Се уште не се размислува за задолжителна вакцинација на повозразните граѓани, но се крои стратегија како да се мотивираат граѓаните да се имунизираат против Ковид-19.
Една година откако во Северна Македонија почна процесот на вакцинација за заштита од Ковид-19, членовите на Комисијата за заразни болести разговарале како да го поттикнат интересот за имунизација, кој е значително намален во последните неколку месеци. Портпаролот на Комисијата за заразни болести, доктор Злате Мехемдовиќ вели дека на денешниот состанок се разговарало како да се поттикне имунизацијата.
„Се размислува и во насока да има централизирана кампања за да можеме да имаме малку поорганизиран пристап до начинот на кој допираме до граѓаните да им објасниме кој е бенефитот од вакцинацијата. Од друга страна се размислува и за таргет групи, за оние кои се попроблематични, пред се тука треба да ги споменеме оние кои имаат сериозни коморбидитети, заболувања кои што дополнително ја усложнуваат ситуацијата кога имате Ковид-19. Тие таргет групи се сега сериозно во фокусот“, вели Мехмедовиќ.
Од Комисијата велат дека следејќи ги примерите на другите земји, се разговара и за ограничување на сертификатот за примени две дози.
„Направивме кратка анализа на тоа како системот би можел да поддржи вакцинација кој што би била во насока на тоа да се имунизираат сите тие кои што имаат истечена втора доза, треба да се разгледа и тој дел од системот, треба да се искомуницира со јавноста ова како предлог и да се види како ќе биде тоа прифатено, меѓутоа во основа медицинското укажување е дека ќе има ограничување на таа втора доза на вакцина“, рече Мехмедовиќ.
Од Министерството за здравство за НоваТВ велат дека во тек е континуирана кампања и активности за зголемување на опфатот за имунизација.
„За таа цел, и министерот јавно ја прими третата доза, заедно со студентите од Медицински, Стоматолошки и Фармацевтски факултет и проф. Грозданова, која е претседател на Комитетот за имунизација и со студентите пративме заеднички апел до сите млади да се мотивираат да се вакцинираат. Изборот е индивидуален, но научните сознанија и докази укажуваат дека се спречуваат тешки компликации и оваа инфекција не бира возраст и може да заврши фатално. Пораката дека вакцинацијата е сигурна и безбедна беше упатена заеднички и со лидерите на верските заедници, кои сметаме дека може значително да влијаат кај граѓаните, а секако овие активности ќе продолжат и со другите таргет групи“, велат од Здравство.
Оттаму додаваат оти пораката до сите граѓани е да им веруваат на стручните лица, да се информираат од релевантни извори на информации, на одредени, најчесто социјални мрежи, кои мораат нестручни, непроверени и пред се лажни информации.
„Продолжуваме и во наредниот период фокусирано со таргет групи со промотивни активности зашто, бидејќи сите сакаме оваа пандемија да заврши што побрзо, а медиумите се наш партнер во сиот овој процес, зашто преку нив пораките стигаат до граѓаните“, ни одговорија од Министерството.
Во Скопје вчера биле аплицирани едвај 180 дози од анти-ковид вакцината
Дека интересот за вакцинација е значително намален покажува и фактот што вчера во Скопје биле аплицирани едвај 180 дози од вакцината против Ковид-19. Од Здравствен дом – Скопје за НоваТВ признаваат дека интересот е намален, а граѓаните кои доаѓаат на вакциналните пунктови во главниот град најчесто за заинтересирани да ја примат третата доза од вакцината.
„Во текот на вчерашниот ден по нашиот увид на вакциналните пунктови во Поликлиниките во Скопје дадени се 180 дози на вакцини“, вели за НоваТВ, доктор Виктор Исјановски.
Министерот за здравство Сали порача оти вакцинацијата е најсигурниот штитник од Ковид-19
Министерот за здравство, Беким Сали, на вчерашното примопредавање на италијанска донација од 250.000 дози на фајзерови вакцини, рече дека вакцинацијата треба да биде општоприфатена од страна на граѓаните затоа што, според него, вакцинацијата е единствениот начин за заштита против ковид-19.
