НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Хроника на политички прогони: Лустрација на Трендафил Ивановски

0
By Биљана Секуловска on March 12, 2020 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Во серијалот на НОВА за лустрацијата, следува сведоштвото на судијата Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд. Жигосувањата и политичките пресметки преку лустрацијата беа еден од главните печати на владеењето, на режимот на Никола Груевски.

За што бевте официјално лустриран

Јас бев формално-правно официјално лустриран за дадена изјава дека не сум соработувал со службите за државна безбедност. Тоа е моја изјава дадена пред нотар, по барање на органите, дали сум соработувал со службите за Државна безбедност.

За да се спроведе процесот на лустрација е предвидена таква обврска за сите носители на функција – дадат изјава со која ќе потврдат дека не соработувале со органите за државна безбедност. Јас бидејќи не соработував со органите и не соработувам, дадов таква изјава.

Тоа е во 2008 година, така нешто. Дадена изјава, изјавата била таму, скоро сите такви изјави даваа.

Отосле, кога поминува времето, Аџината Комисија констатирала дека, наводно, јас сум бил соработник на службите за државна безбедност и затоа ме лустрираат. Тоа е формалниот елемент, дека сум дал фактички лажна изјава дека не сум соработувал. Од тука е почетокот.

Е, сега, чинот на соработката или самиот повод веќе после е сосема друг. Се знае дека поводот за лустрација беше моето делување, мојата функција која ја вршев, така да тоа беше еден чин на одмазда. Бев претседател на Уставен суд.

Дадена е изјавата кај нив 2010 година и веќе кога ќе почне процесот, кога ја цвадат таа изјава и она служи како формален елемент за лустрација. Што е поводот или што нив ги натерало да се посомневаат? Формално-правниот елемент. Нив ги натерало да се посомневаат во тоа, за да може да ја реализираат самата идеја, да потврдат дека јас сум соработувал и како чин на таа соработка сум ја дал лажната изјава.

А тоа го дознав сето во 2010 година, враќајќи се од одмор од Охрид. Септември месец, навечер, слушнам на телевизија сензационална вест, се јавува на сите телевизии дека некое лице од високите судски инстанци на највисокиот суд, од југоисточниот регион на Републиката, кога бил средношколец соработувал со службите, односно дека од тогаш почнува и дека го нашле досието мое. И тоа е веќе како повод за формален почеток.

Тоа за мене беше прво фрапантно, прво незамисливо, дека после 50 години ќе се сети некој или ќе бара, ќе буричка, дали некој соработувал, и кога соработувал и што соработувал. Кога ја слушнав веста, бидејќи толку беше јасна иако беше тоа државна тајна, иако тоа беше под сите ембарга да не се јавува, јас самиот ја добив личната карта, идентитет, со самата изјава на  кајроните на телевизија. И тоа се вртеше цело време, цел ден за таквата состојба.

Се обратив на семејството, им реков:

-Немојте да се секирате, да се плашите, меѓутоа овој некој, од југоисточниот регион на Републиката кога бил средношколец, дека тоа сум јас.

И тоа беше, добро… малку фрапантно и за семејството, што е, како е… меѓутоа им реков:

– Бидете спокојни, ќе излезе вистината на виделина.

Е, сега, да се вратам на чинот од кога наводно дека сум соработувал.

Ова било во 1964 година, каде што… самиот го барав поводот што може да биде и буричкајќи по сето ова… 64 година кога сум бил во гимназија во Струмица, дека сум бил организатор на една организација, тогаш беше тоа актуелно, “Струмичките патриoти“.

Една организација формирана од четворица другари мои, после со систем на тројки да се развива таа организација- организација за обединета Македонија. И тоа е правено во 1964 година кога јас сум бил малолетник, кога бев ученик во трета година гимназија, како претседател на историска секција.

И тоа било поводот, каде што мене е откриена организацијата. Бев прибран во службата за државна безбедност како лидер на организацијата. Ја пробија организацијата, се проби кој-како е, можам да кажам и чинот како е пробиена…

Откако се проби организацијата, неколку денови перманентно бев во кабинетите на службата за државна безбедност на испитување, во Струмица. Отпосле бев веќе и притворен, токму поради тоа што бев носител, и што бев организатор на таа организација.

Во притвор  бев месец дена. Во гимназијата се закануваа- Ќе те исфрлиме од гимназијата и сето тоа што значи едно дете да го исплашите вие на тие години. Тоа беше навистина стресно.

Самиот чин стои и во книгата што после ја издадов веќе– „Мартовско утро 1964 година“. Тука е фактички самиот почеток, тука доаѓа на секцијата по македонски јазик… јас во моментот… коинциденција е тоа, го рецитирам… мојот омилен поет, како ученик на двојазичната насока, јас ја рецитирам

песната „Глас на Македонија“ од Коле Неделковски.

И во истиот момент, доаѓа на вратата директорот на гимназијата, математичар, грандиозен, 130-140 килограми, влегува на вратата и рече

-Ах Ивановски, вие ми требате.

А јас рецитирам.

И се обраќа на наставничката по македонски јазик:

-Престанете со ова, ми треба, после ќе ви го вратам ученикот.

И јас одма знаев, уште тогаш како дете, бидејќи веќе имав навестувања од полицијата дека ме бркаат… веќе моите– соорганизатори или ученици беа веќе некои повикувани на разговор, и веќе бев подготвен за чинот на судирот со јавната безбедност.

Со директорот се симнавме во неговата канцеларија, таму не пречека една сподоба, инспектор, Виш инспектор на службата за државна безбедност, Киро Ичев, колку висок-толку широк.

