Серијал интервјуа на НОВА сo културните работници во Македонија во време на Корона кризата: Александар Поповски, режисер- “Се додека криминалот и човечката алчност и глупост остануваат неказнети, нема да можеме да се одлепиме од овој вирус а ниту од оние кои допрва не чекаат”
Секуловска: Уметноста и културата се прогласени за мртви во кризата со Корона вирусот. Сега мртвилото надвладеа токму онаму- кадешто претходно изгледаше невозможно- мислевме дека е надвор од умот да се живее без уметноста, без културата
Поповски: Овој вирус е без сомение голема трагедија за многу луѓе и за многу семејства. И навистина светот после него нема да биде ист и сите се натпреваруваме во тоа да го предвидиме она што го нарекуваме нова нормалност. Не сум параноик кој насекаде гледа голема светска завера и јасен ми е биолошкиот извор на вирусот, но не можам, а да не забележам нешто друго.
Мене ми се чини дека овој вирус во себе има една длабоко политичка и општествена причина. Ми се чини дека овој вирус е одраз на општествата и системите кои ги создадовме во последните 30 години. Системи кои ја потиснаа и избришаа струката, науката, квалитетното образование и културата. Едноставно, единствени параметри станаа бројките и економската исплатливост.
Бројот на лајковите стана порелевантен од било какво мислење на професор или доктор. Овој свет не е само 2 + 2 е 4. Кога ќе исклучиш цели полиња на дејствување, тогаш ми се чини доаѓаме до овој момент, кој во облик на вирус го напаѓа истиот тој систем. Денес, кога ги бараме одговорите, гледаме дека тие не се онаму каде што се движевме со вртоглава брзина. Колку пати пред само 6 месеца сме ја слушнале реченицата светот се движи со огромна брзина и ништо не може да го запре. Мислам дека оваа ситуација покажува колку сме ранливи без филозофија, едукација, наука, уметност… без оние елементи кои всушност им даваат смисла на коските и месото.
Секуловска: Каде го гледате излезот, што веднаш треба да се стори за да ги избавиме и нив, уметноста и културата, и воедно самите себе?
Поповски: За жал не можам повеќе да верувам во развојот на свеста. Во тоа дека некој нешто памети. Човекот не е така квалитетно суштество како што си го претставуваме. Уште помалку можеме да се научиме од грешките на нашето минато. Колку често во последниве години слушаме релативизирања на фашизмот. Наскоро ќе се појават теории дека Аушвиц бил само прифатилиште за помош на Евреите.
Промените мора да бидат системски и да не зависат од нашата добра воља. Кога некој ќе каже дека нема да градите на Водно тоа значи дека НЕМА ДА ГРАДИТЕ. Дека покрај Вардар и во Вардар нема да се прави ништо, НЕМА ДА СЕ ПРАВИ НИШТО. Ама дупот се сменил… некој потпишал… градоначалниот сметал дека е убаво…дека ќе има пари за општината…советниците изгласале…АМАН ВЕЌЕ!
И после демек супер сме биле и ќе си запееме …на Бога камења не сме фрлале…чукни во дрво и сл…Ова е повеќе да си ја чукнеш главата, дрвото со оваа ситуација нема врска. Се додека криминалот и човечката алчност и глупост остануваат неказнети, нема да можеме да се одлепиме од овој вирус а ниту од оние кои допрва не чекаат.
Новата нормалност, подразбира огромно финансирање на образованието, науката и културата. Тоа ќе гарантира дека политичките одлуки ќе бидат базирани на мислењата на струката. Тука треба да се внимава бидејќи имавме многу примери каде струката (Буџетот! Буџетот!) се додворуваше на политиката. Огромна е разликата помеѓу служење и мислење.
Секуловска: Како го гледате во иднина пазарот на културата и уметноста- дали ќе бидат неопходни реформи и целосно реструктурирање- каде акцентот ќе биде ставен на иновативност и експерименталност?
Дали ќе надвладее ваквиот тип на култура, наспроти индустријата на онлајн забава (не секогаш во вулгарна смисла е оваа забава)- кадешто предничи филмската индустрија
Поповски: Околу културата се прави негативен ПР, во смисла што ќе се случува и како ќе продолжи да функционира. За фудбалот се разговара кога ќе почне повторно да се случува , а не дали. Пред некој ден во Марибор се отвори една многу позната слаткарница во која се продава сладолед. Веднаш се направи огромен ред. За смрзната вода со вкус на јагода. Луѓето стојат во редица. Истото ќе се случи со културата. Прашањето за нејзиниот опстанок го диктираат најчесто луѓето од политиката, бидејќи им е наједноставно да скратат пари онаму од каде што најчесто не добиваат никакви гласови.
