НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Интервју со Златко Теодосиевски: Короната ни покажа на какви македонски филмови се фрлале пари

0
By Биљана Секуловска on May 12, 2020 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Серијал интервјуа на НОВА со културните работници во време на Корона кризата: Златко Теодосиевски, историчар на уметност и критичар- “Пандемијата, барем во овој стадиум, веќе утре ќе заврши (иако и тоа е веќе неизвесно, видете што се случуваше во Струга!), ама мртвилото ќе остане зашто тоа не е предизвикано од короната, туку од нашата неспособност, незнаење и несакање”.

 

Секуловска: Уметноста и културата се прогласени за мртви во кризата со Корона вирусот. Сега мртвилото надвладеа токму онаму- кадешто претходно изгледаше невозможно- мислевме дека е надвор од умот да се живее без уметноста, без културата

Теодосиевски: Добро, за среќа никој – барем засега – формално не ги прогласил за мртви уметноста и културата иако, несомнено, тие се во, да речеме, хибернирана состојбата. Но, ако повеќе се приклонуваме кон метафората, и песимизмот, некој би можел да каже дека кај нас уметноста и културата се малку поодамна „мртви“, или невидливи, или пак – повторно – хибернирани во некаква временска капсула, зашто сето она што го гледа(в)ме кај нас повеќе години наназад, одвај и да заличуваше на тие (сепак) возбудливи, а често и величенствени поими!

А инаку, гледате и самите дека човекот (особено овде на Балканот) е такво животинче: на се’ свикнува, без се’ (што е духовно) може, повеќе му пречи што не работат кафеаните и кафулињата – ми пречи делумно и мене, се разбира – ама помалку или воопшто не му пречи што нема култура. Сте слушнале некој да ја спомне, еве – освен вас? Владата, можеби, Министерството за култура… anybody? Дури и она малку што некои се обидоа да изменаџираат (Градот Скопје, на пример), на другите им засмета и го крстија „Карикатура култура“!

Се разбира, тешко е да им удоволиш на сите, особено на такви пробирливи „салонско-социјалистички“ културњаци, некои дури и вчера испилени, кои културата и уметноста ги гледаат само како некаква (квази)елитна духовност. Иако истите тие персони, де факто, се приземни „до зла бога“, духовно сиромашни, но материјално можеби богати, па тоа им дава чувство на надменост.

Но, што е добро за нас и за културата во ова време? На пример тоа што на телевизиите можете да ги видите речиси сите македонски филмови снимени последнава деценија! И да видите за што се’ сме давале пари – наши пари, секој од нас, откинати од домашниот буџет. Поголем резил одамна не сме гледале.

Од друга страна, иако практично живеам во и со културата повеќе од половина век, еве мене ништо не ми недостасува – мислам од културата – во ова (не)време. Зашто не можам да се сетам кога последен пат сум видел квалитетна изложба (поточно, на тоа се сеќавам: Велимир Жерновски во МСУ, ама и тоа е една во цела деценија), кога некој ми препорачал дека има претстава што мора да се види, концерт што мора да слушне… Кај нас државата живее за и со „Песна на Евровизија“, тоа можеби им недостасува?! А баш сега требаше да биде.

Затоа, ваквите времиња понекогаш очигледно имаат и добри страни. А сепак, книгите се добра замена за многу нешта, меѓу нив и македонските, интернетот е „прозорецот кон светот“, и тоа е тоа!

Секуловска: Каде го гледате излезот, што веднаш треба да се стори за да ги избавиме и нив, уметноста и културата, и воедно самите себе?

Теодосиевски: Морам да продолжам со песимизмот: не гледам сериозни назнаки за излез од мртвилото. Да бидам појасен: пандемијата, барем во овој стадиум, веќе утре ќе заврши (иако и тоа е веќе неизвесно, видете што се случуваше во Струга!), ама мртвилото ќе остане зашто тоа не е предизвикано од короната, туку од нашата неспособност, незнаење и несакање.  Тоа се трите фамозни „не“ – иако ги има многу повеќе, ама овие се клучни – што со децении не’ прогонуваат, не само во културата.

А сепак, пред три години мислевме дека дојде крајот на таа состојба, дека излезот е конечно отворен, дека повторно ќе станеме дел од светот, атмосферата (и) во културата беше високоелектризирана, ама видовте – и тоа отиде по ѓаволите. И никого не го „боли глава“, освен изгледа вас, кога поставувате вакви прашања! Или, погледнете колку институции кај нас испланираа некакви програми за ова и вакво време? Можете на прсти да ги изброите. И тоа речиси сите во Скопје! Или, погледнете ги македонските медиуми и како културата таму (не) се третира!