Едно дете пред него (рече) „Ах, еве го ученикот“ и толку беше муабетот.  Само излеговме…

-Пред мене пет чекори напред, право во испоставата, ни лево ни десно, оти знаеш како може да завршиш.

Дете како дете, пред него во испоставата кај кино „Балкан“, на 500 метри од гимназијата. Отидов во испоставата внатре и почна процесот на испитување, почна процесот на малтретирање.

Еве го тука, тоа е првиот документ кој фактички ми беше посочен од досието мое, тоа е записникот составен на 27.3.1964 година. Еве го оргиналот, кога го добивам јас.

Тука го има записникот, кажува што е како е.

После во записникот ги има сите детали, на пример, зошто сум соработувал, како сум соработувал, сето тоа.

Меѓутоа, тоа е на долго и широко, тоа е веќе репресија, тоа е веќе репресирање на едно лице.

Тука ги има сите елементи, ги кажува. Во еден дел од записникот е погоден, меѓутоа, десетина страници… Записникот го немам потпишано и намерно не ми го даде да го потпишам, оти малолетно лице, сигурно претпоставувам тоа е.

Меѓутоа, во записникот, и после во картотеката од досието, има таму кога сум соработувал, како сум соработувал, зошто сум осудуван. Во самиот документ, во досието тоа стои, јас после го публикував и реков дека не е тајна за никого.

Зошто на пример јас не поведов сметка дека, еве, може да има такво репресирано досие, оти тоа е досие за репресирано лице.

Имајќи во предвид дека сите досиеја што во Македонија се водени од ослободувањето па наваму, во 2000 година се донесе еден закон со кој се определи  дека… тогаш беа ВМРО на власт… се определи сите досиеја што се чуваат во Архивот, а кои имаат соработнички предзнак, да бидат поништени заклучно со 2002 година, мислам јуни месец. Во документацијата и тоа го има. До јуни 2002 година да бидат поништени. Во тој период сите што беа од ВМРО, од други, сите што соработувале, што имале соработнички предзнак, ги поништиле своите досиеја.

Јас не го поништив. Ниту сум бил, ниту сум имал интерес, ниту знаев, зошто да поништувам нешто.

А сите досиеја коишто имаат историски, архивски карактер и значење, а се однесуваат на основачи на некоја организација, кои биле за голема Македонија,  од политички карактер, тие досиеја единствено останале да се чуваат во Архивот.

Тоа се досиеја на репресирани лица кои во тој период службите за државна безбедност ги прогонувале, ги затворале од а некои завршија и со животот во целиот тој период. 1:02:18

Тие досиеја, по Законот, остануваат и понатаму да се чуваат во Архивот на Македонија како државна тајна, како документи коишто единствено може да бидат допуштени, да бидат анализирани само од аспект на научно-историски карактер.

Тоа едно мое досие минорно, за минорно лице, после, во 2010 година, кога ќе почне процесот на лустрација, некој го начекал и го извадил, а тоа е досие на репресирано лице, не е досие на соработник. Во самото досие само тоа го има.

Тоа беше сега поводот, во 2010 година, по соопштувањето дека некој судија, дека некој… Ми се јавија од Комисијата за лустрација.

-Дојди на разговор. Имаш право да дојдеш на разговор во Комисијата, да ти кажеме… да направиме разговор. Дали ќе прифатиш, дали си бил тој. Дали ќе прифатиш еден разговор.

Реков- Зошто разговор?

-Досие ние немаме, досие може да си побарате од Архив.

Тоа се игри веќе, вештачки игри.

Отидов во Архивот повторно да го барам тоа досие од 1964 година во 2010 година. Ми дадоа 12-13 листови и белешки нивни, исклучиво од репресијата, од записникот.

Белешки од службата за државна безбедност што службено се воделе од моето сослушување, после друга карактеристика на лицето, исто така,  службата што си ја правеле, и три-четири белешки , што се разговори во овој период кога сум испрашуван: „Со кого се сретнуваше“, „што зборуваше со нив“ за да се дојде до сознанието зошто сум ја организирал и како сум ја организирал организацијата.

Тие белешки ги правел само инспекторот, тие белешки ниту се потпишани од друг некој, од мене апсолутно, па во целото досие нема ниту еден потпис.

Дел од белешките се вистинити што ги правел тој, делумно, каде што кажува се „сретнал во паркот на ден тој и тој, со Булин Тале, со Перо Георгиевски, со Глигорие и Трендафил. Притоа се организирале…“. И сега кажува тука… Тие се такви  неколку белешки и на сетоа тоа- завршува.

Нема никаква белешка тука за некаква соработка или за некакви задачи. Откога веќе го земав тоа досие, отидов во…ми се даде толку кратко време, само неколку саати, за да можам да го проучам, да го видам.

Го гледав во простории на Комисијата, не, не, дома не ми го дадоа.

Во службата (Комисијата) кај нив ми го отворија официјално.

Чедо (Чедомир) Дамјановски беше и еден што беше пратеник од СДСМ и член на Комисијата за избори кој тогаш беше претставник на СДСМ во Комисијата. Двајцата беа таму.

Ми го оставија досието и ми задолжија референт еден нивни, да биде со мене, да ме контролира.

Го земав досието, го отворив, видов што е, вкупно беа 19 страници, вклучително записникот, кој имаш пет страници, вклучително и карактеристиката што е пишувана отпосле за текот на работењето.

Има кога сум повикуван во полиција, колку пати сум сослушуван, што сум изјавувал при сослушувањето. Тие се чисто службени белешки што тие ги правеле за мене. И овие неколку како белешка од инспектор составена, три-четири белешки.

