Претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер го предупредил потпретседателот на САД Мајк Пенс дека на Балканот ќе има нова војна доколку ЕУ се распадне. Јункер ова го изјавил во интервју за “Financial Times”.
Јункер со потпретседателот на САД Пенс се сретнал во Брисел минатиот месец, но деталите од разговорот ги открива дури денес во споменатото интервју.
Во разговорот во Брисел Јункер му рекол на Пенс дека претседателот Доналд Трамп треба да престане со реториката која поттикнува и други држави да си заминат од ЕУ по одлуката Британија да ја напушти Унијата.
„Му реков на заменик-претседателот – не зборувајте така, не ги поттикнувајте и другите да си заминат, бидејќи ако ЕУ пропадне, ќе имате нова војна на Западен Балкан“, вели Јункер за “Financial Times”.
Според Јункер, многу е важно Балканот да ја има можноста и перспективата за приклучување кон европското семејство.
„Ако ги оставиме сами Босна, Република Српска, Македонија, Албанија, сите овие држави, тие повторно ќе имаат војна“, посочил Јункер и додал дека Трамп не е свесен за комплексната европска историја.