Фотографија: Премиерот Никола Груевскки на свеченост по повод започнување со работата на гасоводната делница

Руски цевки за гас на македонски терен. Кои фирми добиваат дел од бизнисот вреден 75 милиони долари?

Пишува: Наташа Стојановска

Руските цевки низ кои треба да тече гас се поставени на македонско тло. На шеесет километари долгата траса од Клечовце до Штип, остануваат уште два километри на кои треба да бидат монтирани гасоводните цевки. Цената на цевките, коишто за оваа траса се носат од Русија, според неофицијалните информации добиени од надлежните институции изнесува 14,5 милиони долари.

Истите извори за НОВА посочуваат велат дека се потребни уште 5 милиони долари за 8 блок станици кои што ќе бидат распоредени на делницата, а додека за останатите материјали, како и за градбата на самиот проект се наменети 40 милиони долари. Тоа се вкупно 60-тина милиони долари, колку што практично изнесува клириншкиот долг на Русија кон Македонија, пари со кои двете земји се договрија да се гради овој проект, а во кој Македонија учествува со уште 15 милиони долари од буџетот.

Извори од македонскиот тим кои учествуваа во преговорите за решавање на клириншкиот долг на Русија кон Македонија велат дека иако македонските власти барале материјалите со кои ќе се гради гасоводната делница да бидат од земјава, сепак не успеале тоа да го издејствуваат, па затоа сега најголемиот дел од материјалите доаѓаат како увоз од Русија. Русите имаат своја фирма изведувач и подизведувач, а тие фирми, пак, избраа неколку фирми од Македонија со кои ќе соработуваат на проектот.

Таен договор, плаќања со фактури и скапа делница

Оваа гасоводна делница вкупно ќе чини 75,7 милиони долари, од кои 60 милиони долари се пари од клириншкиот долг, а 15 милиони долари се од буџетот на Македонија. Односно, тоа значи дека Македонија учествува со 20% во изградбата на проектот. Во Законот за реализација на овој проект е наведено дека:

„Средствата кои изнесуваат 20% од вкупната вредност на склучените договори, согласно со член 4 од Меѓувладината спогодба се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, преку Министерството за транспорт и врски“, стои во Законот за реализација на проектот.

1.Како Македонија ги дава тие пари?

Извор од надлежните институции којшто сакаше да остане анонимен на НОВА и овозможи увид во документацијата за реализација на гасоводот. Кога рускиот изведувач ќе достави фактура за завршена работа до надлежните институции, тогаш тие му враќаат 20% од сумата на фактурите. Тврдат дека државата на овој начин, практично, на изведувачот му ја враќа сумата што претходно тој ја има уплатено за ДДВ и царина.

2.Како е утврдено дека делницата ќе чини 75,7 милиони долари?

Стартот на овој проект наиде на критики во јавноста затооа што никој не даде отчет како е утврдено дека 60 километри долгата траса ќе чини 75,7 милиони долари, што според дел од експертската фела беше оценет како еден од поскапите гасоводи. Според пресметките, еден километар ќе чини 1,2 милиони долари.

Извори од преговарачкиот тим за решавање на клириншкиот долг што Македонија го имаше со Русија, посочуваат дека пресметките за цената на чинење на делницата од Клечовце до Штип се добиени од страна на рускиот изведувач, но, засега таквата информација никој официјално не сака да ја потврди.

3.Дали делницата ќе чини повеќе од предвиденото?

Гасоводната делница Клечовце – Штип се гради по принципот „Клуч на рака“, но се отвора дилема дали земјава ќе има дополнителни трошоци за ставање во функција на оваа гасоводна делница? Дилемата се отвора затоа што во самиот Закон за реализација на проектот е наведено дека:

„Средствата потребни за дополнителни инвестициони вложувања и оперативно работење на инвеститорот до ставање во употреба на гасоводната делница се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, преку Министерството за транспорт и врски“, стои во Законот за реализација на проектот.

Договорот меѓу рускиот изведувач „Стројтрансгас“ и потписникот од македонската страна МЕР –Македонски енергетски ресурси, не е официјално објавен, па затоа јавноста нема увид во тоа што точно е предвидено во него.

Рускиот изведувач избран без тенедер

За изведувач на работите е избрана руската фирма „Стројтрансгас“. Изборот е направен без тендер, во договор меѓу владите на Македонија и Русија.
Изведувачот „Стројтрансгас“, потоа си избира свој подизведувач. Тоа е друга руска фирма „Севергасстројмонтаж“.

