Серијал- интервјуа на НОВА со водечките македонски интелектуалци за тоа каков свет, но и каква држава- не очекува по кризата со Корона вирусот: Славчо Димитров, асистент- Факултет за правни и политички науки- ФОН Универзитет и квир активист- говори за неопходноста од аплицирање на радикално демократските и социјалистички вредности, за да може да преживее светот, еднакво како и Македонија.
Секуловска: Светската научна мисла е согласна во едно- дека промените во светот се неминовни, по кризата со Корона вирусот. Акцентот е на сериозно ужасните прогнози за економски колапс, дури и на економски најмоќните и најздравите држави, доколку продолжи оваа здравствена и финансиска агонија.
Овој економски дебакл кој се очекува ќе повлече во вид на домино ефект и многу други тешки последици- социјални прегрупирања, зголемување на јазот- класниот пред се, загрижувачки психолошки ефекти како резултат на изолацијата, но процесите на финансиско стрмоглавување.
Кои се вашите предикции за економските и социјалните промени?
Димитров: Несомнено е дека економските последици и сите проследени импликации врз мноштво други домени и сфери на човековото живеење ќе бидат огромни и тешки. Истите веќе се чувствуваат, особено ги чувствуваат работниците, глобалниот прекаријат, или когнитаријатот (како што го нарекува Франко Бифо Берарди) и најранливите категории луѓе.
Во САД веќе се бројат во милиони бројот на луѓе кои се афектирани, кои се оставени без никаква здравствена и социјална заштита поради тоа што ги губат работните места.
Во Македонија исто така. Флексибилната, подвижна, адаптибилна, самоинвестирачка работна сила на неолибералниот капитализам најдиректно ги почувствува последиците на длабоката криза во која влегува економскиот систем. Таканаречените freelancer-и во доменот на културата и уметноста, хонорарните работници без никаква заштита и загарантирана иднина, оние граѓани со повремена работа итн.
Секој ден слушаме за огромниот број на работници кои се отпуштени од работа, и тоа од истите оние капиталистички профитери сопственици кои држат ланец од продавници, кафулиња, ресторани, и кои профитот не се срамат да го искористуваат за реновирање, наместо за обезбедување на заштита на нивните вработени.
И овде државата потклекна. Иако Владата донесе сет добри мерки, сепак остана да биде слугинка на интересите на големиот капитал и банките. Социјал-демократите повторно ги изневерија најранливите, а тоа се мнозинството граѓани, и не најдоа храброст за политички одлуки кои ќе се движат во насока на вистински социјални политики, како ургентно воведување на прогресивниот данок и зголемување, драстично барем во моментов, на данокот на високо-профитните фирми и на банките (чиишто профити на годишно ниво се над 100 милиони евра!!!), забрана за отпуштање на работници, воведување на универзален основен приход за секој граѓанин (мерка кон која моментално притежнува Шпанија на пример, а која е дел од социјалистичките современи борби веќе подолго време) итн.
Меѓутоа, она што мислам дека е исклучително важно е да ги поставиме прашањата во поинакви термини, односно наместо фокусот да го ставаме на тоа како да го регенерираме системот којшто сега се покажува како целосно неспособен да се сноси со оваа криза и да им пружи заштита на работниците, односно наместо да наоѓаме начини како да го извадиме капитализмот од кризата и неговите иманентни граници и контрадикции со кои сега се соочува, прашањата кои заслужуваат дебата и одговор се однесуваат на тоа како колективно да се заложиме за целосна реконструкција на неолибералниот капитализам и замена на истиот.
Неолибералната држава која од 70-те и 80-те години на минатиот век се потчини на потребите на неолибералниот и финансиски капитал, приватизирајќи и разорувајќи ги сите инфраструктури на социјална грижа, јавни добра и заедничките ресурси, денес се соочува со сопствениот суицид, и нужноста од радикално преструктурирање со кое овие аспекти ќе бидат ставено во центарот на вниманието и грижата.
Идеолошките фантазми на неолибералната конструкција на субјектот како флексибилен, пластичен, адаптибилен, компетитивен, инвестиционен човечки капитал по моделот на претприемачот – денес се соочува со сопствената бездна, видлива повеќе од кога и да е преку непрекинатото барање на материјални социјални контакти, поддршка, грижа, солидарност, и нужната и конститутивна меѓузависност, нашата човечка ранливост, и релационоста како услов за индивидуалноста.
Бесконечното репродуцирање, пречекорување на сите граници, мултипликација на вишокот вредност, профитот, капиталот и таложењето на апстрактна вредност, сега се соочуваат со нужното враќање на употребната вредност и нејзината нужност за материјалното социјално егзистирање, задоволување на историски различните човекови потреби.