Министерот Сали потенцира дека бројот на граѓани кои примиле прва доза на вакцина против ковид-19 не е доволен, но уште понезадоволително е тоа што е многу мал бројот на оние кои примиле трета доза, која е најсигурниот штитник особено за пациентите со коморбидитети.
„Нашите првични анализи, кои не се финални, ни даваат до знаење дека третата доза е најсигурниот и најбезбедниот штитник. Апел до сите наши граѓани, ги молиме сите што имаат коморбидитети, што побрзо да се обратат кон сите вакциналните пунктови за да се заштитат“, изјави Сали, кој и самиот ја прими третата (бустер) доза кон крајот на минатиот месец.
Тој на вакциналниот пункт на Економскиот факултет во Скопје дојде облечен со блуза на која пишува “Вакцинирај се“.
ИЈЗ со препорака за вакцинација кај бремените и доилките
Институтот за јавно здравје објави извештај со кој им препорача на бремените жени да се вакцинираат против ковид-19. Препораката се однесува на сите возрасни жени кои имаат полни 18 години, вклучително и оние кои се бремени, кои дојат,се обидуваат да забременат сега или планираат во иднина, треба да бидат целосно вакцинирани.
„Потребно е да се знае дека бремените жени имаат поголема веројатност да се разболат од ковид-19 (со последици) во споредба со останатите жени кои не се бремени, вакцинацијата може да заштити од тешки заболувања кои може да ги предизвика ковид-19 и се препорачува на жени кои планираат да забременат во иднина, се бремени или пак се доилки, бремените жени можат да примат бустер доза. Во моментов нема докази дека која било вакцина, вклучувајќи ја и вакцината против ковид-19, предизвикуваат проблеми со плодноста кај жените или мажите“, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина mRNA против ковид-19 непосредно пред и за време на раната бременост (пред 20-та недела од бременоста).
Вакцинацијата за време на бременоста создава антитела кои би можеле да го штитат бебето.
„Досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да и наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат КОВИД -19 акутни инфекции“, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 867.529 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 845.121 лица, а трета (бустер) доза примиле 132.488 лица. Според податоците на здравствените власти во земјава со тѕрета доза се вакцинирани само пет отсто од граѓаните иако системот Мој термин, преку СМС пораки веќе ги повикува сите целосно вакцинирани да се јават и на трета доза.
До крајот на месецов ќе се уништат 300.000 вакцини со поминат рок
На депонијата Дрисла во Скопје до крајот на февруари 300.000 дози од Фајзер вакцините ќе мора да бидат уништени како медицински отпад поради поминат рок на траење.
Од Министерството за здравство информираат дека на залиха има уште 113.000 вакцини на „Фајзер“ со рок на траење до јуни и 60.000 вакцини од истиот производител со рок на употреба до јули.
Покрај донацијата од Италија, од вкупно 250.000 фајзерови вакцини, Северна Македонија преку директен договор со компанијата „Фајзер/Бионтек“, од мај до декември ќе добие уште 500.000 вакцини.
ОАЕ предничи по опфатот на имунизација против Ковид-19
Дури 94 отсто од жителите во Обединетите Арапски Емирати се целосно вакцинирани против Ковид-19. Според табелата објавена на „Our World in Data“, на второ место е Португалија со 91 отсто од вакцинираните, по што следат Чиле (88%), Сингапур (88%) и Куба (87%). Од земјите во Европа, покрај Португалија, голем интерес за вакцинација има и во Италија и Франција со 77 отсто вакцинирано население, Велика Британија каде целосно се имунизирани 71 отсто и Германија со имунизирани 74 проценти.
Најголем интерс за третата бустер доза, пак имало во Чиле, каде трета доза примиле близу 67 отсто од целосно имунизираните граѓани, по што следат Италија со 56 и Велика Британија со 55 отсто.
(Б.Божиновска)