Серијал- интервјуа на НОВА со водечките македонски интелектуалци за тоа каков свет, но и каква држава не очекува по кризата со Корона вирусот: Артан Садику, теоретичар и активист- ” Власта сеуште не зборува за било каква форма на прогресивен данок за најголемите профити во земјава, дури и тој да е краткорочен, додека трае кризата”.
Секуловска: Светската научна мисла е согласна во едно- дека промените во светот се неминовни, по кризата со Корона вирусот. Акцентот е на сериозно ужасните прогнози за економски колапс, дури и на економски најмоќните и најздравите држави, доколку продолжи оваа здравствена и финансиска агонија.
Овој економски дебакл кој се очекува ќе повлече во вид на домино ефект и многу други тешки последици- социјални прегрупирања, зголемување на јазот- класниот пред се, загрижувачки психолошки ефекти како резултат на изолацијата, но процесите на финансиско стрмоглавување.
Кои се вашите предикции за економските и социјалните промени?
Садику: Да се мисли за резултатот на кризата, или изгледот на светот после нејзиното окончување, е можеби најтешката задача на денешницата. Затворањето на скоро сите општества во светот во индивидуалните домови и паузирањето на сите општествени и економски пракси не оневозможува да процениме како ќе изгледа динамиката после ‘отворањето’.
Но, реалноста преку која влеговме во кризата може да ни послужи за да поставиме барем две претпоставки за иднината:
(1) дека постоечкиот (дис)баланс на моќ помеѓу крупниот капитал и потчинетите граѓани ќе ги детерминира и начините преку кои ќе се решаваат последиците од кризата, т.е. ќе се даде предност на зачувување на стабилноста и профитабилноста на финансиските пазари на терет на реалната економија,
(2) дека обемот и длабочината на последиците од кризата ќе бидат толку големи што досегашните класични инструменти на неолибералниот глобален капитализам ќе се апсолутно неадекватни, па затоа ќе мора да се реорганизира начинот на функционирање на економијата преку нова форма на производство.
Првата претпоставка би значела можно брзо ресетирање на ’нормалниот живот’ кој ќе даде привид на континуитет, кој психолошки, на краток рок, ќе ги ублажи стравовите на работниците и оние кои зависат директно од нивната месечна плата. Но, во подолг рок, неминовно ќе следи воведување на нови класно ориентирани инструменти на борба за зголемена експлоатација на потчинетите, зголемена поддршка од страна на државите за банките и корпорациите.
Ова би значело користење на мерките од каталогот на оние од кризата на пост-2008 год., но со воведување на многу по репресивни форми за нивно спроведување. Тука, една можна тендеција би можела да биде ставање на државниот репресивен апарат во функција на интересите на големите компании кои засега уште ја играат клучната улога во неолибералната капиталистичка пазарна економија. Тоа би значело дополнително кратење на основните човекови права под преттекстот на спасување на економијата како највисока општествена вредност.
Втората претпоставка ќе зависи најмногу од времето на траење на кризата. Во целата динамика на кризата времето игра клучна улога. Со продолжено време на траење на кризата, финансиските загуби на глобалниот капитал растат секојдневно. Тие загуби во еден момент може да го преминат ‘прагот на повраток’ со што нема да биде возможно тие компании да се вратат во живот со било какви финансиски инструменти. Во тој случај ќе мора да се случи коренита општествена промена која е нужна за нова форма на економско производсто.
Таквиот нов начин на производство за да биде имун на слични кризи мора да се ориентира кон не-конзумерирачко производство кое нема да биде опседнато со раст туку со опслужување на потребите на луѓето. Во тој случај, ќе мора да се помине низ транзициона фаза на колективизација на производствените капацитети и воспоставување на нови форми на демократска контрола врз економијата. Во таков случај, би можеле да видиме и потполно нови технологии развиени за опслужување на новата демократска економија. Една од клучните општествени промени, во тој случај би било преминувањето од фокусирање на индивидуата како слободен конзумент на пазарот, во сфаќањето на индивидуата како придонесувач во колективот.
Секуловска: Историски гледано, никогаш не е анулирана политичката и економска жед за моќ, доминација и алчност- супремација на моќните над послабите и покревките- во кој правец сега ќе се движат овие тенденции, кој сега ќе ја добие, ќе ја извојува моќта?
Садику: Во овој одговор би се фокусирал на Македонија. Ако ги анализираме мерките на Владата можеме да видиме дека државата интервенира во пазарот за одржување на одредена стабилност преку вбризгување на пари преку задолжувања. Но, додека се бара солидарност од сите, како оние што ги губат работните места, така и оние на кои им се скратува патата, гледаме како најголемите и најмоќни компании и профити во државава остануваат недопрени.
