Серијал на НОВА со водечките македонски интелектуалци: Ирена Цветковиќ, извршна директорка на “Коалиција Маргини”, активистка- “Дали е успех враќањето на текстилните работнички во погони во 3 смени за минимална плата? Дали е успех враќањето на градежните работници на скелиња без заштитна опрема?”
Секуловска: Светската научна мисла е согласна во едно- дека промените во светот се неминовни, по кризата со Корона вирусот. Акцентот е на сериозно ужасните прогнози за економски колапс, дури и на економски најмоќните и најздравите држави, доколку продолжи оваа здравствена и финансиска агонија.
Овој економски дебакл кој се очекува ќе повлече во вид на домино ефект и многу други тешки последици- социјални прегрупирања, зголемување на јазот- класниот пред се, загрижувачки психолошки ефекти како резултат на изолацијата, но процесите на финансиско стрмоглавување.
Кои се вашите предикции за економските и социјалните промени?
Цветковиќ: Последиците од оваа криза веќе ги чувствуваат голем број луѓе низ светот. Секој ден слушаме за губење на работни места, губење на приходи за егзистенција, неможност да се остварат приходи на оние кои не се вработени итн. Кризата не е само задравствена, туку и економска и идеолошка. Периодите на криза, периодите кога сме под ризик или закана, секогаш се најтешки за најранливите, за оние кои дури и надвор од кризата се постојано загрозени. Да се проектира иднината од оваа позиција е навистина тешко, ама нужно. Во таа проекција сметам дека не смее да има место за размислувања за „враќање во нормала“.
Пред да ги употребуваме како мантра реториките за „враќање во нормала на економијата и светот“ треба да се запрашаме дали и колку светот и економијата пред кризата биле нормални и за кого тоа биле нормални. Дали е успех враќањето на текстилните работнички во погони во 3 смени за минимална плата? Дали е успех враќањето на градежните работници на скелиња без заштитна опрема?
Оттука, мислам дека не смееме да паднеме во замката на обмислување на стратегии и методи за реставрирање на системот, туку наместо тоа да промовираме идеи и визии за длабоки и суштински реформи и смислен и организиран отпор. Тоа не подразбира носталгично сонување за подобра и посветла иднина, туку заговарање на колективен обид за поврзување на сегашноста и иднината преку оние системски процепи и јазови кои ги отвора кризата, а кои имаат потенцијал за промени. Еден таков процеп е свртувањето на јавниот интерес од неолибералните концепти на бизнис, успех, благосостојба, капитал кон здравјето, животот и телата на луѓето.
Вирусната пандемија може да се доживее и сфати како напад особено преку помалку и сензационалистичкото врамувањето на истата како „борба со невидлив непријател“, но неминовното сознание кое полека го добиваме низ овие периоди е сознанието за нашата конечност, нашата ранливост и нашата смртност. Овие идеи се директен удар врз капиталистичките идеи на постојаност, вечност, младост, среќа и безбедност.
Враќањето на ова сознание може да продуцира поемпатични и посолидарни луѓе и општества. Токму оваа свесност за сопствената конечност и ранливост може да продуцира линии на припадност и замислување на заедништво на сите живи суштества, сите оние кои ја споделуваме истата судбина на живот и смрт. Токму таа можност за живот и смрт може да не` научи да живееме со сите живи суштества на Планетата, како соживеење, а не искористување и експлоатација во наша полза.
Па така, наместо како ресурс, планетата Земја може да се искуси и разбере како заедничко место на сите живи суштества. Вирусите како најмали живи организми ни ја разбиваат илузијата дека нашите тела и организми се омеѓени и затворени за конекции. Во оваа сугестија за телесната отвореност и конекција се крие потенцијалот за разбивање на илузијата за индивидуалната единка идејата, за интегралното, омеѓено тело и безбедната и чиста заедница. Не постојат затворени тела и дискретни заедници. Напротив, ние сме во постојана конекција и размена со живиот свет и кон него мораме да се однесуваме еднакво како кон себе.
Секуловска: Историски гледано, никогаш не е анулирана политичката и економска жед за моќ, доминација и алчност- супремација на моќните над послабите и покревките- во кој правец сега ќе се движат овие тенденции, кој сега ќе ја добие, ќе ја извојува моќта на владеење
Цветковиќ: Одговорот на ова прашање може да биде многу лесен, односно да се сведе на потврдување на очигледното дека доколку е ова битка тогаш победник е оној кој влегува во истата со повеќе моќ и ресурси. Сепак, јас претпочитам покомплексни одговори. Конечниот исход најточно ќе го покаже времето, но наша одлука ќе биде дали ќе го чекаме пасивно тој исход.
Секоја криза имплицира промени кои следат. Некогаш многу штетни, некогаш прогресивни. Во овој момент не можам да се помирам со песимизмот и апатијата која е последица на разочараноста, иако апсолутно ги разбирам овие позиции. Токму затоа, одбирам во промените кои следат да се трудам да најдам потенцијал кој ќе значи процес на градење нов, подобар свет за сите живи суштества, а не одржување на сурови апарати и системи кои експлуатираат и уништуваат.
