Поранешниот министер Миле Јанакиески е осуден на условна казна затвор од две години за случајот „Дизајн“, односно за набавката на 202 двокатни кинески автобуси, објави Основниот кривичен суд Скопје.
Условната казна за Јанакиески следи откако денеска тој призна вина, заедно со уште две обвинети кои членувале во Комисијата за јавни набавки, кои исто така се осудени на две години условно и по завршните зборови на надлежниот јавен обвинител и одбраната, судечкиот совет ја објави пресудата.
„Обвинетите М.Ј., С.Ф.П. и Ј.Ј.А., обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 в.в ст.1 од КЗ, беа огласени за виновни и осудени на условна осуда од 2 години затвор која нема да се реализира доколку обвинетите во следните 5 години не сторат ново кривично дело. Против пресудата странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд – Скопје“, велат од Основниот кривичен суд.
Предметот за обвинетиот Игор Јанушев, кој не ја призна вината, продолжува со главна расправа на 28.03.2022 година.