Ненајавени контроли на лековите во аптеките со нивно директно земање од полиците почнаа инспекторите од Бирото за лекови. Ги предаваат на испитување во акредитираните лаборатории во Институтот за јавно здравје и Фармацевтскиот факултет во Скопје.
– Целта е да испитаме дали македонските граѓани пијат лекови кои се квалитетни и ефикасни, односно дали одговараат со декларираните својства декларирани при увоз во упатствата, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
При акција на Бирото за лекови веќе се посетени 150 аптеки во целата држава при што се земени 206 лека од 34 производители од различна генерика. Од досега добиените резултати за 18 лека наменети за лекување различни заболувања е утврдено дека сите се квалитетни и ефикасни како декларираното во одобрението за увоз и за регистрација.
Тодоров најави дека во случај при анализите да се утврди дека лекот не одговара на квалитетот и ефикасноста, Министерството за здравство ќе го објави неговото име, ќе го повлече од пазарот, а за производителот или увозникот ќе биде изречена глоба од 25.000 до 50.000 евра.