Во таа насока, исклучително е важно интелектуалците, активистите, научниците, експертите за климатски промени и сите други се` погласно и поревносно да зборуваат за промени кон пофер општества и светови. Да зборуваат, но и да ги замислуваат, разработуваат и споделуваат стратегиите и методите за постигнување на овие визии. Овие стратегии мора да ги вклучат работниците, прекаријатот, обичните луѓе, маргинализираните заедници и да промовираат и мотивираат кај нив барем замислување на промени кон подобро.
Се` поубедена сум дека сведочиме развој на класна свест, а тоа е исклучително важна промена. Веројатно многумина ќе забележат дека ова е само мое/наше илузорно сонување, па дури и да се во право, попрво одбирам да сонувам отколку да се предадам. Мотивацијата за борба за пофер распределба на моќта не е политичка наивност, туку енергија, потенцијал и влог во подобар свет.
Оттука, сега е време во кое песимизмот треба да го замениме со активно залагање за децентрализација и споделување на моќта на владеењето, наместо концентрација на истата меѓу финансиските и политички елити. Сега е време на замислување, но и инсистирање на нови модели на владеење кои подразбираат скромност и понизност, мотивација и желба за промени, визија и сон наместо градење на индивидуални кариери и бескрајно хранење на мегаломански амбиции. Ние имаме обврска, барем да се обидеме, да не дозволиме враќање на суровата „нормала“ туку колективно да градиме стратегии за реализирање на овие визии.
Секуловска: Дали младите генерации ќе го добијат своето право на глас- откако од нив беше побарано да се жртвуваат во име на постарите и поранливите категории- да се изолираат во име на единството, солидарноста и колективот.
Дали ќе добијат рамноправно место на одлучувачката маса, откако нивните барања и високи тонови никогаш не беа слушнати- за рамнотежа, праведност правичност во светот, за попуштање на стегите на суровиот нео-либерализам, за борбата со светските лидери против климатските промени
Цветковиќ: Нашето секојдневие ми покажува дека не се баш младите на удар во оваа криза. Искуството ми покажува исто така дека значителен дел од младите не се ревности застапници на концептите на праведност, правичност и рамнотежа. Деновиве доста емотивно размислувам на овие теми, особено заради колективното исклучување на „старите“ (како и да ги дефинираме овие групи) како група која вреди да се чуе и валоризира.
Токму старите се најмногу изложени на удар од вирусот. Нивниот влог е поголем и често значи губење на живот. Сепак, ретко кој ги прашува, консултира или зема предвид кога се носат мерки кои најмногу ги афектира токму нив. Наместо тоа, се одржува една нетрпеливост, дури и омраза кон постарите членови на нашето општество. Ејџизмот (дискриминацијата врз основа на возраст) е насочен кон младите- пушти ги дечишта не знаат што зборат, се фатиле со сериозни теми да се бават, ама и кон постарите- недисциплинирани се, шират вируси, шетаат, се пикаат по банки, се возат со автобуси (небаре правото на движење и користење на услуги да е загарантирано само за младите). Сепак, во екот на оваа криза најмногу на удар се старите.
Секој ден додека го шетам моето куче слушам како и на каков начин им се обраќаат луѓето на пензионерите. Некогаш директно, некогаш со гласна забелешка наменета токму да биде слушната од нив. Па така, она што беше реторика на навреди кон пензионерите откако добија олеснување да користат бесплатен јавен превоз, навреди кои преминаа и во чудење што бараат од дома да излезат овие луѓе, сега се дури и засилени. „Вампир, сега најде да шеташ?“, „Добро бе вас ви се умира ли што сте се рашетале вака?“, „Леле од овие старциве сите ќе испоцркаме“ се само неколку тиради на кои сум посведочила движејќи се 20 минути околу мојата зграда. Се` што човек може да понесе од овие исксутва е длабока болка и неизмерен страв да се остари во оваа земја.
Да се вклучат повозрасните во дебатите и процесите на креирање на мерките беше комплетно заборавено. Се` што видовме се индивидуални иницјативи на преземање на домашни обврски на пензионерите од страна на поединци, како на пример нудење на завршување на покупки и достава на храна до домовите на овие лица. Тоа не е доволно.
Пензионерите, старите лица, треба да ги третираме како корисни членови на нашето општество. Не да ја заменуваме нивната активност, туку да се бориме за простор и време во кое тие сами ќе ги исползуваат сопствените потреби. Наместо пасивни, да ги третираме како активни и важни субјекти на заедницата. Нивното искуство и влог треба да се почитува. Единствен начин да стигнеме до ова е промовирање на вредности како емпатија и солидарност низ клучните канали како медиуми, образование, култура, политика.
Секуловска: Стравувањата на научната мисла се фокусирани на креирање на авторитарни општества, зајакнување на национализмот, креирање на полициски држави кои не само што би ги следеле граѓаните, туку и би ги диктирале нивните животи, би биле нивни креатори
Цветковиќ: Можноста од креирање авторитарни општества е реална и постојано не` демне, овој пат од неверојатна близина. Балканот, особено Западниот Балкан како регион е под ризик. Земете го за пример Вучиќ и неговите прес-конференции. Не верувам дека постои човек кој е слободар кој нема да се наежи, застраши и сериозно вознемири од однесувањето на претседателот на Србија.
