Како зграда од хорор филм. Вака изгледа Институтот за ТБЦ во Клиничкиот центар. Во услови кога болничките капацитети се подготвуваат за новиот бран на коронавирусот оваа есен, Институтот за ТБЦ, ниту е подготвен ниту има можност да одговори на потребите поради лошата сосотојба во која се наоѓа. Зградата е голема со простран двор, но и внатре и надвор, се се распаѓа.

Болните од туберколоза и тие со тешки респираторни заболуваа се меѓу најподложните на вирусот и кај нив ризикот од фатални последици е голем, покажуваат светските искуства.

„Ова ситуација со пандемијата бара не само практикување на превенција и контрола на ТБЦ, туку и соодветни мерки за зајакнување на превенцијата, контролата и управувањето со ТБЦ“, се препораките во странски реномирани публикации.

Но, катастрофално лошите услови за престој и лекување на пациентите во оваа здравстена установа не овозможуваат таков третман за пациентите. Според податците до кои дојде НОВА, од почетокот на кризата со коронавурусот таму имало 10 случаи со Ковид кои биле донесени од други болници, од кои двајца починале.

И додека другите болници ги зајакнуваат капацитетите, оваа установа која е сместена во зграда изградена во педестите години на минатиот век,  нереновирана и необновувана од ниту едно раководство досега, го доживува својот крах. Вработени за НОВА, велат дека им бегаат пациенти по само неколку дена престој, а таму треба да се лекуваат со недели или месеци.

Парно греее во некои простории воопшто и нема, вработените со свои средства си купуваат греалки, а пациентите со по две ќебиња се смрзнуваат. Топла вода воопшто нема, тоалетите се распаѓааат, а од старите и распаднати прозорци влегува студ, раскажува за НОВА, пациентка која во текот на јануари престојувала во болницата со серозно заболување на белите дробови и по десет дена избегала од таму.

„Беше почеток на јануари, тогаш  уште немаше Ковид во земјава. Во болничката соба  ние пациентите се смрзнуваваме. Парното беше во многу лоша кондиција, не се ни чувствуваше, прозорците стари и од секаде дуваше. Женскиот тоалетот е во многу лоша состојба, има само две чешми, но не и туш. Нема топла вода, а треба да се внимава бидејќи го користат и мажи поради тоа што во нивниот тоалет нема ниту вода. За храната да не зборувам.

На сопругот веднаш му беше кажано дека треба да оди да ми го купи скапиот антибиотик. Беа празници и визита дојде дури на десетиот ден, кога јас веќе барав начин да избегам од таму бидејќи состојбата ми се влоши, имав отоци и болки во нозете, прстите ми помодреа. Реков дека сакам да си одам и продолжив да се лекувам во консутлација со мојата лекарка, специјалист.

Јас сум со повеќе хронични болести, често сум на боледување, но не би се вратила пак таму ако не се промени нешто, се тоа заради катастрофално лошите услови.“, изјави за НОВА, оваа 58 годишна жена чиј идентитет е познат на редакцијата, но засега сака да остане анонимна зарадо можни реперкусии по однос на лекувањето.

Ова е тоалетот на интензивна нега, соба која сега е црвена зона за сомнителни случаи со Ковид. Цревото служи за миење на ве-це шољата бидејќи казанчето не работи.

 

Од оваа соба пред една недела  избегал пациент не можејќи да издржи во тие услови, раскажуваат вработени од Институтот.

Во другата болничка соба која е црвена зона за суспектни на Ковид, која вработените ја нарекуваат ВИП, затоа што има два кревети за разлика од другите каде се повеќе пациенти заедно,  нема топла вода, тушот е исклучен и во обид да ја исчистат хигиеничарките пред два дена, била поплавена биохемиската лабораторија која се наоѓа еден спрат подолу, под неа.

Очајна е состојбата и во кујната во која се прима храната за пациентите.

Но, вистински хорор е во подрумските простории каде што е сместена и болничката аптека. Вработените велат дека таму е архивата сместена по ходиците и кои се и складиште на непотребни работи и легло на глувци.

Ова е вратата каде што се рестартира лифтот кој често не работи и се заглавува.

Најстрашно е што подрумското ве-це се излева па медицинскиот персонал за да стигне до аптеката, да земат лекови поминуваат по дрвени даски, палети кои се поставени за да не газат по фекалии.

