НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Интервју со Горан Јанев: По Корона вирусот, во светот нема да има суштински промени

0
By Биљана Секуловска on April 10, 2020 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Серијал- интервјуа на НОВА со водечките македонски интелектуалци за тоа каков свет, но и каква држава не очекува по кризата со Корона вирусот: Горан Јанев, социолог и антрополог, Институт за социолошки и правно-политички истражувања- “Каква е таа национална заедница во која едните се валкаат во луксуз, а мноштвото на дотраени каучи, и огромен број во кал и прав? Впрочем, деновиве јасно гледаме кои се границите на нашите вистински заедници”

Секуловска: Светската научна мисла е согласна во едно- дека промените во светот се неминовни, по кризата со Корона вирусот. Акцентот е на сериозно ужасните прогнози за економски колапс, дури и на економски најмоќните и најздравите држави, доколку продолжи оваа здравствена и финансиска агонија.

Овој економски дебакл кој се очекува ќе повлече во вид на домино ефект и многу други тешки последици- социјални прегрупирања, зголемување на јазот- класниот пред се, загрижувачки психолошки ефекти како резултат на изолацијата, но  процесите на финансиско стрмоглавување.

Кои се вашите предикции за економските и социјалните промени?

Јанев: Јас не сум согласен, бидејќи не знам на што, освен на посакување, се базираат претпоставките дека промени мора да има. Што донесоа таканаречените големи промени, падот на Берлинскиот ѕид, рушењето на кулите близначки? Се сведоа на израмнување и повладување на доминантната логика на сила и неолиберализам.

Промените кои ќе ги посведочиме најверојатно ќе се козметички, а не суштински. Бидејќи, што се промени, ако не се работи за револуција? Она што преостанува за категоризација на состојба на нештата е стагнација, еволуција или деволуција.

Каде се гледа генерирање моментум за променета свест, дали во изборот на Трамп, Путин, Џи, Орбан, Ердоан, Болсонаро, Моди, Џонсон?

Промената на свеста не е баш најизгледна, а промената на техниките на владеење и легитимирање на моќта веројатно ќе се сведат на видоизменување, за да го оправдаат разнишаниот привид на легитимитет, а не и на суштинско менување на односите. Богатите нема да осиромашат до толку за да станат сиромави. Најоштетени ќе се средната класа, повторно. Највеќе ќе трпат малите и средни претпријатија. И кога велиме дека треба да ги заштитиме и помогнеме, кого помагаме, газдите или вработените?

Секако и едните и другите заслужуваат и треба да се помогнат во овие услови, но испливува на виделина фактот дека не можеме да му веруваме на идеалот на капитализмот како основа за организирање на современите општества. Тоа се однесува и на светско ниво, а особено важи за нас, една од најсиромашните, најраслоените (со огромна финансиска нееднаквост) и најнеписмените земји во Европа.

Кај нас некако, најжестока беше расправата за солидаризирање на јавниот сектор со приватниот сектор. Да се скратело кај администрацијата, за да имало за приватниците, затоа што од нив живеела админситрацијата? Оваа контрадикторност или парадоксалност полесно се разрешува во побогати општества со големи резервни фондови, но тие резерви не ги изградиле со ситна трговија и со рамен данок.

Секуловска: Историски гледано, никогаш не е анулирана политичката и економска жед за моќ, доминација и алчност- супремација на моќните над послабите и покревките- во кој правец сега ќе се движат овие тенденции, кој сега ќе ја добие, ќе ја извојува моќта

Јанев: Некако, се навикнавме да ја бараме вината за нееднаквоста и злото, надвор од нас. Подзаборавена е дебатата за структура и дејственост (structure/agency), односно разрешена е негативно по дејственоста, капацитетот на делување кој произлегува од поединците или групите. Консензуално се прифати дека постои и дејственост, дека не е се до структурите, но се заборави дека правецот, интензитетот, силата на дејственоста се директно зависни од светогледот, идологијата, космологијата, начинот на кој ги разбираме и толкуваме работите.

За дејственоста да има ефект не може да биде оставена на поединци или мали групи со ограничено влијателние. И чичко Маркс повикувал на здружување и заедничко делување, а како предуслов точно препознал дека е потребна класна свест, ако се посакува промена. Јас не гледам дека се има појавено, не препознавам растење на класната свест и оттаму не би се осмелил да предвидувам дека ќе дојде до промена на алчноста за моќ и воспоставување рамноправен или порамноправен поредок.