Во тие белешки, мислам беа вкупно седум, од коишто четири беа тотално фалсификат што немаше врска, на пример дека е разговарано со некое лице во некој период. Ниту постои такво лице, ниту постои таков период. На тоа се сведе фактички.

Имаше неколку такви што немаше никаква идентификација. Имаше после и во печатот и на телевизија Телма, каде што е содржината на тие разговори- Телма секогаш ги покажува. Ги бришат името и презимето и покажуваат што е содржината.

Во разговорите со еден од моите соработници што биле таму… дека е разговарано дека во Солун има ракети, дури и тој што го пишувал тој инспекторот, неписмени работи, дека има ракети. Дека тие ракети се опасност за Македонија и дека мора (се смее) да ги отстраниме, како да најдеме начин да…  детски работи.

Зборувано нешто за обединета Македонија, како да ја направиме.

Кога го видов им реков дека можам во истиот ден, бидејќи колку што можев да видам нема никаква содржина. Според тоа, бидејќи не се исполнети услови, оваа моја дадена изјава, што тогаш сум ја дал е сосема исправна, а они со овие белешки како сакаат, така нека се однесуваат.

Веднаш им побарав дека сакам да биде разгледувањето на случајот на јавна седница, да се одржи јавна седница, оти дотогаш сето ова беше под ембарго. Тоа му го кажав на претседателот на Комисијата.

Се одржа седница на Комисијата. На таа седница на Комисијата, цел состав на Комисијата, на 17 спрат.

Бидејќи јас барав отворена седница на Комисијата, по закон имав право, они сакаа, они се обидоа прво да нема отворена седница на Комисијата, туку да биде молчешкум, да се заташка работава, божем ми излегуваат во пресрет да не кажуваат ништо и јас да прифатам, да си поднесам оставка, или после, како ќе се одвиваат работите.

Јас автоматски им реков дека сакам да биде отворена седница на Комисијата, и затоа наредниот ден се закажа седницата.

Беше цел состав на Комисијата и бидејќи бепе отворена седницата, имаше барем едно 200 новинари. Немаше редакција без свои новинари, во југословенски рамки и од Балканот, па имаше претставници од ОБСЕ, имаше од сите меѓународни организации, од Стејт Департментот.

Оти тоа беше прв случај, интересен случај, оти почна лустрација со мене и неславно заврши лустрацијата со мене.

Во салата немаше каде да се застане. Јас не можев да пројдам во салата за да дојдам до столчето до претседателот на Комисијата. Имаше оставено простор помеѓу два члена на Комисијата и таму седнав, пред микрофонот да ме сослуша Комисијата.

А внатре ви реков, немаше кај игла да падне. Избркаа еден дел од новинарите, па определија само неколку, за да можат да останат внатре оти немаше место. Целиот ходник беше полн со новинарски екипи и со снимателска техника.

Беше јавен пренос, бидејќи јас барав јавно, побуди интерес, во живо се најави на националната телевизија, дека ќе има… ќе се врши пренос. Екипите беа, се беше поставено.

Претседателот на Комисијата, не знам дали беше тој, може беше тој, тој беше незаменлив,  почна со најавата за седницата, рече дека е барана јавна седница, и дека, и покрај тоа што материјалите се од тајна природа, ми е сугерирано да се држам до чинот на она што може јавно да се изнесе, да не изнесувам државни тајни, оти исто така може да направам кривично дело.

Веднаш се побунив и реков дека јас  не барам јавна седница за љубов или за прикаски, туку токму за јавноста да знае што е чинот на сето ова.

Во истиот момент, веќе почната седницата, и телевизија пренесува, технички дефект, се прекинува преносот на телевизија.

Сите после јавија, и од науката, и луѓе, од дома, од секаде:

-Таман седнавме да гледаме, таман почна…

Ми јави жена ми, баџанакот ми јави, ми јави Кокан Кацарски, ми јави Филип Лазаревски, пријатели и од работа- Југослав Миленковиќ кој беше одговорен за Протокол, тој ја следеше работата на Комисијата, беше на седница, со мене беше таму. Тогаш беше раководител на Одделот за печат на Уставниот суд, за комуникации со јавност беше советник.

Прекинува преносот на телевизија, меѓутоа седницата си продолжи, јас не знаев дека е прекинат. Отпосле разбрав дека е прекинат затоа што сфатиле веќе дека нема да биде онака како што замислувале тие во режијата, туку дека ќе биде отворање на карти со судрување на интереси.

Бидејќи бев предупредуван неколку пати, јас побарав на два дела седница- тоа законот го дозволуваше. Првиот дел да биде пледоаје- општо кажување, а вториот дел, за разгледување на сите материјали и докази кои што имаат државен карактер и тајна да биде на затворена седница. И тука да се исклучи јавноста. И целата цирада продолжуваше, ми дадоа мене збор, јас го имав целото излагање и написмено, меѓутоа почнаа да ми се мешаат, па јас се побунував, па стана малку…

Се мешаше претседателот на Комисијата вели:

-Чекај сега, не си ти овде повикан…

-Па јас сум повикан

– Ама, не збори ти, само што ќе те прашаме.

-Е, како…

Заврши првиот дел, се дава пауза, јас подготвен за вториот дел каде што ќе ги искажувам сите мои аргументи дека сето ова што стои во досието дека е неиздржано, дека јас не сум бил никаков соработник, туку дека јас сум бил репресирано лице и дека по таа линија вршат тие кривично дело, дека обвинуваат малолетник. Тоа го подготвував за вториот дел кога ќе биде затворена седницата.

Наместо затворена седница, започнува вториот дел, пауза имаше половина саат-15-20 минути, господинот  претседателот вика –

-Седницата не е од таков карактер, ја затвораат седницата.

