Една третина од градот Кобани во Сирија е под контрола на џихадистите на Исламската држава, соопштува сирискиот Центар за мониторинг на човековите права.
– Сите источни и делови од североисточните и југоисточните квартови на градот се под контрола на ИД, информира шефот на Организација Рами Абдул Рахман.
Пентагон неодамна соопшти дека идејата за создавање тампон зона во близина на Кобани, предлог кој дојде од Турција, не е меѓу разгледуваните варијанти за воените активности.
– Тоа не е ново прашање, изјави портпаролот на Пентагон, нагласувајќи дека Турција веќе подолго време пројавува интерес за таква тампон зона. „Не е на масата на воените опции што ги разгледуваме. Имајќи го предвид кажаното, мислам дека тоа е тема за натамошни дискусии“.
Тој потенцираше дека воздушните напади не седоволни да се спаси Кобани.
– Нам ќе ни бидат неопходни обучени војници, борци од редовите на бунтовниците во Сирија или владините ирачки сили, за да ја победиме Исламската држава, но тоа ќе ни одземе време, нотираше тој.
Во меѓувреме, Барак Обама изрази увереност дека САД ќе продолжат да напредуваат во борбата против групата Исламската држава.
Обама на состанок со командантите на американската армија изјави дека САД ќе продолжат со воздушните напади во Ирак и Сирија заедно со своите меѓународни партнери.