Нашето имагинарно е сведено на препознавање на националното трло во кое доброволно и ентузијастички се втурнуваме, а таа и таква заедница, базирана на глупави митови, а не на идеа за взаемно изразено, артикулирано и остварено добро, не ни заслужува да се нарекува заедница. Заедница?! Каква е таа национална заедница во која едните се валкаат во луксуз, а мноштвото на дотрaени каучи, и огромен број во кал и прав? Впрочем, деновиве јасно гледаме кои се границите на нашите вистински заедници.

Секуловска: Дали младите генерации ќе го добијат своето право на глас- откако од нив беше побарано да се жртвуваат во име на постарите и поранливите категории- да се изолираат во име на единството, солидарноста и колективот.

Дали ќе добијат рамноправно место на одлучувачката маса, откако нивните барања и високи тонови никогаш не беа слушнати- за рамнотежа, праведност правичност во светот, за попуштање на стегите на суровиот нео-либерализам, за борбата со светските лидери против климатските промени

Јанев: Не ги гледам младите како категорија која е основа за засновање заедница која ќе донесе промена. Без јасно дефинирана заедница со силна и длабоко вкоренета идеологија нема движење, без движење нема акција, односно дејственоста ќе има ограничен опсег и влијание.

Без работниците и селаните и сите други сограѓани, базирано само на генерациско поврзување никогаш нема да се успее да се изведе револуција, промена. Што ќе беше студентскиот бунт во 1968 без генералниот работнички штрајк? Ниту воспеваните студентски протести во Македонија поттикнати од Студентскиот Пленум ќе дотераа дотаму без активната поддршка од Професорскиот Пленум, ниту прераснаа во студентско движење, ниту движењата Окупирам вродија со артикулирана структурирана и одржлива политичка акција, ниту во Северна Африка, ниту во Шпанија, ниту во САД. Можно е да имаме промена на свеста кај младите, и тоа е неопходно, но огромен е јазот помеѓу тоа и конкретна општествена и политичка акција која би донела суштинска промена.

Секуловска: Стравувањата на научната мисла се фокусирани на креирање на авторитарни општества, зајакнување на национализмот, креирање на полициски држави кои не само што би ги следеле граѓаните, туку и би ги диктирале нивните животи, би биле нивни креатори

Јанев: Па, да си продолжам со песимистичкиот тон, сосема извесно е дека зголемената дигитализација води кон намалена анонимност. Системот се полесно ќе може да не следи, а тоа е основа за контрола, а тоа е спротивно од слобода. Ќе мораме да ја редефинираме слободата, како што веќе си ја редефиниравме дигиталната приватност.

Затоа е неопходно и редефинирање на заедницата, односно на нејзините постулати. Тоа подразбира редефинирање на идеолошката матрица за идентитетските групирања. Ако ни успее да сфатиме што е заедничко добро, споделено и на располагање за взаемноуживање, ќе ни успее и да си ги одбраниме слободите. Ако слободите ни се сведат на гарантирање на индивидуални конзумеристички потреби, ќе добиеме поуспешен систем на контрола, кој не ќе соодветствува со идеалите на слободата.

Секуловска: Во вакви кризи кои доведуваат до тектонски промени, светот сепак се свртува кон единствениот излез- авторитетот на научната мисла, на едуцираните, експертите- на интелигенцијата, наспроти претходните, сега веќе заборавени авторитети- црквата, како дотогашен, или довчерашен политички и црковен авторитет и патрон на масите. Дали сметате дека овој тренд ќе продолжи и по ставање крај на оваа криза?

Јанев: Стравот и барањето надеж го носат ова свртување кон зголемена почит за знаењето. Но да не заборавиме дека и знаењето е вклопено во капиталистичкиот систем на пазарни вредности. Ќе мора да го ослободиме повторно од капиталистичката логика за да добиеме слободна мисла, ослободена од пазарно вреднување.

Знаењето е највисоко јавно добро. Мораме да му овозможиме повторно да му израснат кријлата на кои ќе не издигне над сегашниот извитоперен систем. Студентите не се клиенти, факултетите не се гранапчиња, институтите не се просјаци кои треба да молат за средства за основната дејност – истражувања. Без истражувања нема сознанија, а без сознанија, како во Македонија, сите сме експерти за се, сите имаме право на мислење, убедување, а сето тоа се базира на што?