Газење на сите правила, на сето ова што е човечко. Пак се побунив.

-Што имаш, јави се на печатот, не тука.

-Така ли?

-Така.

(Изглегов) протестно во ходникот, сите екипи чекаат. На сите екипи, мојот настан, јавно (кажав), кој што прашуваше.

-Јас сум Давид, они се Голијат.

Бруеше печатот. Во ходникот (имаше) еден саат конференција за печат, по седницата, обраќање мое до јавноста. Помина овој дел на  конференцијата- што помина, почна медиумите да пишуваат известуваат, почна пренесување, сето ова,  и после тоа, знаете како.

По третиот ден јас добив решение со кое се констатира дека изјавата што сум ја дал, што спомнав, дека не сум соработувал со органите за државна безбедност, Комисијата констатирала дека таа изјава не е вистинита и поради тоа јас подлежам на процесот на лустрација. И ми го даваат решението.

И дека имам право во рок, сосема кратко сето тоа, да поднесам тужба до Управниот суд. Тогаш и законот бше променет и други беа органите.  Имаше Управен суд, еден, единствен. Немаше прв степен, па втор степен.

Поднесов тужба за тој краток рок што беше, па (следуваше) процес во Управниот суд, па истите гужви, истите опструкции. Пак (имаше) јавна седница, пак дојдоа новинари, во просториите на Управен суд, доПоштата.

(Опструкции правеше) претседателот на Судскиот совет, од Велес, сега член на Републичкиот судски совет, лице кое е најголемиот виновник за (тоа) како се одвиваше процесот.

Во решението на пресудата ги има тројца од Советот, потпишани се, а случајот е интересен од друг аспект.

Затоа што овие тројцата потоа се одговорни и тие треба кривично-материјално да одговараат по пресудата на Судот во Стразбур бидејќи они влијаеле за да се донесе таква незаконита пресуда.

Тоа е по Законот за спроведување на одлуките на Судот во Стразбур, е обврска – кој што погрешил, секој да одговара. Ни одговараа, ни ништо, ги унапредија.

Па во печатот  ќе сретнете дека сите тројца кои му судеа на Трендафил Ивановски, сите тројца во кариерата беа унапредени. Еден е судија, сега што е претседател на Апелациониот суд во Гостивар, а тогаш беше во Управниот суд. Другата, некоја Нада се викаше, неа исто така ја унапредија во повисокиот Управен суд, после стана Републички Врховен суд, а претседателот на Советот при пресудувањето подоцна стана член на Републичкиот Судски совет и, до скоро, мислам дека е уште, ако не му е прекинат мандатот, дека е таму.

По ова судење таму, бидејќи немаше услови, немаше простор, немаше ни сослушување, немаше изведување на доказите, во истиот ден мене ми истекуваше мандатот како претседател на Уставен суд.

И фактички јас имав лиценца за класифицирани информации, тој го даваат многу ретко, а јас го имав како претседател на Уставниот суд и бидејќи другите го немаа, и затоа се одложи, се збрка самиот Судски совет, не знаеше како да постапи и ја одложи расправата- а во тој период ми завршуваше мандатот- за да не се повикам јас на имунитетот.

Јас прифатив, нема проблем-викам, да се одложи, меѓутоа да се создадат услови за јавноста. Продолжи расправата по четири-пет дена, така нешто, во салата на Врховниот суд, каде што имаше 100-200 новинари, публика, за таму да продолжи јавната седница. И таму се одржа, не се изведоа никакви докази.

Имав можност да зборувам и јас и мојот бранител Стеван Павелески, па дури имав и помошник, Иван Бабамовски беше, па сите тие после ги лустрираа бидејќи ме бранеа мене. Секој што комуницираше со мене, подоцна по дифолт, по список, беше лустриран.

Седницата траеше пак едно три-четири саати, а ништо немаше, никакво изведување. Јас имав обраќање, и адвокатот имаше.

На што одеа они? Единствено одеа на тоа што го подготвиле како документи, што нема врска, на тоа што Комисијата од седница го пишувала.

Почнаа само да ги читаат, а не се врши после читањето претрес. Не ти даваат да коментираш.

Фактички помина расправата без изведување на докази. Пример имаше таму, дека во сето ова тие нашле два документа, две потврдички, правени сега на шапилограф, модерен шапилограф, а тогаш во 1964 година немало ни шапилограф ни ништо. Наводно јас тогаш сум примил награда, првиот од 10.000 динари, односно, 15.000 динари.

Баравме графолошко докажување, не прифатија. Да не зборувам за други работи.

Таму на пример, по Законот, е предвидено за некој да биде прогласен за соработник, по член 4 од Законот, треба да има согласност, треба да има потпишано пристапница, дека е согласен.

Нема ништо од тоа. Никаков потпис, никакво писмо, никаква согласност и сега тоа ги натерало отпосле, дури го променија Законот, после моето барање и после моето укажување дека нема писмен документ со кој сум прифатил да соработувам, ниту пак има лица кои се оштетени од евентуалната измислена соработка, сето тоа го нема.

Со оглед на сето тоа, после го избришаа ова од Законот, да не се бара согласност, оти немаа и другите (согласност). Потоа го прошируваа, два-три пати се менуваше Законот, па отидоа после и на мртвите им бараа согласност.

Заврши што заврши расправата, сето тоа брзо се работеше, и по некој ден добив јас пресуда со која се одбива мојата тужба, не се кажува зошто-како, ништо не се наведува. Дека си одат со ова- со оглед на тоа што Комисијата констатирала факти, тие факти они не ги ценеле, не правеле тоа, не правеле ништо. Ми ја вратија пресудата- се одбива (тужбата).