Прекумерната комуникација, дигитализацијата на афективните, когнитивните, социјалните и телесните моќи на луѓето во име на продукцијата на вредност за капиталот, сега се соочуваат со шокот на телесноста која избива од колективното несвесно на површина, како ранливост, како потреба од допир, од прегратка, од размена, комуникација, поддршка, пријателство итн.
Патогената поделба помеѓу когнитивните функции и материјалната социјалност на когнитивниот, афективниот семиокапитализам што како ефект ја има/ше продукцијата на изолирачките негативни емоции и психолошки состојби на депресија, анксиозност, паника, истоштеност итн., денес не соочува со нужноста од колективно присвојување на заедничкото производство на знаење, социјалност и задоволства, и нужен прекин со преплавеноста на приватниот простор со 24-часовните барања за когнитивна и афективна работа.
Комодификацијата на сите културни добра и ресурси на знаење, гледаме дека може и треба да бидат јавно достапни за сите (отворени пристапи до ресурси и научни списанија, филхармониите и театрите споделуваат бесплатно онлајн претстави, издавачите ги прават бесплатно достапни своите книги итн.).
Меѓународната соработка и интернационалните организации и унии кои беа функционални во интерес на циркулацијата на капиталот, денес се соочуваат со суштинските аспекти на интернационалната солидарност. Да не продолжувам да редам примери и аспекти, едноставно нужно е отфрлање и реконструкција на политичко-економскиот и социјален систем во кој живееме, не негово повампирување, спас или зомбификација.
Секуловска: Историски гледано, никогаш не е анулирана политичката и економска жед за моќ, доминација и алчност- супремација на моќните над послабите и покревките- во кој правец сега ќе се движат овие тенденции, кој сега ќе ја добие, ќе ја извојува моќта
Димитров:Ова е прашање за чијшто одговор, и претпоставки за можните идни исходи, не смееме никако да се повинеме на пасивното предавање на разрешувањето на постојната контрадикција на системот и неговата криза од страна на големите политички играчи, сили или текови на историјата кои имаат телеолошки фантазми во основата.
Односно, мора веднаш да прекинеме со инвестиција во прекумерната моќ на државата, на капиталот, на геополитичките игри, и да согледаме дека сите овие политички институции денес, наместо да ја потврдуваат својата апсолутна моќ и способност за менаџирање и управување (како во репетитивните интерпретации за биополитчките игри на суверенот-суверенитетот-државата-капиталот, вонредната состојба, полициска држава, тоталитарни тенденции итн.), всушност се соочуваат со длабока криза, експериментирање и панично испробување на различни стратегии за потврдување на сопствениот авторитет и легитимност. И оваа нивна несигурност треба да биде искористена.
Од друга страна, не смееме да потклекнеме нити пред искушенијата на некаква вулгарна марксистичка големоисториска нарација дека изразените контрадикции на капитализмот, видливи сега како ретко кога, нужно и неизбежно ќе доведат до него внатрешно само-уништување.
Не, распределбата на моќта во периодот кој ни престои ќе зависи од комплексните, многустрани хегемониски борби кои мора сега да се водат, а во кои ја имаме можноста колективно да ја искористиме оваа ситуација на разбивање на илузиите за нормалниот добар капитализам и либерализмот, да го скршиме инвестирањето во суровиот оптимизам за стариот добар живот и враќање на нештата во нормала, да ја пренасочиме оваа афективна, интерпретативна и егзистенцијална дезориентација кога се паднати хабитуираните параметри на живеење и организирање на политичкиот живот, и да бараме и создаваме нови форми на самоорганизација, партиципација во јавниот живот и продукција на знаење, креирање на одржливи мрежи на поддршка и социјални инфраструктури на еднаква грижа и економска дистрибуција, нови етички вредности, и преосмислување на тоа што значи да се живее заеднички.
Од тоа колку ќе покажеме капацитет, решителност, знаење, и способност за колективно организирање ќе зависи и исходот на ситуацијата, и дали ќе се спасат, и ќе успеат да излезат како победници малиот процент на финансиски и политички моќници.
Секуловска: Дали младите генерации ќе го добијат своето право на глас- откако од нив беше побарано да се жртвуваат во име на постарите и поранливите категории- да се изолираат во име на единството, солидарноста и колективот.