„За да поминеме и да влеземе во аптеката и да земеме терапија, поминуваме од тука и газиме по палетите . Но фекалиите ги разнесуваме низ клиниката. Ве-це то е веднаш до пералната, тоа е извор на инфекции и бактерии кои постојано ги има во зградата “, вели една медицинска сестра за НОВА.

Таа тврди дека средства за хигиена и дезинфекција за вработените нема, а пациентите сами си купуваат. Ова е патотот до аптеката и пералната.

Вака изгледа складиштето во подрумските простории. Мирис на мувла и влага се шири секаде.

Вработените велат дека е извор на опасни бактерии и инфекции. Тука се размножуваат и живеат глувци.

 

Ситуацијата е катастрофална и надвор, околу зградата.

За време на корона кризата од крајот на јуни до 3 септември, Институтот не функционирал за лежечки пациенти, а персоналот ротирал на Инфективна клиника. Вработените велат дека за сето тоа време не се нашло начин да се исчисти и среди дворот и подрумските простории. Ова е некогашната портирница, а сега засолниште на кучиња скитници.

Веднаш зад Институтот за ТБЦ се наоѓа Судска медицина, од спротивната страна е Клиниката за кардиологија.

Ова е куќичка каде се чува медицинскиот отпад, но вратата е скршена, нема катанец, а животните лесно можат да го разнесуваат медицинскиот отпад, насекаде.

Поради ваквата катастрофално лоша состојба на објектот, кога министерот Филипче предложи таму да биде Ковид центар, вработените испратиле писмо до претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Краџовски и до ДСЗИ, каде што документирано со фотографии укажале дека во оваа здравствена установа каде што има бактерии, нема услови за тоа, немаат можност за кислодна поддршка, ги немаат ниту соодветните лекови.

Вработените велат дека министерот Филипче ниту еднаш не дошол да види во каква состојба е Институтот, каде престојуваат пацинетите и медицинскиот персонал.

„Министерот беше на пуштањето во употреба на мобилната болница која што е веднаш до нашата зграда, но не дојде кај нас да ги види условите во кои ние работиме, каде престојуваат пациентите“, велат дел од медицинскиот персонал со кој контактиравме.

НОВА праша во Министерството за здравство дали знаат за лошата сосстојба во која се наоѓа Институтот за ТБЦ и дали се планира да се преземе нешто за да се санира состојбата, а од таму одговорија кратко, без да прецизираат детали што  и кога планираат.

„ Запознаени сме со состојбата на Институтот за ТБЦ, го имаме предвид во планот за подобрување на условите во оваа јавно-здравствена установа“, одговорија од ресорното министертсво.

Диреторот Арбен Лабеништа, за НОВА вели дека буџет имаат доволно бидејќи не работеле со полн капацитет летово, но тоа е само за набавка на прозорци и реновирање на тоалетите.

„ Немаме поддршка од фирми за реновирање, а чекаме одговор од Министерството за здравство дали Институтот за ТБЦ е во план за реновирање. Ние правиме промена на јавната набавка и со средтсвата со кои располагаме може само да ги реновираме тоалетите и да ги смениме прозорците“, изјави за НОВА, Лабеништа.

Арбен Лабеништа, директор на Институтот за ТБЦ

Инаку, поради ваквите лоши услови за работа, установата ја напуштиле двајца лекари специјалисти и пет медицински сестри од кои четири со долгогодипно искуство и обучени за посебни медицински процедури, како и тројца болничари. Вработените велат дека тоа се одразува и на квалитетот на работењето, бидејќи сега заедно со отсуствата на некои од нив и заради испразнетите места, ноќните дежурства се сведуваат на четири медицински сестри.

Институтот за ТБЦ е најзапоставена здравствена установа во склоп на Клиничкиот центар. Досега ниту еден министер, ниту еден директор не се заинтересирал, ниту  направил обид  да се реновира и да се подобрат условите како за престој на пациентите, така и за вработените. Наместо да се лекуваат пациентите таму се изложени на инфекции и фекални бактерии што може да се одразат катастрофално по нивната здравствена состојба.

Напомена: Фотографиите се во сопственост на НОВА, во случај да се превземат задолжително да се нагласи од каде се земени.