Неапол: Италијанскиот остров Капри денеска го забрани пристигнувањето на туристи поради недостиг на вода предизвикан од проблеми со снабдувањето од копното.
Градоначалникот Паоло Фолко ја прогласи забраната во седум часот наутро поради што неколку фериботи веќе на пат кон островот мораа да се вратат назад. Тој предупреди на вонредна ситуација велејќи дека иако во петокот имало малку вода на островот, акумулациите се празни.
Компанијата задолжена за снабдување на островот со вода објави дека има технички потешкотии, а жителите на тој остров во близина на Неапол имаат право на 25 литри вода за пиење по домаќинство.
Капри, островот познат по своите бели вили, заливи и врвни хотели, има околу 13 илјади жители.