето, туку консензус меѓу земјите-членки“ , за одложување на приемот на Македонија во НАТО по решавањето на спорот за името. Судот се изјасни во полза на Македонија дека „Грција ја прекршила спогодбата“ (2011), но тоа беше пирова победа која не помогна државата да добие покана за членство туку само ги заостри билатералните односи меѓу двете држави.

Во еден есеј, македонскиот новинар и аналитичар Љупчо Поповски изготви еден осврт „Од Букурешт до Преспа со наслов „Кога Америка се откажа од Груевски“  во кој авторот повикувајки се на каблограмите на Викилкс ги анализира задкулисните дипломатски игри и преговарања во очи Самитот во Букурешт 2008.  Во март 2011 на Викиликс се појавија документи за 2008 за РМ и прашањето на името. Овие документи покажаа дека РМ  во тоа време немала политичар-визионер. ниту концепција за компромис. Односно  единствено се прифаќала можноста за минимален компромис, кој во било која теорија или пракса на преговарање однапред би бил осуден на неуспех. Познато е дека успешните преговори на две страни претпоставуваат такви резултати во кои и девет страни би се сметале за победници (win-win) а не едната страна за победник а другата за губитник (win-lose). Токму вторава опција ја форсираше  македонската делегација во преговорите со Грција

Според документацијата од Викиликс, на 5 јануари 2008, во Атина се сретнале Даниел Спекхард, (помошник на ГС на НАТО за политички работи и активен олеснувач на кризата во Македонија од 2001) а од летото 2007 американски амбасадор во Грција  и премиерот Коста Караманлис околу темата за можната компромисна формула за нашата држава и нејзиното членство во НАТО.

Во каблограмот од Викиликс-Wikileaks  пишува дека Даниел Спекхард во обраќањето кон грчкиот премиер истакнал дека една од неговите цели е „да се фокусира врз јакнењето на стабилноста на Балканот, каде го вклучил и прашањето за решавањето на спорот околу името. Караманлис констатирал дека „ Скопје станува се помалку расположив за компромисна формула“и оти Караманлис ја прифатил тврадата линија во однос на решавање на спорот околу името. Тој додал дека „Грција сака целиот Балкан да биде инкорпориран во Евро-Атланските институции и да ги имплементира Западните вредности „ е неопходно е да се најде заедничко прифатливо решение со сложена композиција „Нова, Горна, Северна“ за меѓународна употреба а за внатрешна употреба државата може да го користи уставното име –Република Македонија“. Тој информирал дека „јавното мислење во Грција било против било каква употреба на името „Македонија“, но сепак Карманлис презел една храбра иницијатива  (bold step) и ги прифатил предлозите на Нимиц, со кои можеби Нова демократија ке изгуби во јавното мислење. „ Грција е отворена за сложено име, Нова, Северна, Горна Македонија “

Кога  ке се анализираат предлозите кои ги прифатил грчкиот премиер, тие се многу поповолни во однос на Преспанскиот договор. Меѓутоа во 2007/8 тогаш биле неприфатливи за екипата на Груевски.

Спекхард прашал „дали може да се постигне прогрес пред Самитот а договорот за името да биде финализирано подоцна за време на преговорите при ратификацијата, Караманлис не прифатил.

Во каблограмот пишува дека и Нимиц барајки компромис  предложил двојна формула (РМ за внатрешна и компромисна за надворешна употреба, но тоа било одбиено од страна на Груевски). Како што е претходно наведено Караманлис би го прифатил овој предлог. Десет години подоцна, нашата држава ги загуби позициите од 2008 а со тоа и можноста за формулата која ја прифати Караманлис.

Резимирајки ги  информациите на Викиликс, може да се констатита дека на четири месеци пред Самитот во Букурешт, владата на Грција била подготвена на компромис за двојна формула во однос на името на РМ : едно име за внатрешна и едно име за надворешна употреба што е вид win-win солуција. И владата на Македонија била подготевна за две имиња но со сосема поинаков редослед: едно име-Република Македонија за меѓународна употреба и сложено име за Грција што е win-lose  солуција во полза на македонската страна.

Новите преговори кои ги поведе Заев ги отпочна од многу понизок праг, со ослабени позиции, без еуфоричната подршка на американската администрација како во времето на претседателот Буш, со оглед дека со антиквизацијата, проектот Скопје 2014, Судската пресуда на Меѓународниот суд за правда од Хаг, криминалните досиеја, прислушувањата…влијаеа врз влошување на билатералните односи меѓу Скопје и Атина. Во Грција никој не сакаше да чуе за двојната формула ниту да се прифати употребата на името Македонија во сложената формула. Грција се зацементира зад наративот  erga omnes. Евро-атланските интеграции на државата беа длабоко зарибани и кородирани. Државата настојуваше да излезе од авторитарниот и либерален режим кој го остави претходната власт и во такви услови администрацијата на Заев избоксува коректна спогодба која не го наруши идентитетот и историските наследства, а од јужниот сосед направи нов сојузник.