Серијал на НОВА со водечките македонски интелектуалци за последиците по кризата со Корона вирусот: Анастас Вангели, предавач на Шангајскиот кампус на Високата школа за комерцијални науки, Анже- “Колку и кои фирми – или можеби цели стопански гранки – ќе постојат по излегувањето од карантин? Во каква состојба ќе биде финансискиот систем? Колку луѓе ќе бидат без приход? Колку ќе можат (и ќе бидат расположени) да трошат луѓето на работи што не се храна и лекови?”
Секуловска: Светската научна мисла е согласна во едно- дека промените во светот се неминовни, по кризата со Корона вирусот. Акцентот е на сериозно ужасните прогнози за економски колапс, дури и на економски најмоќните и најздравите држави, доколку продолжи оваа здравствена и финансиска агонија.
Овој економски дебакл кој се очекува ќе повлече во вид на домино ефект и многу други тешки последици- социјални прегрупирања, зголемување на јазот- класниот пред се, загрижувачки психолошки ефекти како резултат на изолацијата, но процесите на финансиско стрмоглавување.
Кои се вашите предикции за економските и социјалните промени?
Вангели: Низ историјата, пандемиите го менувале и социо-економскиот и политичкиот поредок, и размислувањето и однесувањето на поединецот. Но, ретко кој може да ги согледа последиците кои следат во екот на самата пандемија. Во моментов, освен што немаме идеја кога и во каква состојба ќе илзеземе од карантин, ние не знаеме со сигурност ниту многу основни работи кои се важни од гледна точка на преживување – дали ќе се развие колективен имунитет (а според некои вести, и дали ќе има можност за ре-инфекции), дали ќе има втор бран, дали ќе има вакцина за година – година-и-пол.
Од друга страна, иако поминаа само неколку недели, предалечно е и пред-пандемиското минато и она што сме го нарекувале „нормалност,“ односно начинот на живот кој доведе до оваа состојба (и оттаму нема основа и да зборуваме за негово враќање).
Економските ефекти се исто така во доменот на непознатото. Во моментов – додека светската економија е во голем дел стопирана на неодредено време – немаме основа да се надеваме на добро сценарио; ситуацијата е толку за неверување што немаме ниту фантазија за да го замислиме најлошото.
Ниту пак имаме податоци за некоја издржана „средна“ анализа. Колку и кои фирми – или можеби цели стопански гранки – ќе постојат по излегувањето од карантин? Во каква состојба ќе биде финансискиот систем? Колку луѓе ќе бидат без приход? Колку ќе можат (и ќе бидат расположени) да трошат луѓето на работи што не се храна и лекови?
Но, додека нас овие прашања не’ интересираат од „човечка“ гледна точка, исто важно е и големото прашање дали економскиот поредок ќе се распадне и ќе роди нов, поправеден модел; или ќе продолжи уште позабревтано и побезмилосно напред (да не забораваме дека во она што сите го нарекуваат „нормално“ постои огромна нееднаквост, неправда и неодржливост)?
Пандемиите носат промена, но таа промена нема да дојде преку ноќ, нити пак преку некаква посериозна мобилизација. Веројатно ќе станува полошо пред да стане подобро. Пролонгираната атмосфера на страв од смртта, параноја од заразата, анксиозност поради неизвесноста, недовербата кон државата но и обичниот човек, дистанцата и изолацијата – ќе имаат целосно парализирачки ефект врз било кое незадоволство и несреќа, или ќе го пренасочат кон недолжните.
Некои луѓе ќе бидат задоволни што се’ поминало, па дури и ако цената била висока; а можеби дури и триумфалистичките пропаганди ќе бидат успешни, и многумина ќе се чувствуваат како победници против „невидливиот непријател“ – бар на одредено време.