Подизведувачот „Севергасстројмонтаж“ има подружница во Скопје. Но, има има и своја фирма во Чешка под називот „СГСМ – оил и гас сервис“, која пак исто така отвора подружница во Скопје, и тоа неколку месеци пред стартот на гасоводниот проект. На двете подружници, како овластено лице се јавува гркот Јоаннис Ваизидас. А подружниците сега се сместени на иста адреса.

Кои домашни фирми ќе бидат дел од милионскиот проект

Но, подружницата на чешката фирма „СГСМ- оил и гас сервис“, чиј сопственик е рускиот подизведувач „Севергасстројмонтаж“ првично се наоѓаше на различна адреса од онаа на која е сега сместена. Односно, првично беше лоцирана на улицата Народен Фронт 5-4/7, а тоа практично е истата адреса, Народен Фронт 5-4/9 на која се наоѓа и фирмата „Чакар и Парнери“ за којашто Русите за НОВА посочија дека ќе работи на проектот.
Сопственик на оваа фирма е фамилијата Чакароски, но тие во проектот гасоводна делница ќе бидат вклучени со уште една нивна фирма. Тоа е фирмата „Гео -Кат Инжинеринг – Скопје“.

Освен овие две домашни компании, кои имаат ист газда, рускиот инвеститор, и надлежните институции од земјава посочија дека уште дваесетина други фирми од Македонија ќе работат на проектот. Но, истражувањето покажа дека и кај дел од другите фирми, има директна или индиректна поврзаност.

Па така најчесто се јавуваат имињата на Слободан Поповски и Горјан Максимовски. Нив двајца ги поврзуваат исти фирми и тоа, „Апаве“, „Институт за заварување -Југ“, „ДМБ“ позната како Димче Бањарот од Прилеп и „Монтинг “. Поповски и Максимовски имаат заеднички бизнис релации и поврзаност во посочените фирми кои треба да учествуваат на проектот гасоводна делница Клечовце –Штип.

И кумановскиот бизнисмен Тони Кранфиловски во милионскиот бизнис ќе биде вклучен со две фирми. Тоа се фирмите „Рапид Билд“ и „ФЗЦ 11 Октомври“, двете од Куманово. Во овие две фирми сопственик се јавува компанијата „Квалитет пром“, која е семејна компанија на Кранфиловски.

Во информацијата која што рускиот инвеститор ни ја достави наведено е дека учество во изградбата на гасоводната делница Клечовце ќе има и компанијата
„Дени Интернационале“.

Бизнисменот Тони Кранфиловски, посочи дека неговите фирми немаат капитална поврзаност со „Дени Интернационале“, но изостана одговорот дали постои роднинска поврзаност меѓу сопствениците.

Освен овие, Русите најавија вклучување и на фирмите „Факом“ на Минчо Јорданов, потоа на „Жикол“ во сопственост на струмичкиот бизнсимен Никола Пандев, РЖ Техничка контрола, Елте – Инжинеринг Скопје , ЕХИ Скопје, Спектартермо Скопје, Електроелемент Скопје, Козјак Куманово, Конти Хидропласт Гевѓелија, Лабино трејд – Гостивар, Фишер Куманово, Ју-бај 2 Амет с.Бојане, Мега Мајнинг Скопје.

Како Каранфиловски стана сопственик на фабриката за цевки

Интересно е дека влезот на Тони Каранфиловски со неговата фирма „Квалитет Пром“ во фабриката за цевки „ФЗЦ 11 Октомври“ се случи речиси паралено со најавата дека оваа фабрика ќе биде вклучена во милионскиот бизнис со гасоводната делница во Клечовце. Инаку, овој бизнисмен на јавноста и е познат по зделката со купувањето скапо земјиште за изградба на куќа во Охрид кај Канео заедно со уште две контроверзни компании блиски о луѓе од власта за коишто НОВА пишуваше оваа година.

Бизнисменот Тони Каранфиловски со неговата фирма „Квалитет Пром“, станува мнозински сопственик во „ФЗЦ 11 Октомври“, откако ги купи акциите што во фабрика за цевки ги поседуваше банката „Експорт -Импорт“, која е во стечај. А таму во одбор на доверители кои одлучуваат за продажбата на акциите се повеќе државни институции, физички лица, како и Стопанска Банка – Битола и Жито Лукс.