Потоа поднесов жалба на пресудата до Врховниот суд. Тоа е посебна приказна. Таму имаше претседател, тројца судии, имаше Совет, кои одлучувале по мојот предмет, одлучувале по жалбата.

Тие тројца судии се Владо Стојановски, сегашен уставен судија, еве деновиве ќе му заврши (мандатот), во март, девет години направи.

Тој како чиновник беше советник во Владата на Груевски, од таму го прекомандуваа во Управниот суд, каде што оди мојот предмет, па потоа стана судија на Врховен суд. И како судија на Врховен суд, Владо беше известувач на мојот предмет.

Да биде поголема траги-комедијата, истиот тој Владо подоцна дојде на моето место за судија на Уставен суд. Мене ме разрешија, тој дојде. А уште да биде (поголема) траги-комедијата,  мене ме разрешуваат на 10 март, 2010 (година), него го именуваат на 11 март, а Собранието се распушта. Со чинот на распуштање на Собранието, само уфрлуваат една точка, бидејќи мене ми престанал мандатот, да се избере (судија), да не остане Уставниот суд без еден судија, иако и јас претходно работев со шест судии, па со седум, па некои поднесуваа оставки, ама нема врска.

Владо Стојановски беше човек на ВМРО-ДПМНЕ, советник во кабинетот на Груевски и цело време со Јово Вангеловски, во Врховниот суд. Така што тој е известувач, а покрај него (имаше) уште двајца други судии – Дане Илиевски беше, (тој) се откажа под изговор дека нема сертификат за класифицирани информации, а беше (сосема) друго. Тој веќе се судри со нив, оти имаше друго гледиште и бараше да се изземе.

Бевме пријатели со него, но бев пријател со сите, и со Јово, со овој не (мисли на Владо Стојановски). Меѓутоа, имаше (уште) двајца судии, едниот беше Албанец, не знам како се викаше, исто така, и овие се унапредени во кариерата. Со тоа што овој мојот (Владо Стојановски), директно, кој не смеел по никој основ да биде, бидејќи е судија известувач по мојот предмет, потписот (негов) го има на пресудата и доаѓа на моето место. Сиѓи Мурто… го поставија

Во печатот беше делириум, и во документите на Стејт Департментот во март, тие денови, во 2011 година.

Се се сврши од септември во 2010 година, беше забрзано, до распуштање на Собранието. Два дена пред распуштање на Собранието, ме покани претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, на едно кафе муабет да се обиде да поразговараме пријателски. Со него се знаев. Јас на крај прифатив да појдам на еден разговор.

Отидов на разговорот, а (тој вели):

-Ние како Собрание треба да одлучиме за твоето разрешување. Ние како Собрание, по Уставот, не можеме да те разрешиме.

Нема можност за разрешување од судија во Уставен суд бидејќи нема кривично дело. Разрешување е можно само во случај на оставка или при сторено кривично дело со казна затвор поголема од шест месеци.

Имаше и други игри. Кога видоа така, Комисијата за лустрација поднесе до Обвинителствотото кривична пријава за даден лажен исказ за да ме гонат за тоа кривично дело, да можат да ме казнат на шест месеци. Меѓутоа не можеше ни тоа, бидејќи тоа дело беше до шест месеци, а над шест месеци е фалсификување на документ. И по таа логика…

Се беше подготвено за кривично да ме гонат, меѓутоа очигледно (беше) дека немаше документ, не сум фалсификувал. Шврговски одби.

После, (тоа) стои во документите од Стразбур што ги добив, јас порано не знаев што се одвивало, меѓутоа таму, обвинителот одбил да поведе постапка оти не постои никаков елемент, нема никакво кривично дело. По тој повод не се успеа, немаше значи кривично дело, немаше казна и бидејќи друг основ никаков немаше да ме разрешат, (се обидоа) да ме одоброволат да поднесам оставка. Јас викам:

-Оставка да поднесам по сето тоа, не доаѓа во предвид, каква оставка, зошто да поднесувам.

Претседателот на Собранието рече:

-Јас немам друга позиција, освен твојот предмет да го ставам во фиока, утре е распуштање на Собранието, па кој ќе дојде, нека му мислат,  новиот состав на Собранието. Бидејќи не можеме, немаат пратениците сертификати, туку имаат само пет-шест, не смеам да им го дадам материјалот, досието оти во него има државни тајни, ќе направам кривично дело, и затоа ќе стои. (Сакам) да те прашам друго, разговарале во уќуматот, „дали може МВР да изјнајде друг начин, како да го ослободи досието од државната тајна?

Јас му велам:

-Што се однесува до мене, јас тајна тука немам. Моето досие на кој сакаат,на тој  може да го дадат, јас не сум направил ништо. А вие таму каде што пишува дека е државна тајна ја пробивте државната тајна. Јово Вангеловски како претседател на Врховен суд лупеташе глупости и се осврнуваше на моето досие. Јово не смеел да има контакт со моето досие, иако е претседател на Врховен суд, може само судечките судии.

И овој (Трајко Вењановски) вели:

-Не можам тоа, не можам тоа, ти не сакаш да поднесеш оставка, јас моето го свршив. Ќе го ставам во фиока и од утре не сум повеќе претседател и не ме интересира.

И ми рече- наредниот состав тоа ќе го решава.

Наредниот ден мене ми се јавува новинарка, беше од „Нова Македонија“ и ми вели:

– Слушај, знаеш дека денеска ќе те разрешат (во Собранието).

И реков: -Ниту сум известен, ниту има дневен ред, го гледам дневниот ред, (има) распуштање на Собранието, нема точка за мое разрешување.