Ама, едновремено, во општото мртвило добро е што можевме да видиме и дека некои национални институции дури не си ја ни знаат основната дејност. Сакате пример? Еве: Националната галерија на Македонија – најстара уметничка институција кај нас – во ова и вакво време објави „конкурс“ за детски ликовни творби во време на короната! Е па што е, се прашувам, таа институција, која е нејзината основна дејност? Детска градинка, детски културен центар? И што се тие „стручни“ луѓе таму – воспитувачи во детска градинка? И ова не е само од вчера, ова трае со години: тие едноставно не знаат за што е основана институцијата, не знаат што да прават со себе и сопственото незнаење и неспособност!

Оттука, одговорот, повторно би бил: не можеме ние сега, преку ноќ, да избавиме некого од неговото незнаење, неспособност и несакање да работи. Тоа е сепак долгорочна макотрпна работа и цел. Но, од друга страна, тие долгорочни цели низ формата на важни државни документи беа структурирани и поставени пред само три години. Ама – исто како и да не беа. Останаа мртво слово на хартија и никому не му е грижа за тоа.

Трите „не“ се покажуваат посилни и од државни стратегии и програми! Но, ако државата сака да биде и умна па оваа состојба да ја согледа и како тест за способноста и инвентивноста на институциите, ете и’ можност: нека ги разреши сите тие неспособни и случајни луѓе во културата кои самата ги поставила и веќе ќе направи голем чекор напред!

Ако пак говориме за цивилизираниот свет, таму културата и уметноста се ставени во „активно“ online мирување (има и кај нас слични спорадични убави примери!), државите издвојуваат големи средства за надоместување на загубеното – да не заборавиме, во Европа и светот културата е и сериозен економски фактор –институциите се подготвуваат за големиот come back.

Па, ако не повеќе, ќе ѕиркаме како и досега, од страна, и ќе се восхитуваме на туѓите достигнувања. Иако и таквите кои тоа го прават кај нас ги има од ден во ден се’ помалку. Станавме себедоволни, херметизирани во нашето глуво доба, слепи и глуви за вистинските вредности.

Секуловска: Како го гледате во иднина пазарот на културата и уметноста- дали ќе бидат неопходни реформи и целосно реструктурирање- каде акцентот ќе биде ставенна иновативност и експерименталност?

Дали ќе надвладее ваквиот тип на култура, наспроти индустријата на онлајн забава (не секогаш во вулгарна смисла е оваа забава)- кадешто предничи филмската индустрија

Теодосиевски: Ако говориме за состојбите кај нас, јас не можам да видам таква пазарна иднина за културата и уметноста. Прво, немаме пазар, односно тоа што го имаме е квазипазар, тарапана,„Бит пазар“ во културата и уметноста на којшто, како и на вистинскиот Бит пазар, владеат накупци и прекупци, многу малку оригинален квалитет, уште помалку широка понуда. Но, за разлика од вистинскиот Бит пазар, на овој нема ни побарувачка!

И тоа е нашата дополнителна трагедија: културата и уметноста не му требаат никому, или им требаат на сосема ограничен број на луѓе, а тие не се доволен „пазар“ за нивно преживување. Згора на тоа, и институциите се (со мила или сила) осиромашени, одвај преживуваат, музеите веќе со децении не откупуваат дела… Но затоа, до вчера – а таа тенденција продолжува и денес – секоја шушумига со наши пари снима видео спот или двд со некаква „музика“, полуписмени „автори“ секоја година издаваат по една книга, снимаме филмови небаре сме филијала на Холивуд, или Боливуд… е само тоа цути во македонската „култура“, каде вистинските вредности се потиснати од лични и групни етно-партиски интереси за коишто секогаш има(ло) пари.

Или, ако сакате, а бидејќи веќе го спомнав филмот: која е логиката секоја година, и буквално секоја година, на исти луѓе, независно од претходните (катастрофални) резултати, да им давате огромни државни пари за овие повторно да ги исполнуваат своите хирови и да ги фрлат во ветар? Зашто, ако критиката, домашна и странска, катагодишно се изјаснува негативно за нивните „резултати“, ако филмските фестивали – говорам за оние реномираните – редовно ги игнорираат или ги сместуваат во секакви маргинални „програми“ (што пак некои наши „стручњаци“ тоа го поздравуваат како успех!), тогаш кое е државното оправдување за таква безочна манипулација со културниот буџет?

Или, ако денес, односно вчера, за наш претставник на Меѓународното уметничко биенале во Венеција се јавува, и добива!, „проект“ каде некаков асистент куратор е пратеник во Собранието на РСМ, којшто нема три благе везе со ликовната уметност, тогаш за што зборуваме, за каква култура, за какви состојби, за какви потенцијални пазари… ?

И повторно: пред три години беше направен сериозен напор да се согледаат состојбите и да се понудат реформски излезни решенија, и тоа се стави на хартија во формата на Национална стратегија за развој на културата, ама некои други интереси, главно од типот на оние погоре спомнатите, превладаа и се’ падна во вода. А „се удави“, или го удавија, и новиот (готов) закон за остварување на јавниот интерес во културата, заради истите (погоре спомнати) причини.

