Фудбалски земјотрес ги тресе Апенините. Италија не успеа преку Шведска до Светското првенство во Русија во 2018 година. Елиминацијата од Скандинавците во бараж двомечот се доживува како национална трагедија во земјата на четирикратниот планетарен титулар. Јавноста бара оставка од селекторот Џан Пјеро Вентура, тој, пак, истакна дека нема намера да ја поднесе, медиумите со отровни стрели кон водечките луѓе на италијанскиот фудбал и со барање за коренити промени во Федерацијата со кои би биле опфатени и хигиеничарките. Притоа се нотира дека неуспехот на репрезентацијата ќе има негативно влијание и врз БДП на земјата.
„Апокалипса“ и „Срамота“ се само дел од насловите во италијанските медиуми што осамнаа по горката ноемвриска вечер во Милано. „Азурите“ одиграа 0:0 на „Сан Сиро“, но поради поразот во првата средба во Стокхолм останаа без СП за првпат по 60 години.
Најтиражниот весник „Кориере дела Сера“ објави насловна страница со големи букви „Без Светско првенство по шест децении“. Поразителниот исход го поткрепи со фотографија на Џиџи Буфон со солзи во очите.
„Светско првенство без Италија. Или Италија без Светско првенство. Збогум на, повеќе или помалку, волшебните ноќи, групите на навивачи со парче пица и ладно пиво во рака и на илузиите дека може да сметаме на нешто повеќе барем во фудбалот“, забележува колумнистот Масимо Грамелини.
Насловна со „Крај“ отпечати „Газета дело Спорт“ со, исто така, Буфон кој на неславен начин ја заврши репрезентативната кариера. Меѓу останатите и „Република“ која објави „Пораз на Азурите, СП без Италија. Не успеавме“ и притоа забележува дека епилогот ќе има негативен ефект не само врз италијанскиот фудбал туку и врз националниот БДП.
„Ла Стапма“, пак, излезе со наслов „Апокалипса на Азурите, збогум СП“ додавајќи дека е направен скок наназад за 60 години.
„Во животот има и полоши работи, но тешко се проголтува вакво нешто во фудбалот“, стои во коментарот на весникот.
„Тутоспорт“ смета дека Италија и не заслужи да оди на Светското првенство со двете изданија против Шведска во баражот.
„Срамот не паѓа само врз Вентура туку врз целиот италијански фудбалски свет“, додава специјализираниот спортски дневник.
„Кориере дело Спорт“ сака да „замине се што е во италијанскиот фудбал“. Весникот очекува дека „Вентура ќе замине, но не смее да замине сам“.