Украинското министерство за внатрешни работи издало налог за апсење на сега веќе бившиот претседател Виктор Јанукович.
Ова денеска преку Фејсбук го соопшти првивремениот министер за внатрешни работи Арсен Аваков, наведувајки дека против Јанукович е покренато обвинение за масовно убиство на мирољубиви граѓани. Според Аваков, Јанукович последен пат бил виден на Крим.
Некои медиуми јавуваат дека тој се обидел со авион да ја напушти Украина, но граничната полиција не му дозволила зашто ја немал потребната документација.
Вршителот на должноста претседател на Украина Олександар Турчинов вети дека земјата повторно ќе тргне по патот на европската интеграција и парлалелно со тоа ја подвлече важноста на добрите односи со Русија.
„Најважно за нас е повторно да појдеме по патот на европската интеграција“, изјави вчера Турчинов во обраќањето кон нацијата.
„Украина е подготвена за нови, рамноправни и добрососедски односи со Русија“, посочи притоа Турчинов и ја повика Русија да го почитува европскиот избор на Украина.