Според нецелосните резулати на изборите за членови на Претседателството на БиХ, водат Бакир Изетбеговиќ, Жељка Цвијановиќ и Драган Човиќ. Неизвесна е трката за член на Претседателството на БиХ од Република Српска.
Кандидатот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ добил најмногу гласови за бошњачки член на Претседателството на БиХ-194.455. Следат лидерот на Сојузот за подобра иднина (СББ) Фахрудин Радончиќ со 156.469 гласови и Емир Суљагиќ од Демократскиот фронт со 88.507 гласови.
Српскиот член на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ од Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) има 154.656 гласови, а лидерот на Партијата за демократски прогрес (ПДП) Младен Иваниќ има 153.446 гласови.
Според податоците на Централната изборна комисија, за хрватски член на Претседателството на БиХ води лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Драган Човиќ со 88.994 гласови пред лидерот на ХДЗ 1990 Мартин Рагуж кој добил 67.948 гласови.
Лидерот на СДА Бакир Изетбеговиќ веќе прогласи изборна победа. Претседателот на Социјалдемократската партија на БиХ (СДП), Златко Лагумџија им ја честиташе изборната победа на СДП со констатација дека според изборните резултати, партијата СДП, чиј кандидат Бакир Хаџиомеровиќ не влезе во државното претседателство, „заминала во опозиција“.
Изборна победа прогласи и лидерот на ХДЗ на БиХ Драган Човиќ, иако неговиот главен противкандидат Мартин Рагуж исто така очекува да биде победник по пребројувањето на сите ливчиња.
Кандидатот на Сојузот за промени за член на Претседателството на БиХ од Република Српска, лидерот на ПДП Младен Иваниќ е оптимист и верува во победа, иако според потпретседателот на СНСД Никола Шпириќ, може со сигурност да се најави изборната победа на Жељка Цвијановиќ.
Мобилните тимови на коалицијата „Под лупа“, невладина организација која го следеше текот на гласањето во БиХ, утврдиле дека имало извесни неправилности во текот на гласањето на одделни избирачки места, но „генералната оценка е дека процесот поминал добро“. Меѓународните набљудувачи уште не излегоа со оценки.