Секуловска: Што е уметникот денес? 

Теодосиевски: Уметникот денес, во светот, е еден од централните столбови на секоја културна акција, на културните политики во развиените држави, но е’ и голем, пресуден фактор во сите интернационални културни релации. Кога ќе видите како се дочекувани и какви услови им се нудат на сериозните, на големите светски уметници, но и што тие за возврат реализираат, каква уметност односно продукција му даваат на светот, гледате колку улогата на уметникот е променета во последните сто години.

Поточно, Леонардо, Микеланѓело, Рафаел… во нивното време биле само наемни „работници“, најмувани додуша од цареви/кралеви, но сепак само низ формата на „наемници“… Вермер за целиот живот насликал околу шеесетина дела и иако пристојно живеел (заради богатата сопруга) одвај го знаеле и во Холандија… Ван Гог бил жив грев, повеќе гладен отколку сит (ама сега има „свој“ музеј во Амстердам!), па и Полок „заминал“ некако неразбран, итн. Тие создале величенствени ремек дела, тоа е неспорно, но „статусот“ им бил не многу повисок од оној на обични занаетчии.

Ама затоа, денес, еден Демијан Хрст, Аниш Капур, Рихтер, Базелиц или дури Марина Абрамовиќ, големите диригенти или режисери (еве Тарантино, на пример, но и многу други), писатели и музичари… создадоа империи – и материјални и духовни – а светот секојдневно им се поклонува на нивните дела. Крајот на минатиот и почетокот на овој век неспорно е време на Уметноста и уметниците, на вистински големите уметници. Еден Аи Веивеи беше пречекан во Германија скоро како цар, со понуди од соништата… Денес врвните уметници се богатството на светот, тие се национални херои не само во матичните држави (со мали исклучоци!) туку и глобално.

Кај нас? Ние дури и не знаеме што е тоа уметник! Се’ уште важечкиот Закон за култура вели дека сите сме уметници. Е па затоа и сме на ова дереџе!

Но и буквално, овде секој може да се самопрогласи за уметник, за што му треба само партиска „верификација“ или препорака од некој интересна група. Затоа, впрочем, кај нас „уметниците“ повеќе време поминуваат пред и во одредени министерски кабинети каде се делат пари, бенефиции и „слава“ отколку на нивните работни места – во Уметноста. И сето тоа понатаму се шири како метастаза во општеството коешто создава соодветна „клима“ за своите „уметници“. Затоа ја укинаа и критиката, затоа и секоја партиска будала може да биде директор во културата, затоа и секој е – „уметник“! И тоа богами трае, еве добри 20 години.

Секуловска: Колку може оваа криза да го уништи уметникот?Колку може сепак и тој да ја уништи неа?

Теодосиевски: Уметноста е по дефиниција неуништлива, па следствено и уметникот би требал да биде неуништлив. (Ама не е, тоа се обично лесно „кршливи“ природи, затоа и успеваме да ги „скршиме“!). Уметноста се прилагодува на сите услови, исто и уметникот. Во оваа криза уметноста, на светско ниво, никако не престанува – таа само се модифицира односно нејзината пројавност/видливост е одложена за подобри времиња. А тие ќе дојдат, многу бргу, и ние ќе сведочиме што неуништливиот уметник создал во ова кризно време.

Ама јас/вие повторно говориме во некои пошироки релации/рамки, заборавајќи дека ние овде живееме во други услови, често и како нагледни зајачиња за многу ситуации, па и за (не)уништливоста на уметноста/уметникот. Ете, ние успеваме и во тоа во што светот не успевал ниту во многу полоши времиња од оваа пандемиска криза. Ако во една Германија во времето на нацизмот сепак се создавала уметност, па и во другите европски држави коишто биле газени од окупаторската чизма, значи дека Уметноста секогаш наоѓала начин да преживее. Следствено и уметникот кој, во крајна инстанца, ги напуштал неповолните услови и одел во други земји – во Америка, на пример – се’ со цел да ја продолжи својата мисија во светот.

Спомнатиот Аи Веивеи е таков денешен пример, а и во некогашна Југославија имаше едно чудо слични примери („Задарската група“, Величковиќ, Поповиќ, Дадо Ѓуриќ, Омчикус, Киш, Александар Петровиќ и др.), па дури и Македонија имала слични примери кога уметници ја напуштале земјата – дури и по 1992 година – бидејќи овде не гледале перспективи за нивната работа. Иако ние не сакаме да говориме за нив, тие примери сепак постојат и не се баш на прсти да ги наброиш. Проблем е што оние кои останаа можете на прсти да ги наброите, оние навистина посветените, сериозните уметници кои морат да молат за државна поддршка. Другите – не мораат!

