Украинскиот премиер Арсениј Јацењук изјави денес во Брисел дека одлуката на кримскиот парламент за соединување кон Русија е “нелегитимна”.
Јацењук зборуваше пред новинарите во Брисел каде што беше поканет да учествува на самитот на лидерите на ЕУ посветен на неговата земја.
Тој исто така смета дека референдумот закажан за 16 март “нема никаква законска база”. “Бараме од руската влада да не ги поддржува оние кои промовираат сепаратизам во Крим”, рече тој. Неговата порака до Русија е дека трупите испратени во Крим треба да се вратат во нивните касарни и дека потребен дијалог за да се дојде до “мирно решение” на кризата.
Сепак, тој предупреди дека “во случај на продолжување на ескалацијата, владата и воените власти на Украина ќе реагираат онака како што тоа го дозволува Уставот”.
Премиерот рече дека тие се спремни да ја штитат земјата. “Ние имаме помалку оружје од Русија, немаме нуклеарно оружје но имаме слободен дух”.
Тој исто така додаде дека Украина е подготвена да го потпише, што е можно побрзо, договорот за придружување кон ЕУ кој поранешниот претседател Виктор Јанукович го одби во ноември.