Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, најостро ги демантира лагите изнесени од страна на претседателот на Владата Зоран Заев во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, дека претседателот Иванов ќе го поддржи Договорот со Грција, пишува меѓу другото во соопштението што денеска го испрати Кабинетот на претседателот Иванов.
„Премиерот Заев со своите променливи, контрадикторни и конфузни ставови продолжува да ја лаже и манипулира не само македонската, туку и грчката и меѓународната јавност. Членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, не смеат да се злоупотребуваат за прифаќање на штетен Договор со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ. Македонскиот претседател не прифаќа Договор на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија. Ставот на претседателот Иванов е непроменет и нема да го поколебаат никакви притисоци, уцени и закани “, пишува во соопштението.
Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. На прес конференција потпретседателот на партијата Владо Мисајловски го обвини Заев дека „се откажа од Македонците во Егејска Македонија, нарекувајќи ги хеленистички Македонци и потврдувајќи ги идентитетските разлики со сите наши сонародници кои живеат надвор од границите.
„Зоран Заев вчера на странска телевизија, ги кажа прашањата кои одлучил да ги постави на референдум на кој што македонските граѓани треба да се изјаснат за сопствената иднина. Тоа не го стори ниту на македонската телевизија или некој од македонските национални медиуми, туку на грчката национална телевизија. Зоран Заев без никаква консултација со Претседателот на Република Македонија или со ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија, побрза да ја информира грчката јавност за детали од референдумот на кој што ќе гласа македонскиот народ“, рече Мисајловски.
Поради несогласувањата со власта околу Договорот за името, ВМРО-ДПМНЕ утре во Струмица ќе одржи протестен марш преку кој ќе го изрази своето незадоволство од водењето на надворешната политика на актуелната власт.
Премиерот Зоран Заев во вчерашното интервју за грчката државна телевизија меѓу другото рече дека прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за европската унија и НАТО и за поддршка на Договорот со Грција“ или „Дали сте за Европската унија и НАТО, поддржувајќи го името Република Северна Македонија“.