Факт е дека најголем дел од државите на Западел Балкан имаат најрестриктивни мерки во рамки на вонредната состојба споредено со другите Европски земји. Клучниот проблем е што овие мерки се делумно обмислени и аргументирани (мерки кои се насочени кон превенирање и санкционирање на ризично однесување), ама делумно се потпрени на политиканство, пропаганда и масовна хистерија (мерки кои овозможуваат претесен временски период за излегување од дома кои резултираат со гужви и неможност на одржување дистанца во маркет, банки и слично).
Сведоци сме дека токму овие вториве мерки беа многу гласно барани и поддржувани од самиот народ. Една од причините за ова е нашата традиционална вљубеност во автократија, лидери со цврста рака, некритичко прифаќање на забрани и казни. Властите во понапредните општества, односно полибералните држави, не ни помислуваат на вакви мерки бидејќи тие никако не би поминале без посветена дебата и критичко разгледување од страна на експертите.
Во држави како нашите, послушноста и потчинетоста кон посилните и помоќните е доминантна позиција, а често се оправдува со комплетно погрешна идеја за балканците како бунтовен народ, народ кој не може да се скроти. Честата изложеност на репресивни мерки направило од нас да бидеме навикнати на истите и да ги прифаќаме без критички да ги преиспитаме. Токму овие генерализирачки карактеристики на народите во регионот (често опишани како балкански менталитет) се важни да се менуваат во насока на развивање и поттик на критичко мислење кај младите. Тука е особено важно образованието.
Кризата покажа дека двата клучни столба на државата- здравството и образованието- се комплетно запуштени и руинирани. Не мал дел од смртните случаи од Ковид-19 се всушност резултат на лекарска негрижа, непримање на пациент во болница и слично.
Понатаму, најистрошените здравствени работници се оние со најмали плати и најлоши услови за работа. Недостатокот од лекари и медицински персонал кој се должи на миграцијата на овие стручни лица во други земји е уште еден пример за државната негрижа за здравството. Образовниот процес, во овие услови, едвај се одвива без каква било осмислена стратегија од страна на Министерството за образование. Секојдневно слушаме апели од родители за наоѓање начин за суштинско и квалитетно продолжување на образовен процес кое никако не подразбира испраќање скриншотови од изготвени домашни задачи на вибер.
Држава со распаднат здравствен систем и катастрофално образование претставува совршен простор за раѓање на авторитарни полициски системи.
Секуловска: Сметате ли дека слободата на изразување, слободата на медиумите ќе биде под закана по зајакнувањето на државниот и полицискиот апарат, кој во желба, односно под превез да ги заштити граѓаните, ќе ја засили контролата и притисоците врз слободната мисла
Цветковиќ: Медиумите имаат многу важна улога во контексти како овој. Под закрилата на аргументот „за ваше здравје“ можат да се кријат исклучително опасни тенденции. Засега, барем кај нас, медиумите успеваат да ја одржат својата независност и тоа треба да продолжи. Би сакала да споделам и една забелешка, односно критика кон медиумите.
На почетокот на кризата медиумите, особено мејнстрим медиумите, ретко се појавуваа во улога на информатори на јавноста и промотори на критичко преиспитување на одлуките на властите. Напротив, гледавме една дури романтична врска меѓу медиумите и власта. Па така, во одредени случаи наместо новинарски некои медиумски работници почнаа да се однесуваат како полицајци (бркајќи и снимајќи луѓе на улици, пензионери во паркови) или како лекари (пренесувајќи стручни медицински студии без комплетно да се разберат, преземајќи медицински термини како „суспектни“ “експоненционален раст“ наместо доближување на овие информации до општата јавност која не ги владее стручните термини).
Ова е важно да се потенцира бидејќи основната функција на медиумите не е да бидат преносители на ставови меѓу елитите (партиски, финансиски, фармацевтски, здравствени итн), туку да ја информираат јавноста, критичари и набљудувачи на политичарите и креирачи и поддржувачи на демократските процеси во општеството.
Секуловска: Како ќе се одрази притисокот кон социјалните медиуми- во контекст на креирањето лажни вести, пропагандистичките тенденции особено оние кои доаѓаат од Русија, но и од останатите диктаторски бастиони
Цветковиќ: Борбата со лажни вести е голем светски предизвик, а во случаи на пандемија ова лажно информирање може да значи и губење на животи. Мој впечаток е борбата со лажни вести, барем за пандемијата, полека се извојува на страна на совесните медиуми, веројатно по цена на секојдневни (по неколку пати на ден) официјални прес конференции од стручните лица.
Голема придобивка е вклучувањето на медиумската писменост во образовниот процес. Борбата со лажни вести ќе продолжи, ама најсигурен начин за победа е креирање на медиумски писмени генерации кои имаат развиен критички мисловен апарат кај кои овие опасни тенденции нема лесно да поминуваат.