Во собранието продолжи расправата по законот за аудиовизуелни медиумски услуги кој според опозицијата стана закон за задушување на македонските медиуми.
– Всушност, тоа е закон за тотален мрак со кој државата, односно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе бидат медиуми. Тие си направија законска основа за корумпирање на медиумите со кој педесет проценти од програмата на медиумите со овој закон ќе биде плаќана од џебот на граѓаните, односно од буџетот. Накусо кажано, нека им е со среќа на новинарите. Сега власта има закон за корумпирање на новинарите и уредниците. И досега имало такви, но од сега, тоа ќе биде законски – ја пренесува Плусинфо изјавата на пратеничката на СДСМ, Цветанка Иванова.
Опозицијата, додаде таа, со поднесување на амандманите сакаше да го подобри овој закон.
– Понудивме решенија и реформи, вклучувајќи ги и предлозите за МРТ. Но, не беа прифатени. Власта не прифати ниту еден клучен амандман. Ова е пораз на демократијата. Овој закон ќе го погреба слободното мислење – нагласи пратеничката Иванова.