Во едно не толку далечно минато, директна поддршка од странски лидер за кандидат во туѓи избори ќе предизвикаше дипломатски скандал. Денес, тоа е вообичаено. Поддршката од актуелни или поранешни државни лидери во предизборните кампањи на други држави добива аплаузи на сцена, се емитува како политички спектакл и се споделува како доказ за кредибилитет и политички капацитет.
Така, видео пораката на американскиот претседател Доналд Трамп во која тој дава „целосна и безрезервна поддршка“ за Виктор Орбан пред изборите што ќе се одржат во Унгарија на 12 април, не е некоја отстапка од тој тренд, без оглед на критиките што ги предизвикува. Не се работи за класично „мешање во избори“.
Не постои меѓународен закон што забранува ваков вид политичка поддршка. Странски лидери често изразуваат симпатии или преференции. Тоа не е тајна операција, ниту сајбер-напад, ниту кампања на дезинформации – што би влегло во класичната дефиниција за мешање во избори, како што е најновиот случај со парламентарните избори во Словенија, за што објавивме детална анализа на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Значи, пораката на Трамп не спаѓа во класичната дефиниција на изборно мешање. И токму затоа е уште поважно да разбереме што навистина гледаме.
Трамп, таков каков што е, упати отворена и директна политичка порака. Таа порака несомнено ќе има свое влијание. Особено затоа што се испраќа од Овалната соба во Белата Куќа. Тој тоа го прави без трошка дипломатска одмереност, што се подразбира во вакви настапи во јавноста.
Тоа што овој тип на поддршка е јавен, не значи дека е безопасен за демократијата. Напротив. Кога ваквото однесување ќе стане прифатено, линијата помеѓу легитимна поддршка и политичко мешање се брише. А со тоа се брише и границата меѓу демократската одговорност и авторитарното самоволие.
Најновата скандалозна порака од Трамп треба да биде повод да се проговори за новата нормализација во меѓудржавните односи – јавно и директно усогласување на авторитарни лидери. Транснационална – во случајов, интерконтинентална – политичка мобилизација, во која лидерот на најмоќната држава во светот активно се вклучува во изборните процеси на европска држава. Не скришно, туку со сета политичка тежина и симболика.
Оваа практика ни оддалеку не ги следи познатите дипломатски стандарди, поточно, нема буквално никаква врска со дипломатијата. Притоа, Трамп го прави тоа во манир на кој светот е веќе навикнат – како да нема правила, како сè да е дозволено и како да не постои одговорност.
Слични примери веќе видовме: поддршката на Илон Маск за АфД во Германија, како и јавните настапи на американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс и државниот секретар Марко Рубио во неколку европски држави. Рубио и лично долета во Будимпешта и Братислава кон средината на февруари за јавно да ја цементира поддршката од Белата Куќа на авторитарните сојузници, како на Орбан, така и на словачкиот премиер Роберт Фицо. Овие ликови се веќе одамна препознатливи по своите анти-ЕУ политики, притисокот врз судството, слабеењето на антикорупциските механизми и притисокот врз медиумите – во срцето на Европска Унија.
Додека демократските лидери во Европа ваквата поддршка ја испорачуваат со внимателно одбрани зборови и дипломатска одмереност, трампизмот сигнализира нешто сосема поинакво, а тоа е дека политичките сојузи повеќе не се градат преку институции, туку преку идеолошки фронтови и лични релации.
И тука се појавува една суштинска контрадикција. Орбан, Фицо и сличните на нив постојано зборуваат за суверенизам (поблаг израз за изолационизам), но нивната „сувереност“ се топи под гигантската сенка на Трамп, кој ја злоупотребува моќта на својата функција. Уште повеќе, нивниот „суверенизам“ е непостоечки под сенката на Кремљ на кој му служат како прокси играчи на европскиот континент.
Тоа е толку иронично! Во име на „суверенитетот“, се нормализира силно странско влијание.

Пораката на Трамп за Орбан, само три недели пред клучните парламентарни избори во Унгарија, не е само симболичен гест на поддршка. Таа има реална тежина и може да влијае врз изборниот резултат. Со оваа „целосна и безрезервна поддршка“, индиректно се засилува и антиукраинската кампања – централна тема во политиките и предизборната кампања на Орбан.
Ова е тренд. Пред очите на светот се создава меѓународна мрежа на популистички и авторитарни актери кои меѓусебно се поддржуваат, финансираат и штитат. Кога на тоа ќе се додадат и тајните операции на влијание што ги спроведува рускиот диктатор и воен злосторник Владимир Путин низ Европа, во соработка со прокси играчите меѓу кои се издвојуваат оние на Западен Балкан, во прв ред Србија и сѐ повеќе Северна Македонија, сликата станува уште појасна.
Заклучокот е неизбежен: демократијата во Европа и пошироко е во голема неволја. Понекогаш, најголемата опасност не доаѓа од скриеното, туку од она што се случува пред сите – гласно, отворено и со аплауз.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