Дали ќе добијат рамноправно место на одлучувачката маса, откако нивните барања и високи тонови никогаш не беа слушнати- за рамнотежа, праведност правичност во светот, за попуштање на стегите на суровиот нео-либерализам, за борбата со светските лидери против климатските промени
Димитров: Воопшто не се сложувам со реториката за некакво си претпоставено жртвување на младите и врз основа на тоа, потребата од возвраќање и оддолжување за таа нивна жртва. Ваквата реторика ја засилува претпоставката дека младите (што и да значи веќе тоа) стојат во некаков заштитен балон над оваа ситуација на радикална ранливост, кога знаеме многу добро дека нивните тела се вектори на пренос, кои се афектирани и афектираат други тела, како и дека помеѓу младите има исто така многу луѓе кои страдаат од хронични болести, кои се секојдневно изложени на стрес, и следствено на компромитиран имунолошки систем.
Дополнително, имплицира ризична претпоставка дека грижата, одговорност, и жртвата за другите со кои живееме и од кои зависиме е прашање на еднократен настан кој кога ќе помине ќе дојде време за наплата на долгот. Како и дека така лесно може да заборавиме дека, не само што постарите лица во оваа земја освен како предмет на гласачко манипулирање се целосно запоставени од системот на грижа и социјалниот живот, туку и, благодарение на постарите лица имаме инфраструктура, институции, држава, права и демократски слободи за кои се бореле и кои ги граделе, и дека токму постарите се оние кои се жртвуваат цел живот на работната експлоатација за да ни обезбедат леб, храна, образование, здравје, и колку толку безбеден живот и заштита.
Младите како и постарите граѓани се еднакво изложени и еднакво одговорни во овој момент. Сите сме подеднакво меѓузависни, ранливи и социјални суштества, а како резултат на таа релационост и сингуларни, уникатни индивидуи, и сите сме должни и одговорни постојано и секогаш кон другите, и знајните и незнајните други.
Ваквото поинакво разбирање на што е тоа заедница и што значи битствувањето заедно, како и увидот во глобалната и еко-меѓузависност, треба да биде само поттик за младите и сите граѓани, да се мобилизираат и активираат како одговорни политички граѓани, и да бараат, без разлика на се, да бидат директно креатори на сопствената иднина и условите на живот.
Особено значајно, во овој контекст е, младите како најнепосредно вклучени во образовниот процес да ја искористат оваа можност за да укажат на потребата од универзално, достапно и бесплатно образование на сите, за прекин на подредувањето на науката, образованието и истражувањата на интересите на капиталот и профитот, за поопштествување на образованието наместо негова комодификација, и да се борат за враќање на достоинството на научната работа и нужноста од големи државни инвестиции и поддршка на образованието, истражувањата и научните иновации со социјален и етички знак.
Секуловска: Стравувањата на научната мисла се фокусирани на креирање на авторитарни општества, зајакнување на национализмот, креирање на полициски држави кои не само што би ги следеле граѓаните, туку и би ги диктирале нивните животи, би биле нивни креатори
Димитров: Ова стравување е сосема оправдано особено ако видиме што се случува сега во светот. Трамп веќе во своите јавни изјави почна да поставува резови во доменот на човечкото и еднаквоста на животите, со тоа што покажа спремност да се жртвуваат „помалку вредните„ и недоволно човечките животи, “резервната армија на капиталот„ во оваа кризна ситуација, и да се посветат ресурсите за спас само на политички дефинираните животи вредни за живеење.
Кина која воскликнува со успехот на својот колективизам и комунизам (под голем знак прашалник) исто така ја искористува ситуацијата на релативен успех во справување со вирусот за потврдување и оправдување на сопствениот режим како единствено оддржлив, без разлика што истиот се потпира исто така и на длабоко авторитарни и опресивни политички инструменти, како и со ултралиберални капиталистички поставки на приватната сопственост.
Орбан ден после прогласувањето на вонредната состојба и мегаломанското зголемување на ексклузивитетот на неговата суверена моќ, се зафати со укинувања на и онака кревките права на трансродовите лица, кои се реетаблираат како имагинарни непријатели на хетеро-нацијата.
И генерално, воведувањето на опасниот институт на вонредна состојба и полициски час, зголемениот надзор врз приватноста и ограничувањата на слободите, колку и да е привремено, ги отвара вратите за сеништето на авторитаризмот и тоталитаризмот.