По некое непишано правило десните влади најчесто кратат од културата затоа што “културњаците” по природа не се десно настроени. Од друга страна левите влади никогаш не ја разбраа моќта на културата, така што и едните и другите од сосема различни причини(себични) прво помислуваат да скратат од културата. Најчесто буџетиот за култура се движи меѓу 1 и 2 проценти од целокупниот буџет, тако што кога ке земеш од ништо нешто ти останува ништо. А ќе речат нема пари. Па отпечатете си пари! Да дојдам јас да ви ги испечатам?
Секуловска: Што е уметникот денес?
Поповски: Кога бев помал воглавно се будев секое утро и одев да го менувам светот.Денес …се трудам да не станувам многу рано.
Последниве годиним улогата на уметникот се поистоветува со активизмот, што е добро, ама не многу. Односно, не е добро ниту малку. Ситуацијата во која живеевме налагаше силно да го кажеме она што другите луѓе не смееја или се плашеа да го кажат. Сепак тоа не е по мое интимно чувство нашата суштинска задача. Ние сме оние кои креираат нови светови и простори. Ние ги прошируваме полето на размислување, даваме поинаква слика од секојдневната, отвараме теми за размислување и создаваме простор за креација. Така јас се гледам себе си како уметник, што не мора да значи дека е исправно.
Секуловска: Колку може оваа криза да го уништи уметникот? Колку може сепак и тој да ја уништи неа?
Поповски: Ниту една криза, војна, чума никогаш не ја уништила уметноста. Длабока човекова потреба е да создава. Темната страна на деструкцијата и светлата на креацијата се во постојана борба. Еднаш ние, еднаш тие. Во овој момент воопшто не се плашам што ќе се случи со нас. Се ќе биде добро, можеби и подобро. Бидејќи од целава приказна ќе излеземе многу посилни.
Прво, ова е најголемиот пораз за либералниот капитализам како доминантна филозофија. Оваа криза ја покажува неговата слабост и создава потреба за нов тип на уредување и пред се размислување. На сметка на капиталот ќе дојде период на науката и уметноста кои ќе бидат главни креатори на светот. До сега, кога некој економист ќе ви се појавеше на телевизија и зборуваше за економската исплатливот и БДП, бла бла…сите молчевме.
Кога некој професор или научник, а не дај боже уметник, ќе кажеше нешто, сите коментираат што знае тој, тој е уметник. Овој вирус покажа дека ниту сите пари на овој свет нема да го спасат никого. Што би рекол Шекспир- и кралот и просјакот завршуваат во иста кал. Големите одговори ќе бидат побарани во други сфери. Економијата ќе биде ставена таму каде што и треба да биде, во услужни дејности.
Секуловса: Дали после оваа криза ќе заврши ерата на културата на тривијалност, вулгарност, евтиност, културата на шундот и кичот, онаа селебрити култура, онаа култура на холивудски бесмислени спектакли и риалити шоуа?
Или пак можеби оваа примитивна култура ќе се зацврсти на тронот, како неизбежен и единствен излез од суровата реалност со која сме опкружени- на болестите, смртта и безизлезноста?
Поповски: Тешко дека било кому денес можат да му помогнат лајковите.
Ништо нема да исчезне, ниту шундот ниту кичот. Тие ќе бидат како и до сега неважни за Новиот светски поредок. Човештвото ќе се сврти кон посуштествени теми и ќе ги прегази глупоста и алчноста на криминалот. Вирусот има свои предности. Не учи дека сме неважни за планетата и животот на неа. Дека кога ќе посака природата, може да не исплука и да не нема. Читам дека само во два месеца наше отсуство, озонската дупка се затворила. Да сме паметни треба на ниво на свет да договориме секоја година да не нема по еден месец.
Ако сме паметни од сево ова можеме многу да научиме. Ако сме паметни можеме поинаку да се однесуваме кон просторот во светот кој ни е даден. Ако не…терај по старо па кој ќе преживее ќе раскажува. Во секој случај ДРАМА нема да ни недостасува. Останува да се сместиме на столчето удобно и да чекаме да се дигне завесата.