„Продолжува политичкиот ќор-сокак во Македонија“, е најновиот наслов во грчките медиуми откако опозициската СДСМ вчера го одби предлогот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за утврдување нов рок за доставување на листите за кандидати за градоначалник и за советници кој би траел до 3 март.
Се цитира и изјавата на вицепремиерот и министер за финансии Ставревски дека ако СДСМ го прифати предлогот, Собранието на итна седница би ги усвоило измените на Изборнот законик и тие веднаш би стапиле на сила.
Грчките медиуми информираат дека СДСМ „веднаш го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ останувајќи на ставот дека ќе учествуваат на локалните избори само ако владејачката партија го прифати условот за предвремени избори доколку опозициската коалиција победи на локалните“.
Весникот „Имерсија“ објавува и интервју на претседателот Ѓорѓи Иванов за „скопски интернет портал“ во кое тој вели дека „иако политичката ситуација во Македонија не и помага на земјата во процесот за присоединување кон ЕУ, Брисел не треба да ја казни земјата со негативен извештај“.
Весникот ја пренесува и изјавата на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски кој „реагирајќи на критиките на претседателот на државата против опозицијата, истакна дека господинот Иванов дејствува како марионета на Никола Груевски и затоа последен има право да ја проценува опозицијата и политичка акција“.