Но, оваа криза трае само два месеци, и можеби уште два идни, ама ние во Македонија говориме за криза во уметноста – еве нема да речам уништена уметност – во последниве дваесет години. Или, ако сакате, што беше „Скопје 2014“, аке не една таква уништувачка пандемија на кичот во Македонија? И? Паметите некој уметник да проговори јавно за тоа? Не, сите повторно се редеа пред надлежните кабинети, чекаа прием и молеа за пари, некои добиваа, некои не… Оттука, кај нас е се’ релативно, но: кризата не може да уништи нешто што го нема!

Секуловска: Дали после оваа криза ќе заврши ерата на културата на тривијалност, вулгарност, евтиност, културата на шундот и кичот, онаа селебрити култура, онаа култура на холивудски бесмислени спектакли и риалити шоуа?

Или пак можеби оваа примитивна култура ќе се зацврсти на тронот, како неизбежен и единствен излез од суровата реалност со која сме опкружени- на болестите, смртта и безизлезноста?

Теодосиевски:Јас не сум пророк ниту пак имам амбиции да бидам, ама таквите „ери“ не завршуваат самите од/по себе. Повторно говорам за состојбите кај нас, зашто има и во светот голема тривијалност, евтина култура и кич, ама тие не се доминантни како овде. Кај нас – се’, и тоа нема, не може да заврши, да ги снема како „однесено од виорот“. Тоа беше донесено од виорот, од виорот на оние три „не“ и на крилјата на авторитарниот бивш режим (иако го имавме и порано, во помали дози), но потоа остана тука, се одомаќини, дури оние од злосторничконо здружение го издигнаа на ниво на државна програма. Ама, нив повеќе ги нема, но – што се промени? Ништо, и буквално – ништо! Звучи пресилно? Да, е’ пресилно, ама реалноста надвор е уште посилна од пресилното!

Затоа, не очекувам, невозможно е кичот, шундот, тривијалноста самите по себе да си заминат. Такво нешто во светот не се случило! Ако кај нас се’ уште стои она „Скопје 2014“ во сиот свој кичест сјај, тогаш за што говориме? Затоа и велам: како тоа да стана државна програма во културата, втор дел!

Едноставно е: не можете граѓаните, особено младите, да ги учите да живеат среде ваков кич и шунд и кај нив (ин)директно да развивате став дека (и) тоа е уметност, а од друга страна да глумите дека се борите против тој ист кич и шунд. Тоа се неспоиви работи! Еднаш мора да изберете – едното или другото. Првото (кичот и шундот) се полесни за избор зашто не бараат напор, не бараат ништо, сакаат само да ги сакате.

Уметноста и културата се комплицирани, често напорни, бараат познавање, наметнуваат селекција и вредности, а богами умеат да бидат и критични, а тоа не секому му се допаѓа. Особено на власта, која и да е’! Затоа и продолжуваме да живееме среде овој конгломерат од кич и шунд не само во културата и уметноста туку и во науката, во образованието, во бизнисот… во политиката. Што инаку е она што се случуваше во Струга, сега викана Струхан, ако не најрудиментиран религиозен кич и шунд среде ваква опасна пандемија? Или, ако сакате, во целиот овој шунд политикантски циркус со источниот ни сосед?

Па дури и со ова несостанување на Собранието и „толкувањето“ на неговиот претседател дека никаде не пишува дека тој мора да одговори на писменото барање на триесеттина пратеници! Па да одговорите на нечие барања, особено на барање на колеги пратеници, е елементарна култура! Или се лажам? Станавме кич држава, за жал, и никого глава не го боли за тоа!

 

 

 

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

08:15 – 6. август 1945 – Хирошима одбележува 80-годишни од атомската бомба што го уништи градот

August 6, 2025

Тензично во Нов Белград – полицијата ги дели поддржувачите и противниците на Вучиќ

August 5, 2025

Стотици студенти и граѓани ја одбележаа 30-годишнината од „Олуја“ во глвниот град на Војводина

August 5, 2025

Израелски медиуми: Нетанјаху планира целосна окупација на Газа

August 5, 2025

Русија го укина мораториумот за распоредување ракети со среден и краток дострел

August 5, 2025
ФОКУС

Зеленски телефонски разговараше со Трамп – Украина ќе ѝ продава дронови на САД

ВЕСТИ August 5, 2025

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес разговараше по телефон со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд…

Најмалку 40 Палестинци убиени во Појасот Газа, десет на хуманитарните пунктови

August 4, 2025

Хамас објави нови снимки од израелскиот заложник Ром Браславски како се грчи од глад: На работ сум на смртта

August 4, 2025

Куманово: Национализам на трибините на кои седеа и Мицкоски, Toшковски, Стоиљковиќ, Димитриески

August 4, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.