Секуловска: Сметате ли дека слободата на изразување, слободата на медиумите ќе биде под закана по зајакнувањето на државниот и полицискиот апарат, кој во желба, односно под превез да ги заштити граѓаните, ќе ја засили контролата и притисоците врз слободната мисла

Јанев: Секако. Видовме во деценијата на авторитарно владеење на што се сведува и од што зависи слободата на медиумите. Кога и тоа јавно добро ќе се исприватизира и втурне во капиталистичкиот, пазарен вител, лесно може да биде присвоено за партиски потреби и во одбрана на интересот на олигарсите.

Погледенете ја само медиумската империја на Мурдок која се протега преку целата планета. Еден бескруполозен и од никого неконтролиран лик го менува светското јавно мислење, влијае на избори, воспоставува систем на општествени вредности. Повторно доаѓаме до прашањето за заедницата, заедничкото, јавното, како ги дефинираме и како и дали ги препознаваме. Сега, со манипулација на стравот лесно може да се зајакне репресивниот апарат.

Секуловска: Како ќе се одрази притисокот кон социјалните медиуми- во контекст на креирањето лажни вести, пропагандистичките тенденции особено оние кои доаѓаат од Русија, но и од останатите диктаторски бастиони

Јанев: Социјалните медиуми се екстензија на нашите сфаќања и барања. Јас ги користам да дојдам до нова статија, понекоја корисна дискусија, да се информирам и позабавувам понекогаш, но исто така, во својот свет си ги користат и нацистите и расистите, да си ги поткрепат и одбрат сопствените светогледи.

Во дезидеолигизираниот свет лесно пробиваат секакви теории и објаснувања. Во суштина, се работи за ширината на сознајниот хоризонт со која влегуваме во светот, дигитален или општествен или дигитално посредуван, сеедно. Поранешните диктатури палеле и забранувале книги, спречувале печатење и дистрибуирање на пишаниот збор.

Денес тоа не е можно, но затоа сега диктатурите се користат со максимата дека нападот е најдобра обрана, па со хиперпродукција на информација која доведува до информативна презаситеност, имаме инфлација на она што некогаш се нарекуваше вест и се релативизира знаењето.

Одбраната од ваквото урнисување на јавниот простор е само во едукација. Солидна, здрава, богата едукација е единствена гаранција за поздрав однос кон светот, а со тоа и ограничување на разноразните пропаганди. Без ароганција, ете себеси се сметам за имун на тие евтини трикови, и знам дека не сум сам и тоа го припишувам на добра едукација. Не мислам на мојата академска кариера, туку пред се солидното знаење кое сум го добил во основно и средно училиште и во тој период пред се.

Ако дозволиш еден сумарен одговор, мораме да се образуваме, обликуваме, тоа е суштината на зборот образование, во совесни членови на потесната и пошироката заедница со свест за јавното, здружното добро и само така ќе ги надминеме и кризава и се она што следи по неа.

Ако не повторив доволно јасно, се работи за два клучни поима, за секој да си ги одговори наместо мене твоите прашања – заедница и јавно добро. Размислете до каде се протегаат во секоја од наведените ситуации и подобро ќе си одговорите отколку јас.

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Американската база Форт Стујарт во Џорџија е блокирана поради пукање, има ранети

August 6, 2025

ЕЦБ: Кинеската конкуренција ги потиснува работните места во еврозоната, особено во автомобилската индустрија

August 6, 2025

Централната изборна комисија на БиХ му го одзеде мандатот на Милорад Додик

August 6, 2025

08:15 – 6. август 1945 – Хирошима одбележува 80-годишни од атомската бомба што го уништи градот

August 6, 2025

Тензично во Нов Белград – полицијата ги дели поддржувачите и противниците на Вучиќ

August 5, 2025
ФОКУС

Заврши средбата на Путин со Виткоф – траела три часа

ВЕСТИ August 6, 2025

Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на претседателот на САД, Стив Виткоф,…

Централната изборна комисија на БиХ му го одзеде мандатот на Милорад Додик

August 6, 2025

Москва: Средба Путин – Виткоф

August 6, 2025

Зеленски телефонски разговараше со Трамп – Украина ќе ѝ продава дронови на САД

August 5, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.