Банката „Експорт – Импорт“ поседуваше мнозински пакет акции во „ФЗЦ 11 Октомври“. Продажбата на овој мнозински пакет акции се случува во клучно време, односно токму кога стартува и изградбата на гасоводот во Клечовце во кој се вклучува и „ФЗЦ 11 Октомври“.

Стечајниот управник на „Експорт-Импорт“ Банката, Ацо Дамчевски, вели дека e чиста коинциденција е тоа што акциите што банката ги поседува во ФЗЦ 11 Октомври се продаваат токму во време кога фабриката ќе биде вклучена во изградбата на гасоводот. Дамчевски објаснува дека претходно акциите не можеле да се продадат затоа што за нив се водела судска постапка, а сега судовите одлучиле дека мнозинскиот пакет акции во „ФЗЦ 11 Октомври“ припаѓаат на „Експорт Импорт“ банката по што се реализирала и нивната продажба со одлука на Одборот на доверители во банката.

Инаку, сопственоста на акциите била оспорувана од страна на една германска компанија (која тврдела дека акциите се во нејзина сопственост а не во сопственот на „Експорт Импорт“ банката), чиј правен застапник Туше Гошев не успевме да го добиеме за да ја слушнеме нивната страна за судскиот процес.

Првата продажба на ФЗЦ 11 Октоомври поништена, фабриката продадена на втората продажба

За да се продадат акциите што „Експорт Импорт“ банката ги имала во „ФЗЦ 11 Октомври“, имало две јавни наддавања. Првото наддвање е неуспешно, а акциите се продаваат на второто наддвање кога ги купува Квалитет Пром.

На првото јавно наддавање, Одброт на доверители акциите ги продавал по цена од 3.100 денари. Имало три заинтерсирани фирми и тоа: кумановската Квалитет Пром, бугарската Јунан Стил и една фирма од Турција претставувана преку адвокатот Александар Кчев. Сите три понудиле пониска цена од таа што се барала во огласот.

Односно, фирмата на бизнисменот Каранфиловски „Квалитет Пром“ понудиле 500 денари по акција, а тоа било и највисоката понуда во однос на останатите две доставени понуди.

Со оглед дека не била постигната бараната цена на огласот, Одборот на доверители, го поништува овој обид за продажба, и носи нова одлука, односно да има ново јавно наддавање на кое минималната почетна цена ќе биде највисоката добиена понуда од првото јавно наддавање.

Или тоа значи дека Одборот на доверители во „Експорт- Импорт“ банката, донел одлука да има следно наддавање, каде почетната цена ќе биде 500 денари односно понудата што ја доставиле „Квалитет Пром“ на првото јавно наддавање.

Во Одборот на доверители кои носат одлука акциите на второто јавно наддавање да се продаваат по шест пати пониска цена од првично бараната, односно по цената што првично ја нуди Квалитет Пром, се неколку државни институции, физички лица и неколку приватни фирми. Односно, меѓу државните институции е НБРМ, а меѓу приватните фирми кои ја носат одлуката е Стопанска Банка –Битола и Жито Лукс.

Откако, деветчлениот состав на Одбротот на доверители, донел одлука да се оди со пониска цена, следува второто јавно надавање.

Но, на ова јавно наддавање само „Квалитет Пром“ ги исполнува условите за учество, а додека другите двајца заинтерирани учесници Есад Зумре од Турција и Џони Крето од Бугарија,(што практично се истите фирми од претходното наддавње, но овојпат се јавиле како физички лица) се исфрлени од игра оти не ги исполнувале условите.

Со тоа на второто јавно наддавање учествува само „Квалитет Пром“, и акциите ги купува по цена од 550 денари.

На овој начин, „Квалитет Пром“ на Кранфиловски станува сопственик на мнозинскиот пакет акции во ФЗЦ 11 Октомври за 2 милиони евра. Веднаш потоа новите газди најавија дека сакаат да го докупат и останатиот дел од акциите и со тоа да ја имаат целата фабрика во свои раце. За таа постапка чекаат одобрување од надлеќните институции.

Откако „Квалитет пром“ на Каранфиловски ја купува ФЗЦ 11 Октормви, следува и најавата дека оваа фабрика, која до пред неколку години книжеше загуби, сега ќе биде вклучена во проектот гасоводна делница Клечовце –Штип вредн 75,7 милиони долари.