Изложбата „Б – линии“од 15 автори кои доаѓаат од Берлинската ликовна сцена утревечер ќе биде отворена во изложбениот простор на НЛБ Тутунска банка, како дел од Скопско лето 2013 година.
Јован Балов кој е кураторот на изложбата воедно и уметник кој живее и работи во Берлин, вели дека постановката нуди поглед на продукција на современи содржини на берлинската ликовна сцена, односно сликарството и цртежот кои се во знакот на традиционалната сликарска постапка.
Покрај германските уметници Малте Брантс, Карола Гелнер, Мартин Јуеф, Свења Шуфлер и Даниел Самбо Рихтер, дел од изложбата се и уметници од различни држави кои живеат во Берлин, како Лаура Брус од САД, Гења Шеф од Русија, Димитар Христов и Ана Матовска од Македонија, Кавата Мбити од Швајцарија, Ловро Артуковиќ од Хрватска, и Кристина Артола од Шпанија.
Ерменскиот уметник Арчи Галенц, кој втор пат изложува во Македонија, ќе се претстави со неговото интересно видување на географските карти на кавкаскиот и на балканскиот регион преку две дела насловени „Балканска рапсодија“ и „Кавкаска рапсодија“.