Германската компанија БМЗ (BMZ Group), која произведува литиум-јонски батерии, донесе одлука целосно да го затвори својот производствен погон во Македонија до крајот на 2026 година и да го пресели своето производство во Полска.
Со оваа деловна одлука се засегнати околу 90 лица кои што беа вработени во погонот во Скопје, но и други потенцијални вработувања кои беа најавени при промовирањето на инвестицијата пред околу три години.
За релативно кус период, ова е трета странска компанија која заминува од земјата, откако тоа претходно го направи ирско-американската компанија „Аптив“ со погонот во ТИРЗ „Бунарџик“ кај Скопје, како и американска „Дура“, а други, како британскиот гигант „Џонсон мети“, најголемиот извозник од Македонија, најави дека го намалува бројот на вработени.
Во соопштението на БМЗ, објавено деновиве на нивната интернет страница се посочува дека компанијата ќе го затвори производствениот погон во Северна Македонија, консолидирајќи го европското производство, како и дека производството се сели во Полска.
„БМЗ, глобален снабдувач на решенија за технологија за батерии, со 10 локации низ целиот свет, ќе го затвори својот погон во Илинден, Северна Македонија и ќе го предаде целиот производствен бизнис на БМЗ Полска.
Одлуката влијае на 89 вработени во погонот на БМЗ во Северна Македонија, се вели во соопштението, при што се додава дека извршниот директор и генералниот менаџмент ги информирале вработените уште пред да биде објавено официјалното соопштение.




