Од вкупно 3880 лиценцирани стоматолози во државата дури 1500 до 1800 од нив не можат да најдат работа или воопшто не работат на струката за која се школувале. Преголемиот број на дипломирани стоматолози доведе до тоа голем број од нив да работат како стоматолошки асистенти во ординациите, нешто за што е потребно средно образованите или се вработуваат во фармацевските компании, но има и такви кои егзистираат од работи кои немаат никаква допирна точка со стоматологијата. Овие фрапантни податоци за НОВА ги потврдија во Стоматолошката комора на РМ.
„Факт е дека имаме хиперпродукцијата на докторите на стоматологија, но и факт е дека нема долгорочна стратегија за проблемот со кој се соочува државата. Ваквата ситуација не е само на примарно ниво, туку има хиперпродукција и на стоматолози специјалисти кои во моментот ги има над 700 од различни специјалности“, изјави за НОВА, Марјан Денковски, претседател на Стоматолошката комора.

Комората досега има издадено над 500 лиценци за специјалисти од различни области на стоматологијата. Над 200 од нив никогаш не дошле да ги подигнат лиценците и работат како општи матични стоматолози, велат од таму.
Според официјалните податоци од двата Стоматолошки факултета во Скопје и Штип во момент на специјалистички студии има околу 140 специјализанти кои треба да завршат за година до две.
Загрижувачки е бројот од околу 700 специјалисти, а бројот до 2020 година се очекува да се зголеми на над 800.
„Со место во мрежата и со договори со ФЗОМ во моментот има околу 220 стоматолози. Аналитичка проценка е дека 200 до 250 специјалисти по разни основи не се и нема да се заинтересирани да влезат во мрежа на специјалистички ординации, со што се доаѓа до заклучок дека би добиле бројка од околу 500 специјалисти кои се реално заинтересирани за склучување на договор со ФЗОМ што е огромен број кој едноставно системот на ФЗОМ неможе да ги апсорбира’, вели Денковски.
Проблемот со кој се судира државата со одлевање во странство на лекари од општа медицина, не се однесува на стоматолозите. Во земјите од ЕУ и во другите држави во светотот не се бараат стоматолози, така што мал и незначителен број од нив ја бараат егзистенцијата надвор од Македонија.
Државата, со отварањето на неколку факултети создаде хиперпродукција на кадар. На веб страната на Агенцијата за вработување нема податоци колку невработени стоматолози во моментот има во државата, колку од нив се регистрирани деака бараат работа. Но, секако доктор по стоматологија не меѓу најбараните 25 професии. Според податоците на Агенцијата за вработување, се бараат продавачи, тесари, келнери, хигиеничари, но не е и стоматолози.
Младите дипломирани стоматолози се револтирани бидејќи не можат да најдат работа, а во странство оваа професија не е барана.
„Додека државата дозволува уписи на нови генерации на студенти по стоматологија со што се создава хиперпродукција на кадар, ќе се зголемува бројот на невработени стоматолози или пак, тие ќе работат во дејности кои што немаат врска со нивната професија“, вели А. С, дипломиран стоматолог кој е без работа.
Тоа беше и причината Стоматолошката комора да реагира кога се појави информацијата за акредитирање на петти факултет, велат од комората.
„ Секако тоа е и причината зошто како Комора инициравме континуирани разговори на оваа тема со деканите на стоматолошките факултети во Македонија. Секако дека за мораторум на уписи не може да зборуваме, но сите бараме заеднички став, заедничко решение и начин за да се ограничи пред се бројот на студенти кои се запишуваат на факултетите по дентална медицина“, вели Денковски.
Во моментот се бара долгорочно решение со сите инволвирани институции бидејќи хиперпродуцијата на специјалисти не покажува тенденција на опаѓање, но напредок нема. А, ситуацијата е загрижувачка.
Во иднина дури се очекува и пораст бидејќи акредитацијата на приватни специјалистички студии , како и со перманентно барање на факултетите за зголемување на квотата на специјализанти водат во таа насока велат во Комората.
Покрај разговори за политиката на уписи со факултетите , но и со надлежните институци се разговара и за решение и за специјалистите од стоматолошки области кои веќе се во мрежа на здравствени , но и уште повеќе за изнаоѓање на решение за оние специјалисти кои се надвор од мрежа (кои секој ден се во поголем број), бидејќи уредбата за мрежата на специјалистичките ординации од 2012 година досега со години не ја почитувале ниту Фондот за здравствено осигурување, ниту Министерството за здравство.
„ Според информациите што ги имаме добиено од Фондот и Министерството и согласно уредбата за мрежа на специјалисти потребни во РМ, во моментов постои празно место за влегување во мрежа со договор со Фондот за специјалист протетичар, во североисточниот регион и има места за ортодонти во државата, но не поради тоа дека реално треба туку затоа што за ортодонтите важи правилото- на 8000 жители еден специјалист, а не како за другите две специјалности од 75.000 до 100.000 жители“, велат во Комората.
Имено, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување не ги пополнувале празните места за специјалистички ординации во мрежата кои настанувале по разни основи и ставот на институциите досега бил дека оние кои при концесионирањето во првиот наврат влегле во мрежата, а се повеќе од предвидените проекции на двете институции, сега треба да се намалат по природен пат, по однос на пензионирање или други основи, што доведе до низа аномалии околу обезбедувањето на правото на осигурениците во голем број на општини.
Во Стоматолошката комора велат дека во моментот со министерот за здравство Филипче и во министерството се прават напори да се изнајде некое решение кое би го решило пред се дефицитот на определени специјалности во поголемите општини ( над 10.000 жители), а каде веќе постојат специјалистички тимови кои се надвор од мрежата и се анализира под кои критериуми би се направило проширувањето.