Една низа на привилегии кои се одржуваат во сила од страна на било која власт, сеуште не се ставаат под прашање дури и во време на ваква криза. Власта се уште не зборува за било каква форма на прогресивен данок за најголемите профити во земјава, дури и тој да е краткорочен, додека трае кризата. Од сегашната позиција на владата гледаме многу јасна класна алијанса, од која можеме да заклучиме дека во иднина се што досега изгледаше како нормално може да биде ставено под прашање, само не профитите на најголемите и најмоќните компании во земјава.
Имајќи предвид од друга страна дека потчинетите општествени групи во Македонија немаат доста јаки и организирани структури за борба со класните интереси на капиталот поддржан од власта, решението на кризата може да допринесе во зголемување на нееднаквоста. Во таквиот случај, несомнено ќе се вклучи репресивниот апарат на државата за спречување на поголеми општествени немири. Практикувањето на полицискиот час пот преттекст на справување со ширењето на вирусот, може да стане продолжена форма на општествена контрола, која ќе се користи во зависност од потребите на капиталот и власта во разни комбинирани и адаптирани форми.
Но, тоа не значи дека општествената потреба, во случај на подлабока економска криза, не овозможува брзо формирање на нови мрежи за соработка и поддршка. Од периодот на 2014 и 2015 во Македонија сведочевме раст на масовни социјални движења кои доста успешно се справуваа со предизвиците на тогашната ситуација. На сличен начин, а сега и со поголемо искуство, може да се иницираат многу поефикасни модели на општествена мобилизација и организација. Во овој случај, освен организирано барање и притисок врз властите, ваквите движења ќе мора да создадат и сопствени паралелни модели на грижа и поддршка за групите кои ќе бидат оставени на немилост од страна на новите политики на репресија и експлоатација.
Секуловска: Дали младите генерации ќе го добијат своето право на глас- откако од нив беше побарано да се жртвуваат во име на постарите и поранливите категории- да се изолираат во име на единството, солидарноста и колективот.
Дали ќе добијат рамноправно место на одлучувачката маса, откако нивните барања и високи тонови никогаш не беа слушнати- за рамнотежа, праведност и правичност во светот, за попуштање на стегите на суровиот нео-либерализам, за борба со светските лидери против климатските промени
Садику: Мислам дека сегашната криза поништи еден сет на идентитетски категории како возрасни, етнички, регионални и др. Но, единствената категорија која опстојува е класната. И тука всушност јас би гледал различно на категориите. На младите не би гледал како некоја група што сега како посебна треба да добие повеќе пристап до јавноста, бидејќи јавноста како што ја знаеме до сега, ќе треба да се менува. А, улогата на младите, како најенергичен дел од општеството, треба да се состои во зголемено мобилизирање за решавање на предизвиците кои веќе се редат пред нас.
Наместо барање на некој подарок за нивната солидаризација, тие треба да се заложат за солидарноста да стане основна општествена вредност, а не само пракса во краток рок на траење на кризата. Здравствениот и образовен систем кои младите ги користат денес, се резултат на солидарните фондови изградени од постарите генерации. Така што, од сегашнава криза треба да извлечеме заклучоци за придобивките на солидаризирањето од сите групи и тие да ги направиме системски вредности.
Секуловска: Стравувањата на научната мисла се фокусирани на креирање на авторитарни општества, зајакнување на национализмот, креирање на полициски држави кои не само што би ги следеле граѓаните, туку и би ги диктирале нивните животи, би биле нивни креатори
Садику: Освен што државите нужно се впуштаат во инерцијата на користење на монополот на насилство – полицијата, чудно е како, во време на кризата, се појавуваат барања за порестриктивни методи на полицијата од страна на самите граѓани. Оваа појава треба да се чита симптоматично и да се анализира потребата на луѓето во сегашното општество кои немаат доверба во нивните сограѓани, во нивните комшии и роднини, па одтука доаѓа потребата за јасна сепарација преку интервенција на полицијата.
Едно од клучните толкувања е дека таквите индивидуи се создадени од преовладувачката форма на пазарот во која индивидуите се во константен натпревар, и на другиот се гледа како потенцијален непријател за достигнување на посакуваниот успех. Таквите општества се секогаш подготвени за прифаќање на авторитарни методи на владеење, особено кога постои некој невидлив непријател, чиј носител може потенцијално да биде секој.
Но, од друга страна сведочиме на негодување на зголемената тенденција за репресивно справување со кризата, и барање за поголемо само-организирање за соочување со ризиците и последиците од кризата. Имајќи ја предвид глобалната поврзаност преку технлошките алатки, овие форми може лесно да се шират, реплицираат и адптираат. Во периодот после 2011-та многу од масовните социјални движења во светот преземаа методи на делување и учеа од успесите и неупесите едни од други.
