Градскиот трговски центар влегува во проектот Скопје 2014, со бирање на решение со кое објектот ќе добие барокна фасада, со што планот е да наликува на соседството, јави Алфа.
Автор е Жарко Чаушевски, еден од авторите на неколку објекти во Скопје 2014 кои се сите барокни, согласно идејата на 2014: Водовод, Владата, стилската деветкатница на „Бихаќска“ во која е планирано да се сместат три државни институции и старата зграда на Министерството за правда.
Пред два дена, Советот на Град Скопје денеска донесе одлука за обнова и реконструкција на дел од фасадите во Центар, а останува енигма дали ќе бидат барокни како останатите згради во соседството.
Прво ќе бидат обновени кулите во ГТЦ , а потоа и оние на плоштадот „Карпошово востание“.
Следуваат фасадите по булеварот „Илинден“, од Владата до фонтаната кај Градскиот парк.
Опозициските советници реагираа затоа што ќе се наметнуваат идејни решенија и за фасади на приватни објекти.
Освен тоа, деновиве излезе информација дека власта планира и градење на шпански скали, кои се дел од планот за строгиот Центар во Скопје, за што имаше експресни реакции: Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски и претседателот на Советот на Општината, Мирослав Шиповиќ, протестираа за тендерот кој централната власт го објави за продажба на последната расположлива парцела на Плоштад Македонија.
Жерновски изрази негодување заради објавувањето на тендерот за кој рече дека се објавува на сомнителен начин, а земјиштето се продава по багателни цени и тоа во период кога се врши ревизија на проектот Скопје 2014 од страна на Оптшината.
– Новиот инвеститор треба добро да размисли кои ќе бидат неговите следни чекори, зашто Општината прави ревизија на деталниот урбанистички план – рече Андреј Жерновски .
Претседателот на Советот на Центар, Мирослав Шиповиќ, рече дека во текот на идната недела Советот ќе го разгледа урбанистички план на „Мал ринг“, во кој е вклучен и Плоштадот Македонија, за да се види што тој содржи.