Но, она што посебно загрижува во овој момент е разоткривањето на авторитарните личности и фашистичката желба кај голем број граѓани, независно од акциите на државата. Повикот и желбата за повеќе контрола, дисциплина и цврста челична рака. Спремноста без трошка двоумење да се фрли хоризонтот на сопствената слобода и колективниот капацитет за самоорганизирање и проактивно и одговорно делување, спремноста да се идентификува човековата слобода со голото биолошко преживување (Арент се превртува во гроб!) и со параноидното зачувување на сопствениот живот без трошка грижа и емпатија кон другите. Како божем слободата да е подредена на таквите фантазматски индивидуалистички проекции за лична волја и автохтоност, наместо на непредвидливите можности за дејствување, постанување и трансформација во свет кој не го бираме, во свет со другите (и луѓе, и животни, и технологии, и целиот екосистем) и единствено со и преку другите (па и кога тоа е наспроти другите).
Дополнително, опасноста за поздравување на авторитарниот популизам или тоталитарните произлегува и од оваа изолација, чувство на беспомошност, неизвесни хоризонти за иднината, социјално соголување и ризик, економска несигурност. Како што знаете, Арент тука ги препозна основите и движечката сила на тоталитаризмот, односно во изолираните луѓе без свет со другите, без моќ за заедничко дејствување и говорен и мисловен сообраќај, заѕидани во осаменост.
Токму затоа, мораме сите да работиме на тоа во истата оваа изолација и закана за менталното и емоционално здравје да ги препознаеме, нагласиме и направиме видливи токму аспектите на социјалноста и конститутивната релационост која сега ни е потребна повеќе од кога и да било, и наместо наша инфантализација и потреба од тешката патерналистичка „заштита и сигурност„, наместо истата да ја подредиме на апстракциите на државата, суверенот, капиталот, посесивниот индивидуализам, да ја трансформираме и мобилизираме како оружје на борба и создавање светови.
Секуловска: Во вакви кризи кои доведуваат до тектонски промени, светот сепак се свртува кон единствениот излез- авторитетот на научната мисла, на едуцираните, експертите- на интелигенцијата, наспроти претходните, сега веќе заборавени авторитети- црквата, како дотогашен, или довчерашен политички и црковен авторитет и патрон на масите. Дали сметате дека овој тренд ќе продолжи и по ставање крај на оваа криза?
Димитров:Овој тренд мора да продолжи, во спротивно сме осудени на неизбежна пропаст. Но, да бидеме внимателни, гледате како Трамп, па и во Германија, постои тенденција за апропријација и патентирање на научните иновации, односно пронаоѓањето на лек и вакцина, или тенденција овие научни откритија да се заробат во националните граници, и да се искористат за профит и национален ексклузивитет и престиж. И како второ, важно е во времето кое доаѓа да развиеме поинакви епистемологии и методи на научна работа, а кои ќе бидат отворени и приемчиви за хоризонтално продуцирање на знаења, и сензитивни за локалните и граѓански организирани форми на знаења.
Секуловска: Сметате ли дека слободата на изразување, слободата на медиумите ќе биде под закана по зајакнувањето на државниот и полицискиот апарат, кој во желба, односно под превез да ги заштити граѓаните, ќе ја засили контролата и притисоците врз слободната мисла–
Димитров:Не можам да предвидам вакви сценарија, нити пак мислам дека вакви дистопични резултати се оддржливи. Единствено, како што веќе кажав, тоа ќе зависи од спремноста и одлучноста на професионалците и на граѓаните да ги бранат основните демократски вредности.
Она што мислам дека е важно да се нагласи е дека овие мрачни времиња се времиња во кои одговорноста на новинарите е поголема од кога и да било. Одговорноста да известуваат во интерес на граѓаните, професионално, со точно утврдени и проверени информации, критички, и без вообичаените тенденции за сензационализам, шпекулација, производство на морални паники и означувачки спирали на хистерија.
Секуловска: Како ќе се одрази притисокот кон социјалните медиуми- во контекст на креирањето лажни вести, пропагандистичките тенденции особено оние кои доаѓаат од Русија, но и од останатите диктаторски бастиони
Димитров:Неконтролираното ширење на паниката помеѓу јавноста, некритичката апсорпција на информации од најразлични извори, од кои голем дел се лажни вести кои целат кон евтина политичка манипулација и профитирање, а како резултат на долгогодишно креираниот „авторитет„ на интернетот, и несериозниот пристап кон медиумската не/писменост, денес ја отвора можноста конечно да се соочиме сериозно со потребата за развивање на критичка педагогија и едукација.
Односно, ургентно образование на младите и на сите граѓани кои ќе ги опреми со алатки за критичко читање, проверка на информации, и поставување на релевантни прашања во соочувањето со неконтролираниот и обемен тек на информации на новите и социјалните медиуми. Тоа е задача која не можеме да и ја препуштиме на државата и правото единствено, туку задача и одговорност на сите нас заедно, особено на образовните институции и професионалните медиуми и медиумски работници.