Поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович се уште се смета себе си за легитимен претседател на Украина, јави ИТАР-ТАСС.
– Се уште се сметам за легитимен претседател на украинската држава, избран со слободната волја на украинските граѓани, посочува Јанукович во „обраќање до народот на Украина“.
– Не можам да останам нем на трагичните настани во мојата татковина. Сметам дека Спогодбата за надминување на кризата во Украина, што на 21 февруари 2014 година ја потпишавме јас и лидерите на украинската опозиција во присуство на почитуваните западни партнери, не е исполнета. Од улиците на многу градови во земјата ни се јавува екстремизам. Се упатуваат закани за физичка ликвидација кон мене и кон мои соработници, додава Јанукович во изјавата.
Јанукович упати молба до руските власти да му ја гарантираат „личната безбедност од активностите на екстремистите“.
Јанукович воедно им „нареди“ на украинските Вооружени сили да не се мешаат во настаните во земјата.
– Ако некој им издаде такви наредби на вооружените сили и безбедносните структури, тие ќе бидат нелегитимни и противзаконски, вели тој во „обраќањето“.
Според наводите, Јанукович во вторникот, во текот на ноќта, пристигнал во Москва и бил забележан во хотелот „Радисон ројал“, поранешниот хотел „Украина“.