-Јас како да не сум ти кажала, но да знаеш дека ќе те разрешат. Пушти си ја седницата кога ќе тече, чуваат во тајност.

И јас седнав на работа, (се смее) Југо (Југослав Миленковиќ) беше таму, други некои, пуштам ( телевизор), почнува седницата. Поднеле они предлог за разрешување со потпис на сите пратеници, божем потпис. После имаше многу што викаа „јас не сум потпишал- јас не сум потпишал“.

Меѓутоа, таму беше јасно дека не беа потпишани Социјалдемократскиот сојуз, во тој момент, тие не учествуваа на самата седница, и на распуштањето и околу 63-64, нашле жртви, наводно се потпишале и пред да почне седницата, овој (Трајко Вељановски) вели:

-Ја отворам седницата и пред да го предложам дневниот ред, предлагам (негово) дополнување- разрешување на судија на Уставниот суд.

Не кажува ни кој, ништо, само разрешување на судија на Уставниот суд,  само толку. И оди на втора точка- распуштање на Собранието, и после кажува, пак се јавува- Бидејќи по редот првата точка е утврдена, дополнувањето е разрешувањето. А разрешувањето го става да биде прва точка, оти ако го стави втора, Собранието ќе се распушти и нема кој да ме разреши. Нема никаква расправа, нема ништо, точката ја стави на гласање „кој е за одлуката за разрешување“ и ниту се гласаше и така се заврши.

Дали поднесовте тужба за лустрацијата

Помина тоа, заврши крајната инстанца во државата, ги искористив сите инструменти и после ми остана на 9 мај, 2011 година, да поднесам тужба до Судот во Стразбур.

Во тужбата на 60-тина страници аргументирано, пишува дека ми се прекршени човековите права во државата Република Македонија, дека со решение на Собрание, по претходно решение на Комисијата за лустрација, па пресуда на Управен суд, со пресуда на Врховниот суд дека ми престанува мандатот дека сум лустриран.

И со сето тоа барав од Судот во Стразбур да донесе решение, односно да пресуди- со пресуда со која ќе се констатира повреда на моето право. Тие бараа повреда на член 6, на член 8 и на член 13 кои се однесуваат повреда на достоинството, честа, угледот. Се  е прифатено после.

Што е вистинската причина за вашата лустрација

Не ги кажав игрите тука какви беа, што беа. Овој период беше доста поради турбулентен, се знаеше дека ВМРО-ДПМНЕ си постави „сто чекори“ како што се викаше (нивната) програма. Во 2005-2006 година не (ми) се правеа проблеми, меѓутоа во 2007-2008 година кога јас веќе станав претседател на Уставен суд, почнаа, дали мислеа дека ме имаат мене.

Ме предолжи ВМРО, преку Републичкиот судски Совет, но кога беше чинот на гласањето, ВМРО не гласаше. Јас бев кандидат со покојниот Аце од Врховен суд.  Мене ме избраа, остана едно непополнето место, дојде на тоа место Бранко Наумовски. Бев кандидат на ВМРО, а на чинот на избор на судија ВМРО ја напушти седницата, за мене не гласаше ВМРО, ме гласаше СДСМ.

Во 2007, 2008, 2009 година, како претседател на Уставниот суд, барав да се почитува закон, барав да се почитува Устав. Дотогаш многу мал беше процентот на заштита на уставноста и многу малку беа поништувани и укинувани закони и други акти. Кога јас станав претседател, годишно се укинуваа по 50 закони и одредби од закони. Едната година имаше 53, другата година 56, третата 60. Скоро сите три години беше нагло укинување, меѓутоа тоа беше затоа што до тогаш не работеле, ги спроведов ажурно предметите. Го отворив Судот према јавноста и почнавме да се држиме до Устав и закон. Тоа беше причината, дека- еве, јас сум им ги скршил скоро 50-те чекори од нивната програма од „100 чекори“. И во јавност и во печат, и Груевски почнаа кампања, ВМРО, меѓутоа, основно е Груевски.

Ќе го сретнете ова и во самата пресуда на Судот во Стразбур. Така почна, ние прво (бевме) неистомисленици, второ, бидејќи во целото мое изнесување на причините за лустрацијата на конференциите за печатот, јас настапив и реков дека моето лустрирање не значи лустрирање на еден Трендафил Ивановски, не значи ни само лустирање, само отстранување од сцената на претседателот на Уставниот суд, туку значи ликвидација на Уставниот суд- дека значи ликвидација на уставно-правниот поредок.

Мојата лустрација така ја доживеав и така пренесов во јавноста и тоа се прифати во добар дел од јавноста.

Реакции во јавноста за лустрацијата

Сите тие оценки после следуваат и во извештајот на Европската Комисија, тогаш беше Фуере, и интервјуата на Фуере тоа го кажуваат, а излезе и во Стејт Департментот- во 2011 година, во 2012 година и во 2013 година.

Дури и после неколку години, однесувањето на Јово Вангеловски, како претседател на Врховен суд, и Груевски, цело време со име и презиме ги има споменато во извештајот на Стејт Департментот- што не е правило да се спомнуваат-имиња. Меѓутоа, тогаш во Македонија почнаа да се споменуваат и имиња на функционери кои ги кршат сите узанси, сите правила. Тоа значи беше причината, моето делување во Уставниот суд, мојата борба за уставност и законитост.

И немаше друга институција во тој период што можеше да се спротивстави на Груевски и на машинеријата. Сите институции беа под нивна (капа) и единствено Уставниот суд преку мене скокаше. Го собраа Уставниот суд, почнаа да слават денешни пратеници Александар Николовски и други, почнаа да викаат:

-Еве сега по разрешувањето… (додава: има и во печатот излезено, во Дневник)… од денес почнува демократијата, од денеска не може некој на Собранието да му каже дека греши.