Незадоволните пак, ќе се навртат на политичките противници, административците, вработените во приватниот сектор, мигрантите, верниците, неверниците, малцинствата, или на било која друга социјална група или на странска држава – многу повеќе од што ќе му се лутат на системот кој ја овозможи пандемијата. Дури и Американците кои во голем дел се критични кон начинот на кој Трамп се справува со ситуацијата, вината првенствено ја бараат во Кина.
Секуловска: Историски гледано, никогаш не е анулирана политичката и економска жед за моќ, доминација и алчност- супремација на моќните над послабите и покревките- во кој правец сега ќе се движат овие тенденции, кој сега ќе ја добие, ќе ја извојува моќта на владеење?
Вангели: Да се надоврзам на претходното – пандемиите откриваат неколку непријатни вистини. Прво, голем број луѓе се спремни веднаш да ја жртвуваат својата слобода (и слободата на другите) во замена за сигурноста (или илузијата на сигурност) која ја пружаат државите и нивните лидери.
Второ, некои од најуспешните стратегии за справување со зарази вклучуваат целосно наметнување на државата во животот на луѓето (ограничување на правото на движење и следење на комуникациите).
Трето, наместо координиран и солидарен интернационалистички пристап, инстинктивниот одговор на пандемијата во голем број општества е кревање ѕидови, национализам, расизам и ксенофобија.
Четврто, пандемијата во исто време го згаснува поривот за промени, а ги засилува постоечките поделби на сите нивоа, вклучително и помеѓу големите глобални сили (САД и Кина) – главното прашање кое се поставува, е кој конфликт ќе преовладее (војната „секој против секого“ внатре во општествата, или конфронтацијата на големите сили на светско ниво).
Секуловска: Дали младите генерации ќе го добијат своето право на глас- откако од нив беше побарано да се жртвуваат во име на постарите и поранливите категории- да се изолираат во име на единството, солидарноста и колективот.
Дали ќе добијат рамноправно место на одлучувачката маса, откако нивните барања и високи тонови никогаш не беа слушнати- за рамнотежа, праведност правичност во светот, за попуштање на стегите на суровиот нео-либерализам, за борбата со светските лидери против климатските промени
Вангели: Не сметам дека младите се изолирале, а уште помалку жртвувале заради постарите – младите луѓе исто така страдаат и умираат од КОВИД-19. Исто така не сметам дека младите успеале да го дигнат толку многу гласот (на пример, насекаде низ светот тие ниту гласаат ниту се мобилизираат); но оние кои решија да се бунтуваат, макар и симболично (како Грета Тунберг), секако дека беа чуени (но и ко-оптирани во поголемите борби од страна на поголемите актери).
Во времето во кое доаѓа, младите ќе се соочат со крајно неповолни економски услови, и со предизвикот да не ги препишуваат своите проблеми на постарите генерации (наместо тоа, да градат меѓугенерациски мостови).
Секуловска: Стравувањата на научната мисла се фокусирани на креирање на авторитарни општества, зајакнување на национализмот, креирање на полициски држави кои не само што би ги следеле граѓаните, туку и би ги диктирале нивните животи, би биле нивни креатори
Вангели: Во оваа ситуација силна, централизирана држава (која следи комуникации) и национализам (вклучително и економски национализам) се иднината која не’ чека. Ми се чини дека во овој момент, мнозинството луѓе (во светот, на Запад, во Македонија, било каде) прифаќаат барем едно од двете како (нова) нормалност. А оние кои се бунат, имаат проблем да формулираат уверлива алтернатива која би била еднакво ефикасна (или тоа го прават од позиција на аутсајдери).
Секуловска: Во вакви кризи кои доведуваат до тектонски промени, светот сепак се свртува кон единствениот излез- авторитетот на научната мисла, на едуцираните, експертите, наспроти претходните, сега веќе заборавени автоитети- црквата, како дотогаш, или довчерашен политички и црковен авторитет и патрон на масите. Дали сметате дека овој тренд ќе продолжи и по ставање крај на оваа криза
Вангели: Науката не постои во вакуум, особено не во овие времиња – науката допрва ќе биде инструментализирана од страна на политичките и економските интереси. Моќниците (и јавноста) си бираат кои научни сознанија им одговара да ги ислушаат и почитуваат, а кои не.
