Виктор Јанукович денеска по втор пат се огласи во јавноста откако ја напушти Украина пред повеќе од две недели по крвавите судири помеѓу полицијата и демонстрантите во Киев.
Зборувајќи од Ростов во југозападна Русија, поранешниот претседател на Украина го потврди ставот дека ја оспорува легитимноста на актуелната власт во неговата земја.
„Позади таканаречената законска власт, се наоѓа банда на ултранационалисти и фашисти кои сакаат да го заземат претседателското место“, изјави Јанукович.
Нарекувајќи ги „црни сили“, тој ги обвини за контролирање при спроведување на законот и злупотреба на мирното цивилно население, а додатно упати и порака до Западот: „Заборавивте ли што значи фашизмот?“
Воедно и Русија која го поддржува Виктор Јанукович тврди дека крајно-десни националисти и фашисти стојат зад протестите во Киев и актуелната власт, кои според земјата на Путин, претставуваат закана за етничките Руси во Украина, и затоа се принудени да ги бранат.
Јанукович, кој се обрати поддржан со украинско знаме, инсистира дека тој е сеуште легитимниот претставник на народот, и напомена дека ќе се врати во Киев штом дозволат условите.
„Не само што сум легитимен претседател, туку сум и шеф на армијата. Не ги прекинав своите обврски, јас сум жив и не сум безмоќен“, рече поранешниот претседател на Украина.
Според него, привремената влада е нелигитимна а изборите закажани за 25.мај ќе бидат неуставни.
Тој на прес-конференцијата во Русија не одговараше на новинарски прашања.
Неодамна и Владимир Путин потенцираше дека неговата земја има одговорност да ги заштити етничките Руси кои живеат на Кримскиот Полуостров.
Русија на Крим поседува морнарица, многу важна стратегиска точка на пристаништето на Севастопољ.