Они не можеа да сфатат дека има орган некој, дали е тоа Уставен суд или друг, кој ќе каже дека се поништува акт што го донел Собранието. Не можеа да сфатат како може некој орган да ги поништува или да ги укинува актите на Собрание или на Влада. Тоа не можеа да го сфатат и од тука почна сето тоа. Мене ме ликвидираа, си го донесоа нивниот судија и почнаа да си делуваат.

Самата пресуда после, опструкции околу пресудата…

Која е идејата на самата лустрација

Лустрацијата е еден политички процес прифатен од Советот на Европа, прифатен од меѓународната заедница по падот на Берлинскиот ѕид, бидејќи до тогаш во режимите на тие држави, имало многу луѓе што биле учесници во полиција, што биле соработници, што соработувале.

Сега кога падна Ѕидот, (идејата е) да не се вратат истите тие луѓе да ја земат власта и да го вратат комунизмот. Тоа се случи во 1989 година, во 1990 година, во 1991 година и до 1995 година, земјите од овој режим ја спроведоа лустрацијата. Во различни земји се спроведуваше различно.

„Штази“ во Источна Германија, ги отворија досиејата, па никој не отиде да гледа. По грешка во Полска, отиде еден вешт новинар, ги потплати службите за државна безбедност и им ги дадоа досиејата на сите соработници. Тој, користејќи ги можностите на техниката тогаш, ги публикуваше, ги отвори , ги кажа сите соработници, 40.000, ги објави сите. Потоа беше ислишно да се бараат кои се соработниците и Полска на тоа заврши.

Другите земји спроведоа тука-таму нешто. Кај нас, донесоа закони и Србија, Хрватска и Албанија до 1995 година. Меѓутоа кога ги донесоа законите никој не почна да ги применува оти немаше можност, не знаеја што тоа значи. И не ги применија законите, ниту една од овие држави.

Единствено Словенија со Законот за судовите, предвиде дека овие судиите кои се покајале, судиите за кои што има докази дека не се добри судии, да не се избираат. И тоа беше лустрацијата. Толку, ништо друго.

Во Бугарија, после еден долг период, рекоа дека само амбасадорите кои направиле некои злодела да не можат да бидат испратени (во странство). Ги ликвидираа амбасадорите и друг процес немаше. Албанија ништо, Србија не ни почна. Хрватска таман мислеше дека ќе ја караат, меѓутоа и се отворија видиците со предметот мој, на Академијата на науките се гледаше мојот предмет за да им докажат, оти беше Комисија формирана од Саборот, дали да се оди на лустрација. Им се рече дека тоа е апсурд- некој да оди на лустрација.

До 1995 година што се донесоа тие закони- се донесоа, кои ги ефектуираа Литванија, Естонија, беше замислата за шест месеци по донесување на законите да се спроведе лустрацискиот процес. Најмногу беше казната предвидена што за пет години по изрекување на лустрацијата, за да не се вратат тие луѓе кои се лустрирани на тие позиции. Тоа е казната. Нема друга казна. Тоа беше и кај овие системи.

Европскиот совет донесе една резолуција- што се подразбира под лустрација и до кога да важи, дека процесот може да се врши до 2000 година и после не може да се врши процесот на лустрација.

Со оглед на тоа, задоцнетото не само временско, туку и разбирање на лустрацијата во Македонија следуваше како што следуваше. Да започне во 2008 година- да се донесе закон, па 2010 година да се изврши лустрација на првиот случај и почна да се лута и да се побрка и поимот и суштината. Лустрацијата тие ја сфатија како нешто што секој што работел во полиција или што соработувал со полиција, а не суштината.

Законот се вика закон за утврдување на дополнителен услов за вршење на јавна функција. Што тоа значи? По изрекување на мерката да не можеш да вршиш јавна функција. Со тој закон е определено колку може најмногу да биде (ограничувањето за јавна функција), дека е тоа пет години. После тоа нема повеќе никаква лустрација. Наместо се да заврши од 1995 година до 2000 година, кај нас од мојот случај почна и се лустрираа околу 190 случаи.

Како ја доживеавте вашата лустрација, како се чувствувавте

А како може да се чувствувате по таква лакрдија, со такви недоследности. Единствено ми остануваше достоинството- дека не сум крив и дека тоа ќе го докажам.

Како реагираше семејството, колегите, а како јавноста

Моите блиски веруваа во мене, знаеја дека тоа е игра на режимот, знаеја дека сетоа тоа е поради отпорот што го давав на власта и никој не се посомнева, ниту имаше елементи и по се ова што се виде, дека сум бил јас соработник. Сите го прифатија тоа, бидејќи сум бил малолетник. а тоа го докажа и Судот во Стразбур и што не смееле ниту да ме евидентираат, ниту записникот да го прават бидејќи сум бил малолетник. Датумот тука стои кога е правено, во записникот, дека тоа е во мај, кога јас немам 18 години.

Дали треба да се поништи лустрацијата

Они сега бараат да се поништи, бидејќи лустрацијата претходно се укина, престана Законот за лустрација, закон со кој лустрираа и мртви и живо и диво и без досие и без се.

Не беше доволно само да се донесе законот бидејќи последиците останаа. Нас нè исплукаа и требаше на некој начин да се оправда сето тоа. Па се предложи, СДСМ кога дојде на власт предложи лустрација на лустраторите и дека ќе предложи закон со кој ќе се поништи целиот процес на лустрација, бидејќи тоа барање не е од Македонија, тоа барање не е од лустрираните лица, тоа е барање на меѓународната заедница. Тоа е барање и на Стејт Департментот и на Европската Унија, како еден од условите за зачленување.