Затоа, и Македониија нема да биде изолирана од раѓањето на нови форми на општествено делување во одбрана на демократијата и социјалната безбедност на граѓаните. Форми кои сигурно ќе се прошират со многу брз интензитет од првиот момент во кој општеставата ќе почнат да се ослободуваат од карантинот и изолацијата. Тие се надежта во спротивставување на крајно лимитираните и не креативни политички стратегии за справување со кризата кои моментално се спроведуваат од мнозинството на владите низ светот.
Секуловска: Во вакви кризи кои доведуваат до тектонски промени, светот сепак се свртува кон единствениот излез- авторитетот на научната мисла, на едуцираните, експертите- на интелигенцијата, наспроти претходните, сега веќе заборавени авторитети- црквата, како дотогашен, или довчерашен политички и црковен авторитет и патрон на масите. Дали сметате дека овој тренд ќе продолжи и по ставање крај на оваа криза?
Садику: Мислам дека кризата низ која поминуваме претставува предизвик за до сега воспоставените авторитети и мисла. Едно нешто е јасно, а тоа е дека на ниедна посебна група не може да им се додели било каква привилегирана положба за промислување на решенијата за излез од кризата.
Решавањето на проблемот со концентрираното и изолирано знаење е еден од клучните фактори за решавање на кризата во денешницата. Поуките од конкретната криза со коронавирусот укажуваат дека знаењето не може да биде повеќе извор на моќ на одредени попривилегирани и финансиски помоќни центри. За справување со ваква криза потребно е знаењето да биде достапно, дисперзирано и генерализирано. Ваквата потреба сигурно ќе има влијание и врз начините на кои се придобива знаење, на образовниот процес и на користење на научните достигнувања кои сега засега се уште се заробени под различни патенти и монополи за профит.
Ослободувањето на знаењето од сегашните спреги на капиталот ќе овозможи нејзино и поразлично користење – во полза на општеството и за доброто на сите. Ако решенијата за различните предизвици останат затворени во една компанија или во една држава, во ваквиот свет на масовна мобилност, тие остануваат со лимитиран опсег на успешност. Оттука, наместо креирање на некоја форма на авторитет на експертското мислење, треба да се насочиме кон масовно експертизирање преку користење на технологиите кои овозможуваат лесен пристап и лесно користење на знаењето.
Секуловска: Сметате ли дека слободата на изразување, слободата на медиумите ќе биде под закана по зајакнувањето на државниот и полицискиот апарат, кој во желба, односно под превез да ги заштити граѓаните, всушност ќе ја засили контролата и притисоците врз слободната мисла
Садику: Одговорот на ова прашање не се состои во скратување на сегашната слобода на изразување и мислење, туку во поставување на прашањето дали досега сме имале вистинска слобода на мислење. Во ситуација во која најголемиот дел од поголемите медиуми се дел од групации и корпорации кои имаат различни врзани интереси со капиталот, последиците од сегашната криза можат само да го доускратат тоа право со зголемениот интерес на државите и владите.
Пристапот до информации и споделувањето на релевантните податоци за кризата сега мора да се демократизираат, токму поради фактот што тие играат една од клучните улоги во носењето на одлуките и во формирањето на ставови во општеството.
Но, пристапот до технологија и до лесни алатки за организирање на нови медиуми, кои се отпорни на државните и интересите на капиталот, овозможуваат појавување на алтернативни гласови и толкувања, кои се фокусираат на ‘реалната слика’ наспроти ‘големата слика’ која секогаш ги ништи потребите на оние кои се најмаргинализирани и се фокусира на одржување на статус квото. Сега кога тој статус кво е анулиран од страна на сеопштата криза, можноста за такви нови медиуми е многу подофатлива а истовремено и потребна да се реализира.
Секуловска: Како ќе се одрази притисокот кон социјалните медиуми- во контекст на креирањето лажни вести, пропагандистичките тенденции особено оние кои доаѓаат од Русија, но и од останатите диктаторски бастиони
Садику: Социјалните медиуми, оние кои досега се користат од милиони луѓе низ светот, се покажаа како потполно неефикасни во однос на опслужување на потребите на општествата во криза. Нивниот основен алгоритмичен дизајн и програмирање се заснова на искористување на податоците од животниот стил на корисниците- за прибирање на податоци за таргетирање праку маркетинг.
Фактот што повеќе од половина од тие мрежи се во сопственост на една корпорација, укажува на потполната не-демократичност на самите тие мрежи. Сегашната криза, исто како и во доменот на медиумите ќе роди потреба за други форми на социјални мрежи, преку кои нема да се мотивира личниот нарцисизам и себепрокламирање, туку ке имаат вградено алатки за колективна суштествена размена на идеи и соработка.
Кризата која сега ја живееме, наместо да не натера да смислиме начини како да ги одржиме во сила и во функција моделите кои досега сме ги живееле, треба да се еманципира за неодржливоста на таквите модели во однос на колективните потреби со кои денес се соочуваме и да го поттикне нашиот колективен потенцијал за обмислување на нови модели.