Да беше слушана науката како авторитет, немаше толку голем број од развиените земји од Западот да ги ослабнат своите здравствени системи во изминатите години (на страна од ситуацијата во САД, дури и во ЕУ низ минатите години се намали капацитетот на здравствениот систем), немаше да ја намалат финансиската поддршка на комисиите за спречување заразни болести, немаше да ја игнорираат епидемијата во Вухан, немаше да калкулираат со преземањето мерки кога веќе дојде заразата кај нив, и немаше да влегуваат во меѓусебни конфликти – па дури и да се „џапаат“ за заштитна опрема.
Постои и опасен тренд на анти-научно и анти-интелектуално однесување, кој парадоксално е најсилен во Америка и некои места во Европа каде популистичките лидери си земаат за право да им солат памет на докторите и да препишуваат терапии – сепак ситуацијата е поинаква во Азија (Кореја, Сингапур, Кина) – таму науката има поголем углед и влијание.
Секуловска: Сметате ли дека слободата на изразување, слободата на медиумите ќе биде под закана по зајакнувањето на државниот и полицискиот апарат, кој во желба, односно под превез да ги заштити граѓаните, ќе ја засили контролата и притисоците врз слободната мисла- прашањето се однесува на светот и Македонија
Вангели: Државата и полицијата последни ќе ја регулираат слободата на изразување, само во случаи кога идејата што пркоси успешно ја преживеала огромната галама и какофонија во медиумскиот простор, вкрстениот оган на различните интереси на различните медиуми и други учесници во трката за кликови, и нападите од армиите платени и неплатени тролови.
Но, ова не се суштински промени – само ќе се зацементира претходно постоечката култура на „јавна дебата.“ Слободната мисла, токму затоа, бар одреден период ќе се развива далеку од „јавната дебата,“ и можеби дури и ќе се труди да остане незабележана од страна на широката јавност, за да може да преживее и да не согори.
Секуловска: Како ќе се одрази притисокот кон социјалните медиуми- во контекст на креирањето лажни вести, пропагандистичките тенденции особено оние кои доаѓаат од Русија, но и останатите диктаторски бастиони- прашањето се однесува на светот и Македонија.
Вангели: Би сакал да споделам една анегдота – вистински случај на соочување со лажна вест. Се случило повеќе пати, за време на час, додека дебатирам со моите студенти, тие да споделат некој релевантен линк – за кој „од авион“ се гледа дека е проблематичен.
Во една прилика, го натерав студентот кој сподели сомнителен линк (кој, да напоменам, беше од „западен“ извор, а не од „диктаторски“) да направи проверка на фактите за да се осигура дека не праќа лажна вест. На тоа тој одговори „нема што да проверувам, веројатно е лажна вест, но е интересна, и илустрира важна поента.“
Тој момент ме натера да се запрашам колку од луѓето што читаат и шират лажни вести, тоа го прават свесно? На колку од луѓето им треба само интересна приказна, наратив, нешто што им оди во прилог на нивните убедувања, па макар било тоа и очигледно лажна вест?
Притоа, не смее да заборавиме дека лажните вести биле секогаш присутни во јавната дебата, употребувани и злоупотребувани за остварување на секакви агенди – вклучително и користени како повод за војна. Пандемијата, оттука, ќе создаде доста плоден терен за пролиферација на секакви наративи; и веројатно повеќето луѓе нема да се грижат толку за вистинитоста на вестите, туку за тоа колку тие ќе им бидат во согласност со нивните убедувања и верувања.
Па, од сите пропаганди, ќе победи најгласната и најуверливата – што може, но е и не мора да биде „највистинитата,“ но веројатно ќе биде онаа која располага со најголеми ресурси.