Треба да се поништи (лустрацијата), сигурно, меѓутоа ниту најдоа сили, ниту имаа и го искористија само за повторно нанесување болки, и ова е болка сега што правиме муабет.

Ветија дека ќе направат такво (поништување), понудија таков материјал, меѓутоа тоа го направија во време, во клима, кога немаше можност тоа да се направи, ниту обезбедија кворум за работа на Комисијата за да може да го утврди тој закон.

Уште тогаш дадов јавна изјава дека не се тие сериозни намери. И ако беа сериозни намери… за такви сериозни работи треба  да се делува сериозно и да се донесе еден закон за поништување на процесот на лустрација со кој ќе се утврди кој беше и кој е одговорен за таквиот процес. Да се утврдат грешките и работата на Комисијата за лустрација што е констатирано со сите белешки на Заев.

Да се констатира соодветна сатисфакција, таа сатисфакција да не се сведува -како што народот ја доживува дека ќе значи богатење врз основа на државата што направила. Туку да биде евентуално некаква, дали тоа (ќе биде) документирано, дали ќе биде некаков износ што ќе се даде колку да се даде-, но да не биде како што беше предложено да се поднесе тужба за да се бара надомест на штета пред редовното судство.

Реков дека, имајќи го предвид нашето судство- тоа ќе биде дополнително малтретирање, дополнително мешетарење на адвокатите, лицитирање кој адвокат повеќе пари ќе земе и дополнително создавање услови за некое дополнително малтретирање на луѓето.

Од тој аспект, треба да се спроведе, треба да се направи, но треба да се изнајде и демократски систем низ кој тоа може да се направи. Затоа реков дека евентуално, после приемот (НАТО, ЕУ), после прифаќањето на цивилизациските вредности, само тогаш може нешто да се преземе. Инаку сето друго е лакрдија.

Дали воопшто треба да се спроведува лустрација

Апсурд е. Што е лустрација? Ако ја сфатиме лустрација како што цел свет ја сфаќа, и науката и теоријата, освен праксата кај нас, дека нема поим дека тоа е кастрација на здравиот разум. Така се вика и книгата (моја) и дека нема никаква можност за лустрирање. Друго е прашањето, по 1991 година, има акти, одлука на Уставен суд, по 1991 година, во Македонија се донесе Устав, се постави демократско општество, тоа демократско општество ги постави демократските принципи.

Надвор од тоа, ако некој прави додворување или седнува во скутот на полицијата, тоа не е работа на лустрацијата, тоа е работа на органите на прогонот, тоа работа на Обвинителството, тоа е работа на редовниот систем кој што е оспособен за тоа или е направен за тоа.

Што е смислата? Да не се дозволи некој да врши некаква јавна функција. Апсурдот на ова (да биде поголем)-, една третина,78 поточно на лустрираните во Македонија беа мртви луѓе или станаа мртви. Мртви дејци.

Сега нивниот број е зголемен. Една третина работеа тоа што требаа, шо мораше да работат- беа министри за внатрешни работи. А една третина беа жртви на тој режим тогаш,  а отпосле се жртви и на овој режим што дојде.

Во регистерот што се уште провејува, а тоа е државна тајна, требаше со чинот на престанување, но тој регистер уште функционира. Иако имаше обид да се бришат имињата и презимињата, во содржината (е јасно) кои се внатре.

Тоа се: под број 69 – Славко Јаневски, регистраски броеви 116, 117, 118 – ништо нема да најдеш таму, а тоа се Лазо Мојсов, Коле Чашуле, Панта Марина.

Од бројот 116- до 130- меѓу кои Асен Групче, Александар Христов академикот, сите тие се луѓе кои одамна починале, кои што се ставени во (регистерот).  На пример, кога е Ченто тужен тие биле млади правници, биле задолжени- кој обвинител, кој адвокат, кој судија. Се е избришано сега, (нивните) имиња. Објавувањето на имињата на овие луѓе, на овие дејци за да не вршат функција и во иднина, кај кого- кај Свети Петар или кај Свети Илија. Тоа се апсурди.

И сега некој, после сето тоа да се праша, дали може да се прави лустрација. На кого? Тоа е глупоста што се заговара со ветингот (мисли на судиите, моја забелешка), меѓутоа, лустрацијата бидејќи значи прочистување, протресување, проверка, просветлување. Тие се термините. Ако ветингот така мислат да го направат, тоа исто ќе биде таква глупост.

 

 

 

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Уште гори во близина на главниот грчки град – изгореа куќи и има загинат

August 9, 2025

Албанската полиција ја опколи ТВ Њуз 24 и го исклучи сигналот

August 9, 2025

Уставниот суд на Косово: Парламентот мора да избере нов спикер со јавно гласање

August 9, 2025

Зеленски изјави дека Украинците нема да им ја дадат својата земја на окупаторите

August 9, 2025

Евростат: Жените во ЕУ живеат подолго од мажите

August 8, 2025
ФОКУС

Нови дваесетина убиени во денешните израелски напади врз Газа

ВЕСТИ August 9, 2025

Бројот на загинати во денешните израелски напади врз Појасот Газа се искачи на најмалку 20,…

Претседателот на Собранието Африм Фаши ги распиша локалните избори – ќе се одржат на 19-ти октомври 2025

August 9, 2025

Зеленски: Одговорот на украинското територијално прашање веќе се наоѓа во Уставот на Украина, од тоа никој нема да се повлече и нема да може да се повлече

August 9, 2025

Ројтерс: Трамп и Путин на 15-ти август ќе се сретнат во Алјаска за мировен договор меѓу Русија и Украина

August 9, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.